Четврток, 09 Септември 2010    PDF Печати Е-пошта
Јордан Хаџиконстантинов – Џинот

DzinotЈОРДАН ХАЏИКОНСТАНТИНОВ-ЏИНОТ (Велес, ок. 1820/21 – Велес, 29. VIII 1882) – бил просветен, книжевен и културнонационален деец, зачетник на македонското просветителство, кој активно се борел за просветно издигање на македонскиот народ. Околу четири децении Јордан Хаџи Константинов - Џинот неуморно работел на воведувањето просвета на народен јазик по разните школи во Македонија (Велес, Скопје, Прилеп и др.). Познат како темпераментен, борбен и голем бунтовник, Џинот за сето време на својата дејност доаѓал во судир со сите владици и оние луѓе, кои не го делеле неговото мислење во поглед на потребата за воведување народен јазик во школите, за добивање народни црковни старешини. Џинот постојано и напорно работел на книжевното поле, започнувајќи со работата на создавање практични школски текстови („таблици"). Заинтересиран за собирање на разновидни стари споменици: книжевно-историски, археолошки и нумизматички, Џинот ја прокрстарува цела Македонија, го опишува народот, вредностите и страдањата народни. Од своите патувања тој собира голем број споменици, за кои ќе покажуваат голем интерес разни научници и установи: во Цариград, Русија, Србија. Начитан како ретко кој од нашите интелектуалци од тоа време, Џинот по се отскокнувал од својата средина и со право го зазема местото во историјата како оосновоположник на македонското просветителство.

Кон крајот на 1820 или во почетокот на 1821 година. на левата страна на Вардар. во маалото Прцорек, роден е Јордан Хаџи Константинов, познат по прекарот Џинот. Татко му Костадин – Кочо, бил клисар во црквата „Св. Спас“ и имал уште два сина и ќерка. Откако 15 - годишниот Јордан ги завршил келијните училишта во Велес, татко му го испраќа на школување во Самоков. Јордан Џинот останува во Самоков нешто повеќе од шест месеци, а кон кра]от на 1835 година се враќа во Велес. Веќе истата година Јордан заминува во Солун, на понатамошно учење. За време на престојот во Солун добро го совладува грчкиот јазик и се запознава со новиот училишен метод, кој подоцна ќе го применува во училиштата каде што ќе предава.

Колку време останува во Солун не познато, но околу 1838 година Џинот е веќе учител во Велес.Со почетокот на неговата просветна активност започнува и неговата борба за воведување на народниот јазик по училиштата. Џинот воведува нови предмети во училиштето кое се наоѓа во црквата каде татко му бил клисар и ја осовременува наставата. Покрај црковното учење, неговите ученици се стекнувале со знаење кое подоцна можеле со успех да го применуваат во занаетчиството и трговијата. Неговото прво учителување не траело долго време. По несогласувањето со гркофилите, велешките чорбаџии и владиката, околу употребата на народниот македонски јазик, тој бил принуден да го напушти Велес. Заптиите му извршиле претрес ноќно време во куќата и му наредуваат да го затвори училиштето доколку не сака да биде уапсен. Под притисок Џинот заминува отпрвин во Солун, а потоа во Света Гора, па на островите Хиос Патмос.

Со доаѓањето на новиот велешки владика Теоклит, Џинот повторно се враќа во Велес за да ги учи „возљубените наши Славчиња", како што ги нарекувал децата на своите сограѓани. Меѓутоа повторно не наидува на разбирање ни кај новиот владика ниту кај гркофилите. Подбуцнат од чорбаџиите новиот владика му го затвора училиштето на Џинот и тој е принуден да замине за Влашко и Белград, околу 1848 година. Во овој период во Букурешт има напреднати училишта во кои се воведуваат училишни таблици. Се враќа во Велес каде повторно, по трет пат се зафатил со учителска работа. Како и претходно и новиот владика Авксентије Блгарин, ја оневозможува работата на Џинот, по што тој го напушта родниот град и оди за учител во Скопје во 1848 година.

Во Скопје како учител бил повикан од богатите трговци од македонска националност, како Константин Икономов, браќата Попови, Кочови, Зафир Малев и други угледни граѓани од Пајко Маало, кои го плаќале со годишна плата. Цела една деценија Џинот ќе остане  во  Скопје. Одвреме на време, кога морал да бара заштита во Цариград и Белград заради притисокот на гркоманите, го напуштал градот. Активностите на Џинот за унапредувањето на просветата на народен јазик преку школите, одржувањето на неделни проповеди во скопската црква „Св. Богородица“, изведувањето на школски приредби, основањето на „Славјанскиот дом", соработката во „Цариградскиот   вестник", одржувањето на интензивни врски и преписки со разни личности и културни институции во Цариград, Србија и Русија, не беа проследени со симпатии од однародените чорбаџии и од владиката  скопски. Токму во времето на Кримската војна во 1853 година, тие го обвинуваат Џинот пред власта дека е руски шпион. На големо незадоволство на македонското население, турските власти го протеруваат саканиот учител. Џинот по протерувањето од Скопје заминал во велешкиот манастир „Са. Јован“, но и таму не можел да најде мир, бидејќи го прогонувал велешкиот владика Авксентија. Постојано прогонуван од својот роден град, Џинот ќе побара заштита од преставниците на големите сили во Цариград. Во отсуство на рускиот конзул, Џинот преку австрискиот конзул доаѓа во српското преставништво. По интервенцијата на српскиот преставник Николаевиќ, Џинот ќе се врати во Скопје во почетокот на 1854 година. Додека престојувал во Цариград, чекајќи го одобрувањето, Џинот работел во редакцијата на „Цариградски вестник" во кој, инаку често печател свои трудови и со чиј уредник А. Екзарх одржувал живи врски.

По доаѓањето на Џинот во Скопје, судирите со чорбациите и владиката продолжија. Во работата наидува на многубројни пречки, а Џинот повторно е обвинуван дека е руски шпион и дека ги буни граѓаните против власта. Во меѓувреме тој стапува во врска  со белградското читалиште „Друштво српске словесности“ и  Министерството за просвета. Испраќа разни историски материјали: стари книжевно-историски споменици, нумизматички материјали, описи на области, места и манастири, свои книжевни творби. Така тоа траело некаде до крајот на 1856 година, кога состојбата се влошува, а Џинот е принуден да се крие. Во почетокрт на 1857 година тој  заминува во Белград за да бара заштита. Иако во Велес се враќа со препорака за велешкиот владика, односите не се подобруваат, а судирите меѓу Џинот и владиката и чорбациите се се почести. Во 1858 година. Џинот повторно оди во Белград, каде завршува и договара некои работи во Просветата за откуп на стари споменици, добивање на школски книги за низа училишта во Македонија. По враќањето во Велес, за да прибира стари книжевно-историски споменици, Џинот ја обиколува Западна Македонија. Во 1859 година извесно време учителува во Велес, потоа бил учител во Прилеп, за повторно да се врати во Велес, во 1860 година.

Прогонуван е од сите страни поради антифанариотската дејност, Џинот бил наклеветен како руски и српски шпион, од велешкиот и битолскиот владика пред великиот везир. Во 1861 година бил уапсен и отеран во прогонство во Мала Азија. За време на прогонот, еден од заптиите  со камшик му го избил десното око. Во прогонството Џинот остана до крајот на октомври 1863 година. Откако престојувал некое време во Цариград, се враќа во Велес. По враќањето, до крајот на својот живот, како слободен човек, работи како учител во Велес (1866 – 1867) и во Скопје(1869–1870) и истовремено прави напори (1864, 1868) одново да се поврзе со Друштво српске словесности (Српско учено друштво). Во 1880  година тој испраќа во Белград една голема пратка стари книжевно-историски споменици за кои добива знатна награда. Во август 1883 година Јордан Хаџи Константинов Џинот умира во Велес. Пред црквата Св. Спас стои спомен-плочата, што во 1883 година ја подигнала сестра му Марија – Маца Џинова

Првото книжевно дело на Јордан Хаци Константинов - Џинот е неговата „Таблица прваја’ – 1838. Тоа е еден практичен школски текст, сличен на многубројни „таблици", што биле во употреба по училиштата во Грци]а, Романија, Србија, Бугарија, како и кај нас во текот на повеќе децении од минатиот век. Таблица перваја на Џинот содржи поголем број морализаторско-дидактични мисли, напечатени во два столпца на една страна од еден лист. „таблица“, големина 44/32 сантиметри. Таблиците обично биле закачувани по зидовите на училниците и од нив читале учениците. Оваа таблица служела како учебно помагало при основно описменување на учениците. Џинот уживал глас не само на добар учител, туку и на умен човек, на филозоф. Неговите филозовски мисли се собрани во две збирки афоризми и се најблиску до „Таблица перваја“.  Џинот во текот на околу две децении, пишувал стихови, и преставува еден од првите македонски стихотворци. Неговите стихотворби се пишувани со одредена намена, која произлегувале како резултат од неговите потреби за морализирање, и за искажување некакви патриотски чувства. Негови стихотворби: “Плач на скопското училиште многотрудное”; “Дионис Вакхо” ; “Труд ми е името”, “Рај божји”; “Аврора”; “Крај реката Вардар” и “Горка чаша кнеза Лазара последна тајна вечера” (една од најдолгите песни во Македонија од овој период), го воспеваат образованието, просветата, убавината, слободата, патриотските чувства (“Аврора”)  и се одраз на сопствената биографија во која се зборува за неговите напори за отворање на училишта и борбата со гркоманските свештеници и чорбаџии (“Плач на скопското училиште многотрудное”).

Драмските обиди на Џинот се првите од овој вид во македонската книжевност. Познати се неговите драми кои ги изведувале неговите ученици:  “Миневра и девет музи”, “Разговор или прави человек”, “Училиште и учение”, “Басна”, “Сербија шетаетсја в земел своих”. Неговите драми, од кои првите четири се објавени во „Цариградски весник“,  претежно ја изразуваат неговата желба за ослободување од долговековното турско ропство и од духовното туторство на грчката црква, а која според неговото мислење лежи во македонското национално единство и соработката со словенските земји. Ги објавува првите македонски патеписи, кои се меѓу првите описи на Македонија. Џинот често се потпишувал: како Кочов и Чинов Трајко, а имал афинитет и кон сликање.

Џинот исто така се занимавал и со преведувачка дејност, со собирање на народни умотворби и лексички материјал. Намерата да издаде повеќе јазичен речник не успеал да ја реализира. Во август 1883 година Јордан Хаџи Константинов Џинот умира во Велес. Пред црквата Св Спас стои спомен-плочата, што во 1883 година ја подигнала сестра му Марија – Маца Џинова.

 

На прво место

News image

Груби со години ја крадел државата а негов соучесник бил Ковачевски, СДС и ДУИ знаеле

Груби со години ја крадел државата а негов соучесник бил Ковачевски, СДС и ДУИ знаеле, молчеле и...

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.