Среда, 04 Март 2015    PDF Печати Е-пошта
Трајко Китанчев

trajko-kitancevТрајко Китанчев (1858 - 1895) е поет, есеист, публицист, преведувач, општественик, прв претседател на Македонскиот врховен комитет во Софија. Бил народен пратеник во Бугарското народно собрание. Не може да ја поднесе играта со неговата земја и влегува во конфликт со бугарскиот кнез Фердинанд, за што е прогонуван и осудуван.

Трајко Цветков Китанчев е роден на 1 септември 1858 година во селото Подмочани, Ресенско. Семејството му се преселува во Ресен, каде младиот Китанчев се образува. Во текот на 1868/1869 година заминал за Цариград каде му помагал на татко му Цветко, којшто се занимавал со градинарство. Во турската престолнина го посетува славјанското училиште при црквата Св. Стефан, каде учител му е бугарскиот преродбенски деец и поет Петко Р. Славејков. Во 1875 година, митрополитот Натанаил Кучевишки му овозможува школувањето да го продолжи во Русија со стипендија од руската влада. Најпрво учи во Одеса, а потоа во Киев, каде што завршил Духовна академија во 1879 год. Во текот на 1879/80 студира правни науки на Московскиот универзитет, но поради нарушено здравје го прекинува студирањето.

Од Москва заминува во Бугарија, во семинаријата на Љасковскиот манастир (Петропавловска семинарија), каде работи како учител од 1881 до 1882 година. Потоа оди во Македонија и во текот на учебната 1882/1883 година предава во машката гимназија во Солун. Таму води борба со пропагандата, бара поголема автономија за училиштето, се спротивставува на карактерот на образованието и методите на наставата. Тој ја разработува првата учебна програма и се обидува со своите колеги да отвори печатница и да издава весник. Во црквата Св. Кирил  и Методиј за празничните денови држи проповод на македонски. Поради пројавени симпатии кон македонското дело бил отпуштен од Солунската гимназија.

Повторно оди во Бугарија и учителствува во неколку градови: Пловдив (1883/1884),  Габрово (1884/1885) и Софија (1885/1886). Во меѓувреме, во 1885 година учествува како доброволец за време на Србско-бугарската војна, а бил и на лекување во Виена. Од 1886 до 1890 година работи како училишен инспектор во Трновско.

Додека учителствувал во Трново, Трајко Китанчев ја започнал својата политичка кариера. Од 1884 до 1894 година бил пратеник во Бугарското народно собрание и станал член на Бугарското книжевно друштво (БДК), денес „Бугарска академија на науките“ (БАН). Првично е приврзаник на Петко Каравелов и член на Либералната партија. Се зближува со Стефан Стамболов, со кого подоцна политички се разминуваат. Како пројавен русофил, влегува во конфликт со бугарскиот кнез Фердинанд, за што е прогонуван и осудуван. Во 1892 година, Китанчев е осуден на три години затвор како соучесник во обидот за убиство на Стамболов, при што бил убиен бугарскиот министер за финансии Христо Белчев.

По излегувањето од затвор во мај 1894 година, Китанчев активно се вклучува во тамошниот политички живот. Во септември истата година, како член на Демократската партија од Трново бил избран за пратеник и е еден од најдобрите оратори на групата на Каравелов.

Китанчев кој бил овенчан со ореолот на политички маченик, кон крајот на истата година бил повикан од македонската емиграција. На 27 декември 1894 се формира Братски сојуз и Китанчев бил избран за претседател на македонското емигрантско друштво, кое за разлика од останатите се залага за поголема револуционерна дејност. Тој ги доближува своите ставови со Младата македонска книжевна дружина и заедно ќе бидат главните иницијатори за обединување на македонските друштва во Бугарија. На 29 декември 1894 година бил одржан собир на македонската емиграција на која присуствувале 66 делегати и бил конституиран Македонски комитет.

Трајко Китанчев како претседател на Братскиот сојуз на 19 февруари 1895 година ја повикал македонската емиграција од Бугарија и Романија да присуствува на конгресот закажан на 19 март 1895 година во Софија. На I македонски конгрес кој се одржал од 19 до 28 март 1895 година, а на кој присуствувале 60 претставници од македонските друштва, братства и колонии, дошло до обединување на македонската емиграција и до обединување на македонските друштва на чело со Македонскиот комитет. На конгресот Трајко Китанчев бил избран за прв претседател на Македонскиот комитет, а потпреседател бил Наум Туфекчиев, касиер Ил. Георгов, и двајца советници Д. Матов и Андреј Љапчев.

Во „Решенијата на Првиот македонски конгрес“ кои се дело на Китанчев, тој ќе наведе дека како една од приоритетните цели  на македонските друштва е „придобивање политичка автономија за населението во Македонија и Одринско, приложена и гарантирана од Големите сили“. Всушност тоа е меѓу првите документи во кој се говори за автономија на Македонија и Одринско, а кој речиси еднодушно е прифатен од делегатите.

Како прв човек на Македонскиот комитет Китанчев се зафаќа со подготовка на таканареченото Мелничко востание, кое ќе заврши без некој поголем успех. Во подготовките тој заборава на минатото и со чисти намери соработува со бугарските власти. Тогаш станува нивна марионета, а акцијата на МК бугарската влада ја користи за законско признавање на Фердинанд за кнез на Бугарија и за зацврстување на положбата на Бугарија како фактор на Балканот.

Трајко Китанчев тешко го поднел неуспехот на акцијата и умира од срцев удар на 1 август 1895 година (стар стил) во Софија, на 38 годишна возраст. Македонскиот револуционер Петар Манџуков во своите спомени вели:  

„Трајко Китанчев од с. Подмочани, Ресенско, е еден несомнено чесен човек, којшто за време на Стамболовата диктатура, обвинет за заговор, долги години лежеше по затворите. Бидејќи доцна ја беше сетил таа мизерна игра на кнезот Фердинанд, Kитанчев не можеше да ги поднесе тие поткусурувања со неговата родна земја и со идеалите на Македонците и во месец август 1895 година умре од срцев удар“.

И Павле Делирадев, деец на Македонската револуционерна организација и санданист, во биографијата на Јане Сандански, меѓу другото за Трајко Китанчев пишува:

„Почетокот за основањето на македонските друштва му припаѓа на Трајко Китанчев, искрен демократ и предан син на својата татковина Македонија... Кога низ Бугарија, а делумно и во Романија се основале доста Македонски друштва, во 1895 година бил свикан во Софија првиот конгрес (09-30 март). На овој конгрес бил усвоен статутот и избран Македонскиот комитет со претседател Трајко Китанчев. Една од главните задачи на М. К. била агитацијата во другите балкански држави за заедничко дејствување во корист на автономијата. За првата авантура, кнезот Фердинанд го искористи доброто име и примарниот автономистички карактер на македонските друштва. Од своја страна и Китанчев даде целосна поддршка на царедворската акција, бидејќи сметаше дека и таа ќе учествува со истите замисли и чувства кои ја исполнуваа неговата душа и разум. И при првото преиспитување во подлите намери на палатата, тој преживеал таква длабока душевна возбуда, при што му се пукнало срцето и тој починал на 1 август 1895 (по стар стил) година во цутот на младоста, едвај 37 годишен...“

Во текот на животот Трајко Китанчев пишувал во вестниците „Право“, „Знаме“ и списанието „Мисла“. Пишувал на бугарски и на македонски јазик. Автор е на две поеми за Марко Крале и на четириесетина песни, преостанати од поголемиот број стихотворби што во миг на депресија ги фрлил во Егејското Море. Во 1893 година го превел на бугарски јазик романот „Дон Кихот“ од Сервантес, а во 1894 „Шинел“ и „Невски проспект“ од Николај Гогољ.

 

На прво место

News image

Нема лага на СДС која не им се удри од глава

Нема лага на СДС која не им се удри од глава, лажеа за Мицкоски, Христовски и повторно се разголеа...

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.