Среда, 02 Јули 2014   
Дневникот на Арчибалд Рајс - Солунски фронт (1)

tihomir-karanfilov-2
Тихомир Каранфилов

Првата Светска Војна која се одвива од 1914 до 1918 година, започната за повторна поделба на светот помеѓу Антантата (Франција, Англија, Русија и Италија по 1915 година) и Централните сили (Германија, Австроунгарија и Италија до 1915 година), е една од најкрвавите војни кои светот ги познава. Ниеден претходен конфликт не вклучил толкав број на војници или толку многу луѓе на бојното поле. Во оваа војна, за првпат се изведени првите масовни бомбардирања на цивили од воздух и е употребено хемиското оружје. Четирите династии Хабсбурговци, Романови, Отоманците и Хохенцолерните паѓаат за време или по војната.

Атентатот на Гаврило Принцип врз надвојводата Франц Фердинанд и неговата жена Софија во Сараево, во кој загинуваат и двајцата, ќе биде повод Австро-Унгарија да објави војна на Србија. Австроунгарско-српската војна ќе ги вклучи спротивставените сојузи во безмилосна војна. Уште од првиот ден на војната во летото 1914 година, Големите сили ги поларизираат и привлекуваат балканските држави на своја страна: Србија (1914), Бугарија (1915) и Грција (1917).

Македонија разделена на три дела, била најневралгичната територија во односите на трите монархии и многу значајно воено-политичко и стратешко прашање за завојуваните сили на Антантата и Централните сили. Балканот и Македонија стануваат главна точка за нивните планови за хегемонија на овој дел од Европа. И двете завојувани страни се стремат да ја контролираат територијата на Македонија преку која може да се излезе на Солун.

По влегувањето на Бугарија во војна во есента 1915 година на страната на Централните сили, Србија е поразена и мора да се повлекува преку Албанија. Обидот на Сојузниците да и` помогнат на Србија, кој доаѓа со закаснување и во недоволен број, останува неуспешен. Дополнително експедицијата на сојузниците била отежната поради внатрешната политичка криза во Грција. Британскиот генералштаб бил готов да замине, но по протестот на француската влада остануваа и сојузниците се утврдуваат околу Солун.

Во меѓувреме, во Грција се усложнува политичката ситуација. Иако официјално Грција била неутрална, кралот Константин бил про-германски ориентиран, за разлика од премиерот Елефтериос Венизелос кој бил со Французите. Грците во почетокот им даваат поддршка на сојузниците, но потоа се спротивставуваат, поради што Венизелос поднесува оставка. Германците кои се обидувале да ја придобијат Грција на своја страна, не ја преминуваа грчката граница. Така, на крај, бил создаден фронт кој е познат како Солунски или Македонски фронт.

Солунскиот фронт кој се протега на територијата на Македонија, од Албанската обала до Орфанскиот залив во Егејско Море, и покрај поединечните акции, ќе се одржи се` до големата сојузничка офанзива која започнува на 15 септември 1918 година, по која Бугарија ќе капитулира, а Србија ќе биде ослободена. Северно од линијата на Македонскиот фронт се распоредени трупите на Централните сили (Германија, Австро-Унгарија и Бугарија), а јужно силите на Антантата (Франција, Британија, Србија, Русија, Италија, подоцна Грција).

Со влегувањето на Романија во војната во август 1916 година, бугарските сили преминуваат  во одбрана, а францускиот генерал Морис Сарај ќе го искористи тоа и во контраофанзива во правец на Горничево и Битола ќе ја пробијат одбраната на бугарската Прва армија, принудувајќи ги на повлекување. На 19 ноември тие ја заземаат Битола. По тешките тримесечни борби настанува затишје на целиот фронт.

Рудолф Арчибалд Рајс (1875-1929) бил истакнат швајцарски правник и професор на Универзитетот во Лозана, кој како истакнат криминолог доаѓа во 1914 во Србија за да ги истражува злосторставата на Австро-унгарија врз цивилите. По поразот се повлекува со српската војска преку Албанија и потоа работи како воен разузнувач и новинар кој известувал од Солунскиот фронт. За време на неговите патешествија низ Македонија, тој водел дневник и пишувал писма кои се собрани и документирани и претставуваат значајно сведоштво за настаните кои се случиле на линијата на Солунскиот фронт. Во дневникот тој ќе забележи дека планината во својата утроба чува илјадници коски на незнајни војници кои заедно со мртвите од останатите бојни полиња низ светот ја создадоа светската кланица во која загинаа над 15 милиони луѓе.

Во неговиот дневник од кој донесуваме извод, Рајс за настаните во Грција, Романија и на Солунскиот фронт пишува:

„3 декември 1916 - Во градот постои вознемиреност. Атинските ројалисти ги вовлекоа војниците на Антантата во заседа. Загинаа 42, а ранети се 83 војници. Сојузниците мораа да се повлечат на своите бродови. Изгледа дека Константиновите ројалисти дури успеле да фатат заробеници. Бомбардиран е и кралскиот двор додека во него беа министрите на Антантата. Ројалистите ги завзедоа сите јавни институции и ги нападнаа венизелистите. Сигурно е дека сојузниците нема да седат со скрстени раце. Овој пат, да се надеваме дека, тие ќе го исфрлат германскиот маршал Константин...

4 декември – Денес разбравме некои поединости за атинските настани. Сојузниците навистина морале да се вратат на своите бродови. Има заробеници и на двете страни. Сојузничките одреди биле нападнати додека мирно оделе во Запејон. Кралот беше предавник. Му рекол на адмиралот ди Фурнеу дека нема да го предаде оружјето, но, тој може да го бара, а неговите трупи нема да дадат отпор. Се знае што се случи и само треба да се надеваме дека Антантата ќе го казни овој германски крал како што и го заслужува. Атинските венизелисти биле нападнати од ројалистите и изгледа има и мртви.

6 декември - Утрово владее доста песимистичко расположение. Романија и понатака отстапува, а Германците се пред Букурешт. Сигурно ќе падне во нивни раце. Тогаш Германците ќе можат да ги ослободат своите трупи во Романија и ќе ги упатат на битолскиот фронт. Можеби грчкиот крал Константин само го чекал овој момент за да им се приклучи на Бугарите и Германците преку Тесалија. Денес кога гледа дека на овој фронт сојузниците,... напредуваат, навистина полека, тој сака повторно да заобиколува. Треба да се надеваме дека овој пат Антантата нема да му дозволи измама.

7 декември – Времето веќе не му влева на човекот оптимизам, а веста за падот на Букурешт нее од таква природа да го подигне моралот. Што ќе се случи сега? Дали Германците ќе ги употребат трупите кои до сега војуваа во Романија...? Да се надеваме дека нема. Романија се уште не е целосно поразена. Таа се уште има војници, навистина деморализирани. Згора на тоа, тука се и Русите и руската офанзива во Галиција започна. Тие ќе траба да ја спасат Романија и во исто време да го заштитат Солунскиот фронт. Цел ден имаше лошо време. Вардарскиот ветер кој сеуште дува бесно, носи оџаци од тули,... го кине платното на терасите на пиварите итн. ...Тажно е, и ова време влијае на моралот на луѓето. Човекот станува песимист. Уште колку долго ќе трае оваа војна? Но, ќе се вратат убавите денови, а со и нив и тврдата вера во победа...“

Рајс прави разлика меќу Срби, Бугари, Грци и Македонци. Во делот во кој го опишува своето патување за Битола тој говори и за македонските селани кои му помагаат да помине по поплавените патишта. Опишувајќи го ова патешествие Рајс вели:

„8 декември - Доаѓам од фронтот. Паѓа дожд и сивото небо не ветува дека наскоро ќе биде подобро. Како е тмурна Вардарската рамница кога паѓа декемврискиот дожд! ...Патот е калив и нашите камионети потскокнуваат како кози. Поминуваме низ Ениџе Вардар во исто време кога и капетан Гауден (англиски офицер за врска). Еден камионет ни доаѓа во пресрет, и од него излегува еден српски жандарм да ни каже дека патот е пресечен од поплава. ...Сепак се решаваме да ја пробаме среќата. Но, откако изминавме еден километар, пред себе видовме право езеро од кое се појавуваат врби и исушена трска. Патот го покажуваат телефонските столбови. Еден француски автомобил ни дојде во пресрет и неговиот возач ни вели дека е невозможно да се помине. Сепак, македонските селани со коли кои ги влечат биволи поминуваат низ каливата вода. Работата е едноставна, ќе ги реквирираме овие запреги и ќе не` влечат низ водата. Само овие селани имаат илјада причини да ни кажат дека не сакаат да не` влечат. Со енргичност и перспектива од еден бакшиш, ни поаѓа за рака да го впрегнеме нашиот камионет и да тргнеме напред низ водата. Движењето низ водата трае веќе еден час и наместа водата на биволите им е до стомакот. Кога стигнавме до другата страна, не стигнаа Гауден и принцовиот транспорт. Нив ги влечел голем камион кој имал високи тркала. Дождот сеуште паѓаше, а ние продолживме со своите средства по вертокапскиот пат... Ноќта се спушта и последното парче пат до Воден го поминува низ густа магла...

9 декември – Дождот паѓаше цела ноќ, но утрото изгледаше дека времето ќе се сврти на подобро. Купуваме прехранбени производи во Српската задруга, зошто не знаеме што ќе затекнеме во Битола. Во 9 часот тргаме. Мили Боже, како дождот го расипа патот направен само пред неколку недели. На една кривина водата се спушта како водопад од планината и така создадената буица го пресекла патот. Сепак поминавме. Сонцето не` огрева, бледо сонце после дожд, а ние се возиме по ископан, калив и лизгав пат... Дождот ја излока калдрмата од старата Виа Егнација и ние скокаме како балони во нашиот камионет...“

Сојузничките сили ја завзеле Битола на 19 ноември 1916 година. Бугарските и Германските воени единици кои се повлекле на позициите во Потпелистерието и во селото Снегово, кои доминираат над градот, започнале секојдневно да ја бомбардираат Битола. Така започнува двогодишното страдање на Битолчани. Рајс која ја посетува Битола во овој период, во својот дневник ќе забележи:

„Сега сонцето обилно сјае и попладнето пристигнавме во Врбени, меѓутоа штабот на првата армија се преселил во Бач... Патот од Врбени, скоро стално лош, закрчен е со секаква вид на комора. Насекаде има војници. Се гледа како се распрснуваат шрапнели над Битола. Стигнуваме на битолската станица. Тука нема никој, но огромните дупки од „мармити“ покажуваат дека Бугарите и Германците озбилно го бомбардираат ова место. Сообраќајот на улиците исто така е многу помал за разлика од последниот пат кога дојдов тука. Битолчаните се кријат под земја. Од другата страна на долината се води борба и огнените ѕидови, далеку пред Битола, наговестуваат добро напредување на нашите кои беа појачани со Русите. Околу Битола грмат без престан француските топови. Тоа се непрекинати трескоти. Францускиот генерал Леблоа има тука Главен стан и непријателите го бомбардираат градот секој ден...

12 декември – Ја завршив својата работа во Битола и одам да ги посетам селата. Одам до генералот Леблоа да барам автомобил за да ме однесе до Бач, седиште на Главниот стан на првата армија и центар од каде треба да работам на разни страни. Генералот, многу љубезен, со својот засипнат глас, кој речиси не се ни слуша, може да ми даде само еден камион за комората. На мојата објава пишува дека треба да заминам после 16 саатот. Тројца војници го носат нашиот багаж до француската „Пошта и благајна“ на еврејскиот пазар во „Фелдмаршал Макензиштрасе“, од каде треба да тргнам. Уште не е ни 14 часот и ни кажуваат дека камионите нема да заминат пред 18 или 19 часот. За среќа наидува еден камион и ние ќе можеме да заминиме за десет минути. Отткако го истовари место, го натоварија нашиот багаж и тргнавме. Треба да помине едно лошо место на излез од градот, близу до касарната и мостот. Нашиот камион храбро оди напред, но пред да стигнеме до мостот, паѓаат седум гранати и за несреќа нашиот мотор попушта. Сепак пристигаме на другата страна, и моторот се поправа. Меѓутоа, само што изминавме 50 метри, една „мармита“ падна позади нашит камион и ја отвара вратата. Еден потрес и нашата позадина е прекриена со цигли, тоа е се`. Уште една граната се распрснува пред нас и нашиот камион е прекриен со земја и кал. Гранатирањето заврши, моторот и тркалата се исправни и ние го продолжуваме својот пат без препреки, и покрај тоа што непријателските гранати достигаат и до 6 километри зад Битола, поради што француската интедантура е приморана да се повлече подалеку зошто гранатите паѓаат врз неа. Го поминуваме Негочане и стигнуваме во Секулево...

Освен што Битола и околината се гранатира, на небото се водат воздушни битки. Рајс чие срце подоцна ќе биде пренесено на Кајмакчалан за ова пишува во продолжение на својот дневник.

Продолжува

 

 

На прво место

News image

ВМРО– ДПМНЕ и претседателот Мицкоски со убедлива поддршка од граѓаните

ВМРО– ДПМНЕ и претседателот Мицкоски со убедлива поддршка од граѓаните, полицијата на терен во Ара...

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.