Коментари

Телеграмата на Рендел од 25.8.1940 од Софија за Македонците наспроти „немакедонските Бугари“, која ги урива бугарските негирања на македонскиот народ!

Пишува: Свето Тоевски
„Македонците сè уште се прилично под сенка… тука во Бугарија. Повеќето немакедонски Бугари сметаат дека Македонците донеле повеќе неволји… отколку што биле од корист.  .. Мнозинството од македонското население се стреми кон независна Македонска Република.“ – ќе нагласи британскиот амбасадор во Бугарија Џорџ Рендел во своето писмо, кое го испраќа до британското Министерство за надворешни работи – Форин Офисот на денешен ден, на 25 август 1940 година од Софија.

Во оваа телеграма, која е, всушност, разузнавачки извештај, британскиот дипломат Рендел ги анализира состојбата на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, во Софија, како и во вардарскиот дел на Македонија, во тогашна кралска Југодславија, но и воопшто положбата на сите три делови на Македонија во квечерината на Втората светска војна на Балканот. Во овој историски документ, заведен под сигнатурата „TNA FO 371/24880“ во Британскиот архив, Рендел го известува британското Министерство за надворешни работи – Форин офисот дека Македонците се соочуваат со силен притисок од соседните држави, но и оти имаат сопствен национален идентитет и изразени автономистички стремежи. Тој го опишува македонското население како незадоволно од тогашната југословенска (српска), грчка и бугарска власт.

Британскиот амбасадор Џорџ Рендел во Софија во 1940 година

Рендел: „Македонците не се чувствуваат ниту како Срби, ниту како Бугари, или Грци, туку бараат своја засебна македонска државност“

Британскиот амбасадор пишува дека „Македонците својот спас го гледаат во Русија (тогашниот Советски Сојуз)“, , од која се надеваат и очекуваат дека „по војната ќе им помогне да формираат посебна, самостојна Македонска Република“. Оваа телеграма, заедно со придружните коментари на британските дипломати (како оној на Џорџ Клатон), е еден од клучните британски дипломатски документи, кои докажуваат дека и пред Втората светска војна британското разузнавање јасно бележело оти Македонците не се чувствуваат ниту како Срби, ниту како Бугари или Грци, туку дека бараат своја засебна македонска државност.

Обидувајќи се да ги окарактеризира Македонците како народ Рендел во својата телеграма-разузнавачки извештај од 25 август ќе заклучи: „Македонците се познати по својот тежок карактер и имаат многу од карактеристиките на Ирците… Тие се најсреќни во спротивставувањето на кој било режим, што постои. “

Македонците наспроти „немакедонските Бугари“ во телеграмата-разузнавачки извештај на Рендел

Оваа телеграма-разузнавачки извештај на британскиот амбасадор Џорџ Рендел од 25 август 1940 година претставува политичко-дипломатски документ од првокласно значење: во него тој многу јасно и прецизно означува, од една страна, постоење „Македонци“ како народ и, од друга страна, постоење „немакедонски Бугари“, спротивно на денешната позиција на официјална Софија дека сите „Македонци не се Македонци“ туку „Македонски Бугари“, или „сѐ уште неразбудени, неосвестени Бугари“.

ПОЛИТИЧКИ ДЕМОНСТРАЦИИ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СОФИЈА ВО 1939: Фотографија со наслов „Политички немири во Бугарија“ „Political Riots In Bulgaria“) на австралиското илустрирано списание „Pix“ од Сиднеј, на растурање политички демонстрации на Македонците во Софија, на која јасно се гледа густа толпа луѓе, коњичка полиција со пушки и сабји и граѓани, кои се растураат, или паѓаат (датумот на објавување е околу 11 ноември 1939 година, според податоците на Националната библиотека на Австралија)

Овој документ има особена важност, затоа што станува збор за автентична британска дипломатска документација од Софија, 25 август 1940, објавена во академската едиција „Документи на британскиот Форин Офис за Македонското прашање, 1919-1941“) („British Foreign Office Documents on the Macedonian Question, 1919 – 1941“). Британското Министерство за надворешни работи уште во 1940 година употребува израз „Македонско прашање“. Негови дипломати од срцето на Бугарија испраќаат депеши до Лондон, говорејќи за „Македонци тешки во табиетот како Ирците“, кои „се најсреќни кога му се спротивставуваат на секој, на кој било режим“ и кои „сакаат да имаат своја самостојна Македонска Република“! А денес политичкото раководство на Бугарија, нејзината Бугарска академија на науки и цела низа други бугарски политичари и „научници“ тврдат низ Европа: „Њама Македонци, њама македонски език“, „Тито ги измислил и ги создал со свој политички декрет“.

Во споменатата телеграма од 25 август 1940 година Рендел не го употребува терминот Македонци (Macedonians), само еднаш, туку оваа идентитетска одредница за цел еден етникум ја користи систематски и во различни политички контексти: Македонци („the Macedonians), „самите Македонци“ (the Macedonians themselves”), „македонските членови“ (“the Macedonian members“), „голем број – мнозинство Македонци“ (“large section of the Macedonians”) „самостојна Македонска Советска република“ („autonomous Macedonian Soviet Republic”). А наспроти Македонците Британецот Рендел говори за „немакедонски Бугари“ („non-Macedonian Bulgarians”), значи за Бугари како Бугари, за не за Македонци како Бугари!

Џорџ Рендел во Истанбул, во Турција, на 11 март 1941 година, додека е сѐ уште британски дипломатски претставник во Софија, но и во моменти кога веќе ја напушташе таа функција, затоа што Британија ги прекина дипломатските односи со Бугарија, откако Софија на 1 март 1941 го потпишува „Тројниот пакт“ со Адолф Хитлер и нацистичка Германија. Потоа германски трупи влегуваат во Бугарија, а на 8 март 1941 Рендел го праќа својот можеби последен извештај од Софија како британски амбасадор

Најважното кај овој британски дипломат е фактот што кај него „Македонците“ функционираат како засебно именувана етничко-идентитетска категорија на луѓе со сопствени политички ставови, организации, ориентации и цели. Најсилниот момент е можеби формулацијата од неговата телеграма од 25 август дека  дека „Најголемиот број немакедонски Бугари чувствуваат дека Македонците ѝ донесуваат на Бугарија многу повеќе проблеми и неволји, одошто ѝ ползуваат.“

Значи, Рендел ги става едни наспроти други: „Македонци“  — “немакедонски Бугари“, или поточно едни против други, каква што и била фактичката ситуација! Во својот дипломатски документ од Софија во 1940 година овој дипломат изнесува „студени“ разузнавачки  факти за постоењето македонски народ, кои ги гледа со своите очи, а за кои се „слепи“ бездруго најголемиот дел од денешните бугарски политичари. Неговата телеграма-разузнавачки извештај е првокласен доказ за тоа како еден висок британски дипломат во Софија пред 86 години ги концептуализирал Македонците како посебно именуван политички чинител, различно означен од „немакедонските Бугари“. Тој дипломатско-разузнавачки документ денес задобива огромно значење како доказ, кој целосно ги урива бугарските шовинистички фалсификати и негирања на самото елементарно постоење на македонскиот народ, на неговата етничка, идентитетска и јазична засебност во Балканот и Европа.

Британскиот министер за надворешни работи лордот Халифакс претседава со состанок на 16 април 1940 година, на кој присуствува и Џорџ Рендел, британскиот амбасадор во Софија, во Бугарија (седи прв крајно од десно)
Британското Министерство за надворешни работи-Форин Офисот во 1940 третирало конкретно „Македонско прашање“, кое денес Бугарија тврди дека „не постои“

Британската дипломатија во тој момент, во 1940 година, не третира некакво апстрактно „Македонско прашање“, туку судбина на конкретен народ во Балканот и македонски политички чинител, кој Германија, Италија и СССР се обидуваат да го придобијат, заради свои цели. Но, истиот тој македонски народ и македонски политички чинител ќе одбијат да бидат во служба на било кој фашистички окупатор и ќе развијат своја сопствена политичка и антифашистичка борба, извојувајќи во Втората светска војна сопствена национална слобода и ќе ја основаат самостојната македонска држава со одлуките на АСНОМ.

Во својата научна студија „Британскиот Форин Офис и македонскиот национален идентитет, 1918-1941“ угледниот канадско-македонски историчар и пензиониран професор на Универзитетот во Торонто, во Канада, Ендрју Росос истакнува дека споменатата телеграма на Рендел не е само изолиран дипломатски исказ, туку е дел од поширока британска низа на дипломатски документи за македонскиот национален идентитет. Росос е еден од најважните светски експерти за балканска политика, за историјата на Македонија и развојот на македонскиот национален идентитет и од 2012 година член на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ) надвор од работниот состав.

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна политиколошко-историска анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија, ниту се став на редакцијата на „Експрес“)

Најново од: Коментари

Чудата на Свети Димитрија

Во редот на најзначајните хагиографски трудови од рановизантиската литература спаѓаат и „Чудата на Свети Димитрија” (Miracula Sancti Demetrii) се три збирки од која првата ги опфаќа „Чудата” што се однесуваат на периодот од крајот на VI до 20-тите години на VII век. Неа ја составил солунскиот архиепископ Јован, современик на овој период. Втората збирка ги опфаќа […]

Македонија, парче од рајот што треба сите да го почитуваме

Ми пукна филмот од Али Ахмети што ја отвора историјата само кога му треба аргумент за дневна политика. Али, кога зборуваш за тоа кој е староседелец во Македонија, што добиваат граѓаните од тоа твое тврдење, освен дека тоа е твоја провокација? И што, според тебе, добива оној што ќе го прогласиш за постар од соседот? […]

Македонија: за безбедноста на Европа – доверлив партнер, за членство во ЕУ – вечен кандидат?

Европа не може од кандидатите да бара европско однесување, а од членките да прифаќа секое условување Македонија заслужува јасен одговор: дали патот кон Европската Унија се отвора со исполнување на европските критериуми или со бескрајно прифаќање нови политички услови? Од одговорот на ова прашање зависи довербата во европската идеја. Граѓаните треба да знаат што се […]

Македонија е факт – не е за раздавање и уништување на нејзиното ткиво

Сите луѓе и култури се живи истории. Сè она што сме е одраз на потеклото, историското минато проткаено со мачна, но богата историја. Јазиците што ги зборуваме се наследени од минатото. Нашите култури, традиции и религии се наследени од минатото. Ние дури го наследуваме нашиот генетски состав од оние што живееле пред нас. Познавањето на […]

Јас, мама, тато, сестра ми и брат ми — заедно сме иднината на Македонија!

Не е доволно да се гордееме со предците ако не се грижиме за потомците. Македонија ја чувале генерации што верувале дека по нив ќе има кој да го продолжи животот, да го зборува јазикот и да го зачува огништето. Наша обврска е таа верба да не згасне. Во минатото судбината на македонскиот народ често се […]

Долгот на македонската интелигенцијата — опомена од 1926 година што важи и денес

Од опомената на Владимир Руменов во 1926 година до денешната одговорност кон државата — знаењето, чесноста и посветената работа во служба на Македонија. Во статијата „Долгот на македонската интелигенција“, објавена во весникот „Независима Македония“ на 11 јуни 1926 година, д-р Владимир Руменов пишува за одговорноста на образованите луѓе кон заедницата. Иако неговиот текст произлегува од […]

Колку повеќе ТИ трае младоста, толку поубава СИ МАКЕДОНИЈО!

Немој да ја навредувате МАКЕДОНИЈА. Тоа е како да сте ни ги прекршиле рацете. Можеби ќе ви простиме, но никогаш не ќе можеме да ве прегрнеме. Колумнава ја посветувам на моите соборци, вистински херои на ВМРО-ДПМНЕ и МАКЕДОНИЈА, со голема благодарност до сите БРВЕНЧАНИ што ми овозможија прилика и чест да бидам дел од ВАШАТА […]

Блиски сме и треба да си помагаме

Има подадени раце што човек ги памети цел живот. Особено оние што ги примил во тежок час, кога иднината на неговата татковина била неизвесна. Јас ја паметам подадената рака од Бугарија. Ги паметам луѓето, помошта и зборовите што тогаш ни даваа надеж. Токму затоа денешните блокади и оспорувања ме погодуваат толку длабоко. Во 1991 година, […]

To top