|
||||
Елпида Караманди |
Елпида Караманди Елпида (Пида) Караманди (1. I 1920 - 3. V 1942) е македонска револуционерка, комунист, учесник во НОБ и народен херој. Била учесник во македонското студентско движење на Белградскиот универзитет во 1938 година. Член на СКОЈ е од 1939 г., а на КПЈ од јуни 1941 г. Извесен период била ангажирана во партиската техника на МК на КПЈ во Битола. По апсењето од бугарската полиција, поради немање докази, била ослободена. За да го избегне натамошното полициско проследување, преминала во илегала. Како борец на Битолскиот народноослободителен партизански одред „Пелистер“, во борба кај Лавчанската Корија, против бугарската војска и полиција била тешко ранета и заробена. За да го заплашат населението, врзана за запрежна кола таа била влечена по битолските села, по што и починала. Елпида Караманди Ставрева (псевд. Бисера и Нада) е родена на 1 јануар 1920 година во Лерин. Нејзината мајка се премажила и се преселила во Битола, каде што Елпида живеела од раното детство. Во Битола завршила гимназија. Уште додека учела во гимназија, таа била политички активна. Поради нејзината активност станала популарна меѓу битолската младина. Во 1938 година Елпида заминала на студии во Белград. Меѓу напредните студенти имало многу ученици од битолската гимназија која таа ги познавала. Дружејќи се со нив таа се приклучила на македонското студентско движење на Белградскиот универзитет. Во 1939 година таа била примена во СКОЈ. По капитулација на Кралството Југославија во април 1941 година, Елпида работела на подготовките за вооружена борба. Во јуни истата година била примена во КПЈ. Извесен период Елпида била ангажирана во партиската техника на МК на КПЈ во Битола. Нејзината партиска активност била забележана од окупаторот и била уапсена од бугарската полиција. Но, поради немање докази, била ослободена. Свесна дека ја следат, таа за да го избегне натамошното полициско проследување, преминала во илегала. Во јануари 1942 година, Елпида била избрана за член на ПК на СКОЈ за Македонија и во април истата година заминала како борец на Битолскиот народноослободителен партизански одред „Пелистер“. Но набргу, на 3 мај 1942 година, одредот бил опколен од бугарската полиција и војска. Во борбата на одредот кај Лавчанската Корија, кај битолското село Лавци, Елпида Караманди, била тешко ранета и заробена. За да го заплашат населението окупаторот ја влечел врзана за запрежна кола по битолските села, при што починала. Смртта на Елпида Караманди, позната под псевдоми,ите, Бисера и Нада, била опеана истата година во народната песна „Нада студентката за народ загина, за народ загина – за Македонија.“ За Народен херој на Југославија е прогласена на 11 октомври 1951 година |