Среда, 18 Јануари 2012    PDF Печати Е-пошта
Никола Малешевски

Petrov_maleshevski_delchev

Никола Спасов Малешевски (Берово, 1852 - Дупница, Бугарија, 1935) - деец на македонското револуционерно ослободително движење. Учествувал во Разловечкото (1876) и во Кресненското востание (1878-1879), а потоа емигрирал во Бугарија. Во 1895 година се вклучил во ТМОРО и бил долгогодишен пунктов началник во Дупница, денешен Станке Димитров. Помагал при префрлањето на вооружените чети од Бугарија во Македонија и прифаќањето на бегалците по избувнувањето на Виничката афера во 1897 година. Основал неколку комитети во Дупница, а тесно соработувал со Гоце Делчев и Ѓорче Патров.

Никола Малешевски е роден во Берово, во 1850 година. Основно образование завршил во родното место, а потоа и машката гимназија во Солун. Револуционерниот дух на Малешевско- Пијанечката област го почуствувал релативно млад. Легендата на ајдутскиот војвода Илија Марков, познат како дедо Илија Малешевски, и неговата бројна дружина, која околу 50 – 60 години крстосувала по планините на овој крај, ќе остави силен белег кај младиот Никола. И не само тој, кон 60- тите години, низ оваа област крстосуваат и други војводи со околу 62 чети, чии акции против османската власт стануваат симбол на отпорот во  Малешевско- Пијанечката област. Тука е легендата и за Румена војвода, од Кривопаланечко.

По Кримската војна (1853 – 1856), се чувствува влошување на положбата на македонскиот народ. Османската империја која е принудена да се задолжи кај Западните земји, ги зголемува даноците за да го врати заемот. Положбата дополнително се заострува со населеувањето на Татари и Черкези од Крим и Кавказ, кои не само што ја добиваат плодната земја туку го тероризираат и пљачкосуваат населението. Ваквата положба која уште повеќе се заострува со однесувањето на грчките попови на Цариградската патријаршија, во периодот 1860 - 1870 година ќе го разгори отпорот на македонскиот народ.

Разгорувањето на црковната борба за обновување на Охридската архиепископија ќе доведе до политички настани кои водеа кон востание во овој дел на Македонија. Никола Малешевски, патувајќи по населените места го подготвува населението за отпор. Во 1874 година се подготвува бунт, кој по доаѓањето на Димитар Поп Ѓоргиев Беровски добива пошироки револуционерни размери. Во 1875 година, Димитар Поп Ѓорѓиев како беровски учител ја предводи борбата за отфрлање на црковната власт на Цариградската патријаршија. Доаѓа до судир со струмичкиот владика Јаротие, по кој Никола Малешевски, Димитар Попѓоргиев Беровски и други се осудени и затворени.

Набрзо по излегувањето и двајцата целосно се посветуваат на револуцинерната работа за ослободување на Македонија од турското ропство. Никола Малешевски учествува во Разловечкото востание (1876) и Кресненското востание (1878 – 1879). Меѓутоа и двете востанија биле крваво задушени, па населението поради страв од репресии се преселува претежно во Ќустендил и Дупница. Никола Малешевски емигрира во Дупница, Бугарија.

Неуспехот на востанијата, не го уништува револуционерниот дух на Никола Малешевски. Неговата куќа станува собиралиште на македонските патриоти, кои во Дупница формираат македонско друштво „Единство“, а за секретар го избираат Никола. Во 1895 година се вклучува во ТМОРО, а наскоро по средбата со Гоце Делчев бил поставен за пунктов началник во Дупница, денешен Станке Димитров.

Во 1896 година, Никола се запознал со Гоце Делчев кој како задграничен преставник му ја открива целата мрежа на пунктови и тајни канали на Македонската Револуционерна Организација воспоставена на Бугарската граница со Отоманската империја. Како пунктов началник, Никола помагал при префрлањето на вооружените чети од Бугарија во Македонија и прифаќањето на бегалците по избувнувањето на Виничката афера во 1897 година. Основал неколку комитети во Дупница, а тесно соработувал со Гоце Делчев и Ѓорче Патров.

Никола Малешевски се среќава со голем број македонски патриоти кои ги придобива и им овозможува да се приклучат на Организацијата. Во 1899 година се сретнува со Јане Сандански кого го запознава со целите на Македонската револуционерна организација. Потоа по средбата со Гоце Делчев, Јане станува и официјален член на Организацијата.

Соработката на Никола Малешевски со Јане Сандански ќе дојде до израз во 1901 година, кога е организирано и извршено грабнувањето на американската мисионерка Мис Стон. Во своите белешки за аферата Мис Стон, Рафаел Камхи ќе напише дека „ ..На 21 август 1901 година на патот меѓу Банско и Горноџумајско, од четите на Јане Сандански, на Христо Чернопеев, Крсто Асенов и Никола Малешевски беа грабнати Елена Мис Стон (американска протестантска мисионерка во Македонија) и нејзината придружничка, Екатерина Цилка (од Банско, сопруга на албанскиот револуционер Цилка)“.

За аферата Мис Стон пишува и Ѓорче Петров, кој во своите сведоштва за улогата на Никола Малешевски ќе забележи: „..Малешевски настојуваше да појдам во Дупница, посака напатствија, како да постапат понатаму. Кроевме да се сретнам со нив, со Сандански, за да им дам лични напатствија.“ По обвинувањата на Османлиите дека Бугарија ги подржува четите кои го извршиле киднапирањето, Ѓорче Петров во своите спомени ќе забележи дека бугарските власти сакале него и Малешевски да ги обесат само да се оправдаат пред европското јавно мнение. Меѓу другото, Ѓорче Петров ќе пишува дека по добивањето на откупот, била формирана комисија која имала за цел да води контрола како се трошат добиените средства. Во комисијата биле Делчев, Н. Малешевски, Туше Дели Иванов и Стефанов.

Опишувајќи ја последната средба со Гоце Делчев во Софија, во март 1903 година, два месеци пред да биде убиен во селото Баница, Ѓорче Петров ќе забележи дека Делчев, пред да тргне за Серез каде се подготвувал да изведува диверзанстски акции, како да претчуствувал дека веќе нема да се видат. На крајот на средбата срдечно се поздравил, ги изгушкал и избацил, и инсистирал да се фотографираат со него и Никола Малешевски.

Никола Малешевски до 1903 година одигрува значајна улога во пренесувањето на оружје, пари и материјали за Организацијата во внатрешноста на Македонија. За време на Илинденското востание и по него прифаќа и згрижува огромен број на бегалци од загрозените краишта во Македонија. Во текот на востанието војводата на Кукушката чета, Крсто Асенов, се оженил со ќерката на Малешевски, учителката Ана, но набргу потоа загинал.

Пред Балканските војни, Никола Малешевски формира герилски одреди кои како претходница влегуваат во Малешевијата и Пијанечко. Тој ја предводи четата на Седмата рилска пешадиска дивизија во борбите за својот роден крај. Овие чети ги ослободуваат населените места во Малеш и Пијанец и воспоставуваат власт.

Во периодот меѓу двете светски војни, домот на Никола Малешевски продолжува да биде собиралиште на македонските патриоти. Никола Малешевски цел свој живот се борел да ја види својата земја слободна, но желбата не му се исполнила. Умира во Дупница во 1935 година.
 

На прво место

News image

ВМРО– ДПМНЕ и претседателот Мицкоски со убедлива поддршка од граѓаните

ВМРО– ДПМНЕ и претседателот Мицкоски со убедлива поддршка од граѓаните, полицијата на терен во Ара...

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.