Македонски легенди

Иван Христов Карасулијата

Ivancho Karasuliyata

Ivancho KarasuliyataИван Христов Карасулијата (1875 – 1905) е македонски револуционер и гевгелиски околиски војвода на ТМОРО. Повеќе години дејствувал во Гевгелиско, а бил познат како Иван Карасулијата, Карасулски, Гевгелиски или Дилбер Иванчо. Загинал во борба со османлиска војска. Опеан е во неколку македонски народни песни.

Иван Христов е роден во 1875 година во солунското село Ругуновец (Карасуле), Егејска Македонија. Останал без образование и се одметнал во планините. Ајдукувал заедно со Кади Јусеин од Негорци и Молла Идриз од Карасинанци, а кратко време бил и во четата на Мицо Ѓаваталијата. Во 1896 година бил уапсен од турските власти и поминал седум месеци во Солунскиот затвор.

Во текот на 1897 година, при обиколка на Бојмијата, Даме Груев се сретнал со ајдуците Иван Карасулијата, Апостол Петков и Спиро Карасулски и ги наговорил да влезат во Македонската Револуционерна Организација. Истиот ден тројцата биле покрстени од поп Стамат Танчев и влегуваат во Организацијата како терористи.

По наредба на Централниот комитет Карсулијата извршил повеќе терористички акции. На 6 септември 1897 година заедно со Митре Дудуларски и Андон Ќосето учествува во ликвидацијата на Илија Пејчиновски(иќ) од Струга, кој како српски учител и агент преходно во атентат извршен на 3 јуни истата година во солунската кафана „Коломбо“ го убива бугарскиот учител Христо Генев и тешко го ранува Иван Гарванов.

По неколку извршени ликвидации над шпионите и зулумџиите, Карасулијата, заедно со Апостол Петков и Спиро Карасулски во септември 1897 година се повлекуваат во илегала. Подоцна кон нив се приклучил и Христо Узунов од Куфалово. Малата чета вооружена од Аргир Манасиев од Смоквица, била предводена од војводата Карасулијата, а подвојвода бил Апостол Петков, подоцна познат како Ениџевардарско сонце. Набрзо кон четата се приклучуваат и други четници, а по неколку месеци дејствување во Гевгелиско, Дојранско и Ениџевардарско, четата станала страв и трепет за гркоманите и Турците зулумџии во реонот.

Според пишувањето на гевгелискиот раководител на Организацијата И. Докторов, веста за формирањето на малата чета под водство на Иванчо Карасулиски како молња се пренела по сите села во околијата. Таа тајно ги обиколувала организираните села, а населението во нив гледале како на спасители од тиранијата. За нив тие биле херои кои се готови да го жртвуваат својот живот за слобода на народот.

Во текот на 1898 година, тие го грабнале турскиот бег Туран ага од Мемешли за кого земаат откупнина 2.000 турски лири. Овие пари ќе предивикаат раздор меѓу војводите и Централниот комитет, кои едвај успеваат да го земат откупот за Организацијата. Карасулијата и Апостол ја губат довербата на ЦК, по што тие во текот на јуни истата година се разделуваат и продолжуваат да ајдукуваат. Едниот дејствувал во Гевгелиско, а другиот во  Ениџевардарско. За да се стегне дисциплината во реонот, била испратена четата на Михаил Апостолов – Попето. Но, тој не сакал да влезе во конфликт, поради авторитетот кој го имале војводите меѓу месното раководство на Организацијата, како и меѓу самото население.

Карасулијата и Апостол Петков добиваат задача да го ликвидираат еден од најголемите шпиони во Гевгелиско, грчкиот лекар Димитрис Кивирнидис. Во ноември 1898 година тие успешно ја спроведуваат дадената задача. Година дена потоа, на 7 декември 1899 година, Карасулијата со својата чета неуспешно се обидува да грабне богат гркоман, сопственик на рудник од неговата куќа во Валандово. Четата била откриена и дошло до престрелка со жандармеријата, по што успеала да се извлече без загуби. Меѓутоа, оваа акција која била резултат на храброста и самоволието на Карасулијата, ќе ја предизвика познатата Валандовска афера, во која била разоткриена организациската мрежа на Македонската Револуционерна Организација во Гевгелиско, Дојранско, Тиквешко и Ениџевардарско.

По оваа акција, Иван Карасулијата заминал во Бугарија. Се смета дека бил испратен од Организацијата за да биде неутрализиран поради зачестените арамиски испади. Но, тој таму се зближил со генерал Иван Цончев и се приклучил на Врховниот комитет. Во пролетта 1902 година, Карасулијата се вратил во Македонија како врховистички војвода, поради што влегол во конфликт со војводите Апостол Петков и Аргир Манасиев, кои се обидуваат да го вратат во Организацијата.

На почетокот на 1903 година, во гевгелиско доаѓаат војводите Сава Михајлов и Крсто Асенов со оружје и динамит и се вклучуваат во подготовките за Илинденското востание. Во реонот се наоѓале четите на Карасулијата и Аргир Манасиев. Меѓу нив постоело нетрпение, но, односите биле нормализирани. Во селото Корнишор, четите на Крсто Асенов, Апостол војвода и Иван Карасулијата се обединуваат и тука пред 250 четници било осветено знамето. За време на востанието водат повеќе борби во Гевгелиско и Ениџевардарско. На 12 септември 1903 г., четите на војводите Карасулијата, Апостол и Гоце Нисторов, кои бројат 103 души, се судираат на врвот Гандач на планината Пајак со 1.200 турски војници. На 13 – ти октомври, четите ја разбиваат испратената пешадија и коњица, собрана од Гевгелија, Ениџе Вардар и Гуменџе.  

На крајот на востанието, Иванчо Карасулијата со целата чета учествува во снимањето на филмовите за македонските востаници на британскиот кинооператор Чарлс Нобл, кој подоцна ќе предизвикаат огромно внимание во Лондон. По извршената демобилизација во Гевгелиско, Михајлов, Манасиев и Карасулијата со повеќе четници се повлекуваат во Бугарија.

Иванчо Карасулијата загинал со целата своја чета во 1905 година, во борба со османлиската војска која се води во месноста Џарлов рид, во близина на селото Лесково. Опеан е во неколку македонски народни песни.

Најново од: Македонски легенди

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

Благоја Деспотовски – Шовељ (1919–1941): Млад живот положен за слободата на Македонија

Борец на Првиот скопски партизански одред, кој на само 22 години загинал во борбата против бугарската фашистичка окупација. Благоја Деспотовски – Шовељ е роден во Дебар во 1919 година, а загинал на 7 октомври 1941 година во Скопје. Неговиот краток живот бил исполнет со работа, бунт против неправдата и решителност да се бори за слободата […]

To top