Среда, 24 Декември 2014   
Ветерници во Македонија на почетокот на XX век?!

tihomir-karanfilov-2
Тихомир Каранфилов

Енергијата на ветерот е една од првите енергии која ја користел човекот. Уште старите Египјани го користеле ветерот за движење на своите бродови и ветерни мелници. Денес енергијата на ветерот се користи за производство на електрична енергија и претставува еден најбрзорастечки сегмент во индустријата на обновливи извори на електрична енергија, кое свое место наоѓа и во Македонија. Меѓутоа, многу малку се знае дека во Македонија во почетокот на XX век постоеле ветерни мелници. Бранислав Русиќ во првата половина на минатиот век пишува за нив во својот труд „Некогашните ветерници во Македонија“.

Бранислав Русиќ бил одличен познавач на Македонија и животот на македонскиот народ. Во портретот кој го прави Политика (27.XII.1959) за него ќе напише:

„Б. Русиќ е роден 1912 година во Поречкото Томино село, Македонија. Татко му бил учител кој ќе влијае врз неговата понатамошна ориентација во правец на проучување на народниот живот во Македонија. Се образувал во Прилеп, Крушевац, Битола и во Белград, каде од 1933 до 1937  година студира етнологија. Останува да работи како асистент, а докторира дури по Втората Светска Војна во 1951 година во Загреб. За време на војната бил во германско заробеништво, а по војната работи како експерт во Институтот за меѓународни прашања при тогашното Министерство за надворешни работи, а во врска со конференцијата за мир во Париз. На повик на Владата на Народна Република Македонија, во 1947 година доаѓа на Филозовскиот факултет во Скопје каде предава етнологија. Формира Етнолошкиот завод (семинар) и создава услови за научна работа, како и на Фолклорниот институт во Скопје. Во 1951 година избран е за доцент, а во март за вонреден професор.

За време на летниот распуст во 1934 година, со нотес во раката и Упатсво за проучување на народниот живот, Русиќ тргнал пешки по населбите во југозападна Македонија да собира материјал. Во есента истата година ја напишал својата прва теренска статија за народните верувања „Уште нешто за црквите манастирите и мртовците“, кој бил позитивно оценет и запазен во научните кругови. Отогаш секое лето патувал и по другите делови на Македонија и со се` поголемо искуство го истражува народниот живот и пишува теми за кои добива највисоки признанија. Трудовите ги објавува во еминентни часописи како што е на пример „Гласникот на Етнографскиот музеј во Белград. За неколку години веќе немаше ниту еден дел на Вардарска, Егејска и Пиринска Македонија која не ја посетил, а некаде навраќал и по неколку пати...“

Во текот на својата работа Бранислав Русиќ напишал над стотина мали и големи стручни и научни прилози меѓу кои и „Некогашните ветерници во Македонија“. Истражувајќи за ветерните мелници во Македонија, тој прво се сретнува со податоци во печатот за кои вели:   

„Во краткиот прилог во дневникот Вардар во почетокот на 1935 година Миленко Филиповиќ прв на наш јазик го скрена вниманието на читателите дека на тлото на денешна Македонија, во Ветерско, село во близина на вливот на Пчиња во Вардар, над Велес, имало две ветерници („ветерни воденици“ или „воденици на ветер“) и дека во атарот на тоа село, на границата спрема соседното село Летевци, има брдо „Ветерна Воденица“, чие име укажува и народното предание потврдува дека некогаш таму имало ветерница. Дека недалеку оттука постоела уште една ветерница, од другата страна на Вардар, говори и името „Ветрило“ во селото Белештевица, кое значи крило или крила на ветерница. Филиповиќ го наведува записот на Адолф Штрук од почетокот на XX век во кој се вели дека ветерници имало и во делот на Македонија надвор од рамките на Југославија, и тоа во Палигирос насред Халкидики. Рајко Николиќ во расправата за ветерници во Југославија наведува уште еден податок од Македонија надвор од нашата држава кој го забележал Густав Вајганд во населбата Џувезни северозападно од Лагадинското езеро. Филиповиќ со право додава дека некогаш во Повардарието имало ветерници. Николиќ уште го соопштува кажувањето на Душан Недељковиќ дека една ветерница за мелење броч (Rubia tinctorum за боење на ткаенини) била некаде во околината на Дебар, меѓутоа не можев да утврдам на кој селски атар се наоѓала“.  

Податоците дека во Македонија постоеле ветерници го привлекува вниманието на Русиќ кој започнува да истражува по Втората Светска Војна и има можност да забележи неколку нови податоци за места во кои имало ветерници. Притоа стапува во контакт со еден жив градител на ветерници од кој добива нови сознанија за овој вид на мелници. За време на истражувањето тој посетува повеќе места во Македонија. Од собраниот материјал во Охридско и Струшко тој ќе забележи:

„На едно возвишение во општината Струга, во Мраморец во Дебарца, на пат кон Турје, во 1947 година видов ѕидана четвртаста ветерница, чии крила беа од железо, во облик на воденичко коло со искосени перки. Меѓутоа, бидејќи беше исклучена, не можев да ги видам и нејзините внатрешни делови. Слушнав дека сопственикот Трајче Пауноски, некогашен печалбар во Бугарија, ја изградил во 1943 година и дека мелел жито, меѓутоа била оштетена за време на војната.

Дознав дека една ветерница имало на земјиштето на Охридското село Коњско, на западните страни на Галичица. Сопственик бил Паунко Љамбески. Нему (во) 1942 година му ја изградил Драги Зимони, столар и некогашен граничар во подрачјето на Охридското езеро, жител на блиското село Пештани, а по потекло од Чачак, Србија. Зимони бил во Словенија и некаде во неа видел ветерници, а во 1942 година во раце му паднала книга за тие мелници, па се нафатил да му ја исполни желбата на Паунко. Ѕидовите ги направил од камен, а крилата од железни перки, слични на воденичко коло, кои можеа да се завртат кон правецот на ветерот. Внатрешните делови во голем дел биле направени од железо и по нацрт на Зимони ги направил некој ковач од Охрид. Паунко за таа ветерница платил 250.000 левови. Сопственикот во неа сомлел само “осмак“ жито. Ветерот дувал толку силно така да крилата се вртеа многу брзо, а вртењето не можело да се намали, по што крилата беа откорнати и уништени. Сопственикот и градителот велат дека имало некаква грешка во изработката на големото и малото тркало (“буклет“, кој имал помалку запци отколку што требало да има). Паунко и Зимони сакале да ја поправат, но воените неприлики не им дозволиле да ја извршат поправката. Така ветерницата останала напуштена, а голем дел од деловите биле разнесени од месното население...“

По Охридско-Струшкиот регион, Русиќ го посетил Преспанскот, Битолскиот и Прилепскиот реон во кој ќе ги забележи следните податоци:

„Во Евла, село во близина на Ресен, Преспа, на рид имало „воденица на ветер“ на местото “Кула“. Таа некогаш била “турска кула“ (висока и цврста куќа на некој бег, сопственик на чифликот) и во неа ветерницата.

Во текот на летото 1949 година, во Српци, село во Цапарското Поле, северозападно од Битола, запишав име на едно возвишение “Ветриви воденици“, на кое некогаш, според кажување на населението имало ветерници.

Јужно од Прилеп, на подрачјето на селото Марула, едно брдо огранок на Селечка Планина има име „Ветра воденица“, за кое тамошното население кажува дека била „воденица која работела на ветер. Уште како дете знам дека една ветерница (воденица на ветер) имаше во Прилеп, на неговиот западен крај, непосредно до патот кој води до сегашната железничка станица па се двои за Крушево, во некогашната улица Војвода Путник и сегашната Ленинова 79. Нејзин сопственик и градител бил Ѓоре Мечка (умрел во 1946 година на 84 години). Неа сам ја направил во 1910 година по примерот на ветерниците во Романија (секако во Добруџа), каде бил на печалба. Ветерницата била во обична куќа на спрат, но имала кров во облик на кубе и платнени крила (“ветрило“) кои стално биле завртени кон Маркови кули, кон север. Имала вретено и осовина од тополово, а тркала (чаркои) од буково дрво. Мелеше пченична прекрупа, а  работела неколку месеци, се` до моментот кога дувнал силен ветер, ги откорнал крилата и ги однел до Пустит сокак во Бавчите. Сопственикот потоа ја преправил во “сувача“  (воденица со коњ), која ја движел коњ и бивол и дрвените тркала и осовини ги заменил со железни делови кои сеуште се гледаат на старото место“.

Освен истражувањата во југозападна Македонија, Русиќ истражувал и во југоисточниот дел на Македонија каде исто така ќе забележи податоци за постоење на ветерници:

„Во пределот на Струмица, во подгорското село Банско, има возвишение кое се вика Деијрмен јели, што преведено од турски значи “ветерница“, која според кажување на најстарите жители, тука била во турско време. 

Во Будинарци во Малешево околу 1918 година направил ветерница (веденица на ветер) некој калуѓер и игумен на месниот манастир Варнава, кој бил од родот Литајковци. Ја направил по примерот од Света Гора во која престојувал неколку години. Нила на родот „Маслинки“. Имала тркалезен облик, врвот бил како канбанарија и четири крила со платно од американ. Поставената осовина на крилата била вертикален дрвен круг со запци кои влегуваа во жлебовите на друго вретено со чија “прплица’ се движел горниот камен на ветерницата. Меѓутоа мелницата не била добро направена и затоа работела кратко време.

Во блиското малешевско село Стојмирово, околу 1920 година Тасе Ѓорѓоски по примерот на ветерницата од Будимирци, сам си изградил воденица на ветер. Не изградил зграда за ветерница, туку својата “чатмара“ и “плетара“ ги прилагодил за мелницата и сите делови ги сместил на таванот и кровот во облик на широко кубе. За градбата платил околу сто турски златници. И кога почнал со работа целата куќа почнала да се тресе, па домашните се уплашиле дека ќе се сруши. Затоа мелела само десет дена, па така останала неупотребена меѓу 1930 и 1932 година, кога дрвенаријата ја изедоа црвите, а сопствениците дрвената граѓа ја употребиле за горење или за други потреби во куќата“.

Според пишувањето на Бранислав Русиќ, најмногу податоци за ветерниците добил од северозападниот дел на Овче Поле. Тој уште во 1935 година кога ги проучувал тамошните “сувачи“ дознал дека нивен градител бил Трајко Китановски Дупкар од Крушица, кој во исто време за себе и за други направил и ветерници. Бидејќи при посетата Русиќ на Крушица не го нашол Дупкар, дошло до преписка меѓу нив. Стариот мајстор благодарен што некој се заинтересирал за неговата работа му испратил бројни податоци за изградбата на ветерниците и доста вешти нацрти од сите делови. Вешт во многу занаети Дупкар ќе напише дека никогаш не бил во странство и дека сето тоа тој го научил од својот дедо Коле и татко Диме, а идејата ја добил од некој од Башино Село кој му ги опишал ветерниците кој ги видел во околината на Солун.

Сите овие податоци говорат дека во Македонија ветерните мелници на почетокот на минатиот век биле познати и се користеле. Денес ветерниците од ветропаркот во Македонија веќе произведува електрична струја.

 

 

На прво место

News image

ВМРО– ДПМНЕ и претседателот Мицкоски со убедлива поддршка од граѓаните

ВМРО– ДПМНЕ и претседателот Мицкоски со убедлива поддршка од граѓаните, полицијата на терен во Ара...

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.