Од Македонија започна европската мисија на светиот апостол Павле за ширење на христијанството
Во Новиот завет името Македонија и називите Македонец и Македонци се непосредно поврзани со мисијата на светиот апостол Павле, создавањето на првите христијански заедници и ширењето на Евангелието на европска почва
Македонија зазема исклучително значајно место во Новиот завет. Нејзиното име не се појавува само како географска одредница, туку и како простор на духовниот повик, апостолската мисија, создавањето на христијанските заедници, страдањето, братољубието и несебичната помош.
Најголемиот број од нив се наоѓаат во Делата на апостолите и во посланијата на светиот апостол Павле. Разгледани како целина, тие создаваат јасна слика за значењето на Македонија во почетоците на Павловата мисија на европскиот континент.
Библиските цитати во текстот се пренесени во јазично усогласена форма. Во зависност од библиското издание, можни се помали разлики во формулациите и нумерирањето.
Македонија во Делата на апостолите
Дела 16,9 – повикот на Македонецот
„Во текот на ноќта на Павле му се јави видение: пред него стоеше еден Македонец, кој го молеше и му велеше: ‘Премини во Македонија и помогни ни!’“
Ова е најпознатото библиско споменување на Македонија. Во истиот стих се појавуваат Македонецот што го упатува повикот и Македонија – земјата кон која Павле треба да тргне.
Повикот „Премини во Македонија и помогни ни!“ претставувал пресвртница во мисионерската дејност на апостолот. Дотогаш Павле проповедал во областите на Мала Азија, а по видението својата мисија ја насочил кон Македонија и европскиот простор.

Дела 16,10 – повик за проповедање во Македонија
„Кога го виде видението, веднаш побаравме да заминеме за Македонија, заклучувајќи дека Бог нè повикал таму да им го проповедаме Евангелието.“
Павле и неговите сопатници не го разбрале видението како обичен сон, туку како непосреден Божји повик да заминат во Македонија.
Со нивното отпловување од Троада започнало едно од најзначајните поглавја во историјата на раното христијанство – организираната мисија на апостол Павле на европска почва.
Дела 16,12 – пристигнувањето во Филипи
„А оттаму отидовме во Филипи, прв град во тој дел на Македонија и римска колонија, и во тој град престојувавме неколку дена.“
Филипи бил антички град во источниот дел на Македонија, во близина на денешна Кавала. Тој не треба да се поистоветува со Филипополис, денешен Пловдив.
Во Филипи Павле ја сретнал Лидија, богобојазлива жена и трговка со црвени ткаенини, која го прифатила христијанското учење и се крстила заедно со своето семејство. Нејзиниот дом станал место за собирање на новата христијанска заедница.
Токму во Филипи Делата на апостолите подробно го опишуваат создавањето на првата христијанска заедница во рамките на Павловата мисија на европскиот континент.
Дела 18,5 – Сила и Тимотеј доаѓаат од Македонија
„Кога Сила и Тимотеј слегоа од Македонија, Павле целосно му се посвети на словото, сведочејќи им на Јудејците дека Исус е Христос.“
И по заминувањето на Павле, Македонија останала важен дел од неговата мисионерска мрежа. Оттаму доаѓале неговите блиски соработници, кои му носеле вести, поддршка и помош.
Ова покажува дека христијанските заедници во Македонија не биле изолирани, туку активно учествувале во пошироката апостолска мисија.
Дела 19,21 – патот низ Македонија и Ахаја
„Кога се заврши тоа, Павле науми, откако ќе ги помине Македонија и Ахаја, да оди во Ерусалим, велејќи: ‘Откако ќе бидам таму, треба да го видам и Рим.’“
Македонија била важна етапа во поширокиот план на апостолот Павле. Тој имал намера од Мала Азија, преку Македонија и Ахаја, да замине кон Ерусалим, а потоа и кон Рим.
Ахаја не била град, туку римска провинција јужно од Македонија. Нејзин главен административен центар бил Коринт, а во нејзините граници се наоѓала и Атина.
Дела 19,22 – Тимотеј и Ераст испратени во Македонија
„И испрати во Македонија двајца од оние што му служеа, Тимотеј и Ераст, а самиот остана уште некое време во Азија.“
Испраќањето на Тимотеј и Ераст покажува дека во Македонија веќе постоеле организирани христијански заедници на кои им биле потребни духовна грижа и постојана врска со апостолот.
Македонија не била само област низ која Павле поминувал, туку простор во кој се враќал и испраќал свои најблиски соработници.
Дела 19,29 – Македонците Гај и Аристарх
„Целиот град се исполни со метеж, и сите еднодушно се втурнаа во театарот, откако ги фатија Гај и Аристарх, Македонци и Павлови сопатници.“
Гај и Аристарх се определени како Македонци и како верни сопатници на Павле. Тие го придружувале во неговата мисија и биле подготвени да се соочат со опасностите што произлегувале од проповедањето на новата вера.
Нивното присуство сведочи дека Македонците не биле само приматели на Евангелието, туку и активни учесници во неговото ширење.
Дела 20,1 – Павле повторно заминува за Македонија
„Откако престана метежот, Павле ги повика учениците, ги охрабри, се прости со нив и замина за Македонија.“
По немирите во Ефес, Павле повторно се упатил кон македонските христијански заедници, кои за него претставувале место на духовна блискост, поддршка и соработка.
Неговите повторни посети покажуваат дека врската со верниците во Македонија била трајна, а не ограничена само на првото мисионерско патување.
Дела 20,3 – враќање преку Македонија
„Таму остана три месеци. А кога Јудејците му направија заговор, токму кога требаше да отплови за Сирија, тој реши да се врати преку Македонија.“
Македонија повторно се појавува како значајна патна и мисионерска област. Патувањето низ неа му овозможувало на Павле повторно да ги посети и охрабри заедниците што претходно ги основал.
Дела 27,2 – Аристарх, Македонец од Солун
„Се качивме на еден адрамитски кораб, кој требаше да плови кон пристаништата во Азија, и отпловивме. Со нас беше и Аристарх, Македонец од Солун.“
Аристарх останал покрај Павле и во најтешките мигови, придружувајќи го и за време на неговото патување како затвореник кон Рим.
Фактот што е именуван како Македонец од Солун претставува непосредно библиско сведоштво за учеството на Македонците во апостолската мисија.
Послание до Римјаните
Римјаните 15,26 – помошта од Македонија
„Зашто Македонија и Ахаја благоволија да соберат заедничка помош за сиромашните меѓу светите во Ерусалим.“
Овој стих сведочи за солидарноста на христијанските заедници во Македонија. Иако и самите се соочувале со сиромаштија, искушенија и прогонства, тие собирале помош за христијаните во Ерусалим.
Македонските верници ја покажувале својата вера не само со зборови, туку и преку конкретна грижа за оние што биле во неволја.
Прво послание до Коринтјаните
1 Коринтјаните 16,5 – Павле најавува патување низ Македонија
„Кај вас ќе дојдам откако ќе ја поминам Македонија, зашто поминувам низ Македонија.“
Во овој стих името Македонија се појавува двапати. Павле им го објаснува на Коринтјаните својот план најнапред да ги посети македонските заедници, а потоа да замине кај нив.
Второ послание до Коринтјаните
2 Коринтјаните 1,16 – од Коринт кон Македонија и назад
„И преку вас да заминам за Македонија, а од Македонија повторно да дојдам кај вас, па вие да ме испратите за Јудеја.“
И во овој стих Македонија е спомената двапати. Таа претставувала значаен дел од патувањата на Павле и од неговите планови за посета и зацврстување на христијанските заедници.
2 Коринтјаните 2,13 – Павле заминува за Македонија
„Немав мир во духот, бидејќи таму не го најдов братот мој Тит; затоа, откако се простив со нив, заминав за Македонија.“
Павле очекувал да го сретне Тит и да добие вести за состојбата во Коринт. Кога тоа не се случило, го продолжил патувањето кон Македонија.
Стихот ја открива и човечката страна на апостолот – неговата загриженост и потребата да добие вести за заедниците за кои се грижел.
2 Коринтјаните 7,5 – искушенијата во Македонија
„Кога дојдовме во Македонија, телото наше немаше никаков одмор; од сите страни бевме притеснети – однадвор борби, а однатре стравови.“
Престојот на Павле во Македонија не бил исполнет само со успеси. Тој се соочувал со прогони, немири, телесна исцрпеност и внатрешна загриженост.
Но токму таму добил и утеха преку доаѓањето на Тит и блискоста со македонските христијански заедници.
2 Коринтјаните 8,1 – благодатта во македонските цркви
„Ве известуваме, браќа, за Божјата благодат што им беше дадена на црквите во Македонија.“
Павле ги истакнува македонските цркви како пример на несебичност, пожртвуваност и дарежливост.
И покрај сиромаштијата, тие покажале голема желба да им помогнат на другите. Нивната подготвеност за давање Павле ја претставува како доказ за силата на верата.
2 Коринтјаните 9,2 – Павле се пофалува пред Македонците
„Ја знам вашата готовност, со која се фалам за вас пред Македонците, дека Ахаја е подготвена уште од минатата година; и вашата ревност поттикна многумина.“
Павле им кажува на Коринтјаните дека нивната подготвеност за помош ја истакнувал пред Македонците. На тој начин меѓу христијанските заедници се создавало заемно поттикнување кон добри дела.
2 Коринтјаните 9,4 – доаѓањето на Македонците
„За да не се посрамиме ние – да не речеме вие – ако со мене дојдат Македонци и ве најдат неподготвени по сето наше уверување.“
Павле ги повикува Коринтјаните навреме да го подготват ветениот прилог, за да не бидат посрамени пред верниците што би дошле од Македонија.
Стихот покажува дека македонските христијани биле познати по својата пожртвуваност и подготвеност за помош.
2 Коринтјаните 11,9 – помошта од браќата од Македонија
„Кога бев кај вас и имав потреба, никому не му натежнав, зашто потребата ми ја надополнија браќата што дојдоа од Македонија.“
Македонските христијани не му давале на Павле само морална, туку и материјална поддршка. Нивната помош му овозможувала независно да ја продолжи својата мисија.
Посланијата до Коринтјаните ги прикажуваат македонските цркви како заедници познати по дарежливоста, пожртвуваноста и поддршката на апостолската дејност.
Послание до Филипјаните
Филипјаните 4,15 – заедницата што останала покрај Павле
„А знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на проповедањето на Евангелието, кога заминав од Македонија, ниту една црква не учествуваше со мене во давање и примање, освен вие.“
Филипјанската заедница имала особено блиска врска со Павле. Таа продолжила да го поддржува и откако ја напуштил Македонија, покажувајќи ја својата вера преку конкретни дела.
За Павле, Филипјаните не биле само луѓе на кои им го проповедал Евангелието, туку блиски духовни соработници и помагачи.
Прво послание до Солуњаните
1 Солуњаните 1,7 – пример за сите верници во Македонија
„Така станавте пример за сите верници во Македонија и Ахаја.“
Христијаните во Солун биле пофалени затоа што ја примиле верата и покрај големите искушенија. Нивната истрајност станала пример за верниците во Македонија и во соседна Ахаја.
1 Солуњаните 1,8 – словото одекнува од Македонија
„Зашто од вас одекна словото Господово не само во Македонија и Ахаја, туку насекаде се пронесе гласот за вашата вера во Бога, така што нема потреба ние нешто да зборуваме.“
Од Солун христијанската порака продолжила да се шири низ Македонија, Ахаја и другите краишта.
Солуњаните не биле само приматели на верата, туку и нејзини активни сведоци. Токму затоа Павле вели дека од нив „одекнало словото Господово“.
1 Солуњаните 4,10 – братољубие низ цела Македонија
„Зашто така постапувате и со сите браќа по цела Македонија. Но ве молиме, браќа, уште повеќе да напредувате во тоа.“
Овој стих сведочи за поврзаноста на христијанските заедници низ Македонија. Братољубието не било ограничено на еден град, туку се ширело меѓу верниците низ целата земја.
Во Првото послание до Солуњаните Македонија е претставена како простор во кој верата, словото и меѓусебната љубов веќе биле широко распространети.
Прво послание до Тимотеј
1 Тимотеј 1,3 – Павле повторно заминува за Македонија
„Како што те замолив кога заминував за Македонија, остани во Ефес за да им заповедаш на некои да не проповедаат поинакво учење.“
Ова библиско место покажува дека Павле ја посетувал Македонија и во подоцнежниот период од својата мисионерска дејност.
Неговата врска со македонските заедници не била ограничена само на едно патување, туку продолжила низ повеќе години.
Што сведочат овие библиски места?
Кога ќе се разгледаат заедно, библиските споменувања создаваат јасна слика за местото на Македонија во раното христијанство.
Македонија е земјата кон која Павле бил повикан со зборовите:
„Премини во Македонија и помогни ни!“
Таа е просторот во кој биле создадени и зацврстени христијанските заедници во Филипи, Солун и Верија, од каде што словото продолжило да се шири кон Ахаја и другите краишта.
Македонските верници во посланијата се опишани како истрајни во верата, силни во љубовта и исклучително дарежливи. Тие го поддржувале апостолот Павле, им помагале на сиромашните христијани во Ерусалим и станале пример за другите цркви.
Во библискиот текст Македонија не е само земја низ која Павле патувал. Таа е место на духовен повик, мисионерска дејност, жртва, гостопримство, братољубие и ширење на христијанската вера.
Според сведоштвото на Делата на апостолите, организираната мисија на светиот апостол Павле на европскиот континент започнала токму во Македонија. Рим подоцна станал едно од најголемите средишта на христијанството, но не бил појдовната точка на Павловата европска мисија.
Македонија во девтероканонските книги
Во библиските изданија што ги содржат девтероканонските книги, Македонија и Македонците се споменуваат и во текстови поврзани со древното Македонско Кралство, неговите владетели и македонската војска.
Прва книга Макавејска 1,1
„Александар, синот на Филип Македонски, излезе од земјата Китим, го победи Дариј, царот на Персијците и Мидијците, и се зацари на неговото место.“
Во некои библиски преводи во истиот стих се наведува дека Александар, синот на Филип Македонски, тргнал од Македонија.
Со овој стих започнува историскиот расказ во Првата книга Макавејска.
Прва книга Макавејска 6,2
„Во храмот имало златни штитови, оклопи и оружје што таму ги оставил Александар, синот на Филип, царот на Македонија.“
Овој стих го поврзува Александар Македонски со богатствата и оружјето оставени во храмот во Елимаида.
Прва книга Макавејска 8,5
„Во борба ги поразиле Филип и Персеј, царот на Македонците, како и другите што се кренале против нив.“
Стихот се однесува на римските победи над македонските владетели Филип Петти и Персеј и го опишува подемот на римската моќ.
Втора книга Макавејска 8,20
„Во битката против Галатите во Вавилонија, осум илјади Јудејци се бореле заедно со четири илјади Македонци; а кога Македонците биле притиснати, осумте илјади, со помош од небото, победиле големо непријателско мноштво.“
Овој текст непосредно споменува македонски војници што се бореле заедно со Јудејците.
Грчката книга Естира 9,24
„Аман, синот на Амадат, Македонецот, војуваше против нив и фрли ждрепка за да ги уништи.“
Ознаката „Македонец“ се наоѓа во грчката верзија на книгата Естира, додека во хебрејскиот текст Аман е наречен Агагиец.
Додатоци кон Естира 16,10
„Аман, синот на Амадат, Македонец по потекло и туѓ на персиската крв, беше примен од нас како странец.“
Додатоци кон Естира 16,14
„Тој мислеше дека на тој начин, откако ќе нè остави без пријатели, ќе го пренесе царството на Персијците во рацете на Македонците.“
Нумерирањето на овие стихови се разликува меѓу библиските изданија. Во некои преводи тие се дел од грчката верзија на Естира, а во други се означени како Додаток Е или како шеснаесетта глава.
Македонија – име запишано во библиската историја
Сите овие места потврдуваат дека името Македонија има значајно присуство во Светото писмо.
Во девтероканонските книги тоа е поврзано со древното Македонско Кралство, Александар Македонски, Филип, Персеј и македонските војници. Во Новиот завет, пак, Македонија е непосредно поврзана со апостолската мисија, создавањето на христијанските заедници и ширењето на Евангелието на европскиот континент.
Најсилната порака останува повикот што Павле го слушнал во видението:
„Премини во Македонија и помогни ни!“
Со одговорот на тој повик започнало едно од најзначајните поглавја во историјата на христијанството. Во Македонија биле создадени заедници што оставиле трајна духовна, писмена и културна трага, зачувана во Делата на апостолите и во посланијата до Филипјаните и Солуњаните.
Затоа библиската Македонија не треба да се гледа само како географски простор, туку и како земја на повикот, верата, братољубието, пожртвуваноста и христијанското сведоштво.
Од Македонија започнала европската мисија на светиот апостол Павле за ширење на христијанството – мисија што подоцна продолжила кон Ахаја, Рим и другите краишта на Европа.