 Православните христијани со неизмерна радост го очекуваат големиот христијански празник Велигден. На овој значаен ден сите христијани се присетуваат на христовото жртвување за спас на човештвото. Велигден е најстар празник и се празнува од вториот век.
Нема поголема радост и восхит од онаа кога се празнува животот. На Велигден се разгласува најрадосната вест за воскресението Христово. И самото тоа укажува дека нашата вера е создавана, темелена врз радоста од христовото воскреснување. Христовото воскреснување е светлина на светот и патоказ за животот низ вековите на човечката историја. Воскресението е радост за измачените, утеха за болните , поука за малодушните, сила и цврст темел за благоверните.
Воскресението претставува победа против непријателите, пораз и уништување на демоните, простување и разрешување на гревовите, сигурно пристаниште од бурата на искушенијата. На овој ден како што е познато, смртта е победена затоа што ја победи оној кој има живот во себе. Од тој момент, сите ние ја примаме таа вистина и се исполнуваме со особена храброст и духовна крепост, зашто смртта не е повеќе закана, ниту причина за страв. Таа треба да се свати како враќање кон царството на Отецот наш небесен.
Христос ја победи смртта и со тоа ги отвори портите на рајот, портите на светлината во кои влегуваат сите синови и ќерки. Иако во светот се случуваат војни, немири и други несреќи, тоа не треба да не плаши и загрижува. Правдата и вистината се уште се распнуваат на крст, но преку крстот доаѓа радоста за целиот свет. На тој крст беше распнат и мачен нашиот Спасител. Тој се предаде Себе Си за живот на светот. Со неговата душа тој слезе во рајот за да ја ослободи човечката природа од пропаѓање. Тоа го стори и се жртвува за нас , за ние да се исполниме со живот и радост како што се исполни Тој, распнат на крстот.
Овој празник е суштината на христијанството, потврда на верата во Бога. На Велигден се слави победата на животот над смртта. Св апстол Павле рекол: ‘Ако Христос не воскреснеше, празна ќе беше нашата вера‘.
Чествувањата на Велигден укажуваат и на тоа дека ризницата на нашето духовно и национално наследство е богата. Велигденските празнувања ја симболизираат верата и богатата македонска традиција кој опстојува со векови.
Нека ни се честити и вековити Велигденските празнувања .
Христос воскресе!
Вистина воскресе!
Легенди и обичаи за Велигден забележани од нашиот фолклорист д-р Марко Китевски
За Велигден нашиот народ спроведува и голем број обичаи кои секогаш заземаат централно место во празнувањето.
Според една легенда се смета дека црвените јајца и поздравот Христос воскресе, прво го употребила Марија Магдалена.
Таа секогаш ги слушала проповедите на исус и прва дошла на неговиот гроб во неделата наутро. Таа прва го видела гробот празен, прва го видела и Исус воскреснат и по неговото осзнесение на небото, тргнала по светот да го проповеда христовото учење.
Легендите за црвеното велигденско јајце – се смета дека кога Исус бил распнат на крстот, од крвта што капела од рацете и нозете , камчињата биле обоени во црвено. Како спомен на таа случка, луѓето денес вапцуваат црвени јајца. Црвената боја ја симболизира Христовата крв.
Вапцувањето на првите три велигденски јајца се прави на Велики Четврток , пред изгрејсонце затоа што се верувало дека ако тоа се направи подоцна, ќе се расипеле јајцата. Првото јајце имало најголема магиска моќ.
Додаток – Приказна
‘Последната вечера‘
Исус Христос седна да вечера заедно со дванаесетте апостоли. Тој беше многу тажен. Неговите апостоли го прашаа зошто е тажен а тој им одговори – “утре морам да заминам и да бидам заедно со мојот татко во рајот”. Во тој момент и апостолите се натажија и му рекоа дека нема да дозволат нешто лошо да му се случи. Исус им рече дека еден од апостолите веќе зел и пари и го предал. Сите се погледнаа еден во друг а Јуда стана и излезе надвор.
Исус им кажа на апостолите дека некои луѓе во Ерусалим не го сакаат и дека наредниот ден ќе го затворат а потоа ќе го стават на крст. И за да го запомнат засекогаш, исус скреши малку од лебот и рече – “ова е моето тело, земете каснете, и запомнете ме”. Потоа зеде чаша со црвено вино и им рече- “Ова е мојата крв. Напијте се и запомнете ме”.
Неговата мајка го гледаше како мачеше распнат на крстот. Исус повика еден од апостолите и му рече да се грижи за неговата мајка. Кога Исус умре, земјата се затресе. Дури тогаш некои од насобраните луѓе поверуваа дека Исус е син Божји.Два дена после смртта на Исус, Марија Магдалена појде да го посети неговиот гроб. Кога стигна таму, виде дека гробот беше празен, телото на Исус веќе не беше таму. Таа со трчање отиде кај петар и другите апостоли и им кажа дека Исус го нема. Трчајќи таа сретна еден човек кој ја прашал зошто плаче. Човекот што стоеше пред неа беше Исус Христос.

Гордана Димовска-Австралија |