Среда, 18 Април 2012    PDF Печати Е-пошта
Константин Кирков
Константин Кирков неможе да замисли подвиг без да има чин на жртва

Kostadin_KirkovКонстантин Кирков (1882 - 1903) – е македонски револуционер, анархист, член на тајниот терористички кружок „Гемиџии“ кој учествува во познатите Солунски атентати кон крајот на април 1903 година во Солун. Заедно со Јордан Поп Јорданов – Орцето се душата на велешките „Гемиџии“.

Константин (Костадин) Кирков е роден во 1882 година во Велес, во видно македонско трговско семејство. Првичното образование го добива во родниот град, а средно продолжува да учи во Солунската егзархиска гимназија. Во тој период во гимназијата учат повеќе ученици од градот Велес, меѓу кои и Јордан Поп Јорданов – Орцето. Заедно со него формираат училишен кружок во кој членуваат 14 млади лица на возраст од 18 до 22 години, претежно од Велес.

Младиот Кирков кој бил природно убав човек со среден раст, со префинет однос, тивок и мирен темперамент, како да не припаѓал на дружината чии членови беа познати како големи ѓурултаџии (галамџии). Меѓутоа, неговиот и романтизмот на неговите другари, кои самите се нарекувале „Гемиџии“, ги носи на „чамецот во разбрануваното море без да се сигурни дали ќе преживеат или ќе загинат“. Тие тргнуваат на пат кој ќе ги постави на пиедесталот  на хероите и легендите на Македонија.

Кирков и Поп Јорданов се душата на кружокот кој претставува самостојна изолирана група, позната по своето другарство и младалашка непокорност. Тие се воодушевуваат од делувањето на ерменските револуционери и уште од самиот почеток се под силно влијание на анархизмот и рускиот нихилизам. Младите анархисти сметаат дека Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО) е нерешителна и единствен излез за ослободување на Македонија од османлиското ропство го гледаат во терористички акции.

Големи заслуги за ваквото идејно обликување на Кирков и неговите „Гемиџии“ има македонскиот револуционер и анархист Петар Манџуков, кој бил активен член на Македонскиот таен револуционерен комитет од Женева, деец на ТМОРО и повремен придружник на Гоце Делчев. Во писмото што Манџуков ги испраќа во 1898 година до својот сомисленик Костадин Кирков и другарите, тој  меѓудругото ќе напише:


Јас сметам дека македонскиот народ во ваквата сегашна положба не може да се ослободи за едно востание, кога се знае дека против себе ќе ја има не само Турција туку и Европа, а да не зборуваме за балканските држави. Јас, а и другарите од МТРК не сме против востание, како што тоа го мислат луѓето од внатрешноста. Ние сме за востание, но кога ќе бидеме убедени дека тоа ќе успее, а не само да го изложуваме целиот наш народ на една кланица. Ние сакаме да ги жртвуваме своите сопствени, а не народни животи за создавање на услови за едно широко востание и ослободување на нашиот народ. Ние сакаме повремено да предизвикуваме судир со турските башибозуци и со нашата крв да го свртуваме вниманието и симпатиите на „човекољубивата” Европа и да ја придобиеме во едно наше востание ако не помага, барем да не биде против нас.

И така, македонското прашање ќе може најдобро и најскоро да се реши само ако ние предците Македонци се кренеме и постојано предизвикуваме безредија. Впрочем, нашиот спас е во револуцијата! Затоа запознај ги нашите другари со ставот на нашиот МТРК и шири ја неговата идеја. Кога јас ќе си дојдам, ќе имаме можност да зборуваме поопширно и да те запознам со напредните идеи на Европа. Ќе донесам со себе доста материјали, кои го објавуваме или сметаме да ги објавиме во интерес на нашата татковина.“

Во недостиг на средства за акција, „Гемиџиите“ импровизираат киднапирање. Константин Кирков и Тодор Богданов, синови на богати семејства, времено ја напуштаат Солунската гимназија и се кријат, а нивните родители добиваат писма дека синовите ќе бидат ослободени доколку платат откуп. Родителите на Богданов не ја прифатиле уцената, додека таткото на Кирков по долги пазарање во Софија, се договорил за „слободата“ на својот син  да исплати 200 наместо бараните 400 фунти. Откупот го зел Гоце Делчев, но средствата не биле доволни, па Кирков го краде семејниот накит и го продава за 50 фунти. Со овие пари започнуваат подготовките за нападите.

Кон крајот на 1899 година, по доаѓањето во Солун на бугарскиот анархист Славе Мерџанов, велешките „Гемиџии“ ја прифаќаат идејата да му помогнат да изврши атентат врз султанот Абдулхамид II, Отоманската банка и Тутунската компанија во Цариград, со што сакаат да ја предизвикаат Европа да интервенира во корист на христијаните во Отоманската империја.

Согледувајќи дека убиството на султанот е нереално, на иницијатива на Јордан Попјорданов – Орце, било решено да се крене во воздух и солунскиот огранок на Отоманската банка. По шест месечна напорна работа во која се копаат тунели во Цариград и Солун, акцијата била сопрена во 1901 година откако отоманската полиција ги разоткрива нивните намери во Цариград.

И покрај сите напори на Организацијата да ги спречат да продолжат со намерите за изведување на атентати во Солун, „Гемиџиите“ предводени од Орце и Кирков успеваат да набават околу 160 килограми динамит. Поради малата количина тие се откажуваат да ја кренат во воздух одринската пошта, а за сметка на тоа одлучуваат да извршат уште неколку други атентати во Солун со кои би предизвикале внимание на светската јавност. Во јануари 1903 година, во Солун доаѓаат Павел Шатев и Димитар Мечев и тогаш почнуваат со копање на нов тунел.

Гоце Делчев и Даме Груев вложуваат напори да ги спречат нападите сметајќи дека ќе предизвикаат голема штета на Организацијата. Гоце Делчев дури им понудил пари, околу 250 турски лири добиени од откупот на Мис Стон само за да се откажат од акцијата или да причекаат до востанието. Но, пожртвувани до бесконечност, решителни и храбри, Кирков и другите го одбиваат барањето.

Во март 1903 година тунелот до банката во Долун бил завршен. Плашејќи се на бидат откриени, бидејќи властите поставувале канализација во близина, тие одлучуваат да дејствуваат веднаш по Велигден. На последниот состанок кога „Гемиџиите“ ги дефинираат целите и распределуваат задачите се отвара прашањето дали ќе обидат да преживеат или пак ќе загинат од своите експлозии?

Додека Шатев и некои други сметаат дека смртта е бесмислена и дека живи подобро ќе му служат на делото, дотогаш Кирков и Орце сметаат дека треба да се умре при акцијата. Тие едноставно неможат да замислат подвиг без да има дрзок чин на жртва. Тоа за нив би било еднакво на подлост, па затоа Кирков, Орце и нивните другари скромно заминуваат во смрт без да се сликаат и без да остават фотографија на генерацијата.

На 28 април 1903 година, Павел Шатев без жртви го потопува францускиот брод „Гвадалкивир“. Исто така без жртви поминува и акцијата на Димитар Мечев, Илија Тричков и Милан Арсов кои го креваат во воздух возот на линијата Солун – Истанбул.

Главниот напад бил планиран за 29 април 1903 година.  Вечерта во 20 часот Константин Кирков го крева во воздух доводот за вода и гас, по што целиот град останува без вода и потонува во темнина. Тоа беше знак да делува Орцето. Додека во градот владеше паника и хаос, Орцето го запалува фитилот од банката и го предупреди семејството на директорот да ја напушти банката. Десетина минути подоцна зградата на Отоманската банка била крената во возух. Еден од зидовите на банката се срушил на германскиот „Кагел клуб“ каде загинуваат четири лица, а пет се повредени. Меѓу настраданите бил и германскиот конзул Фор. Другите гемиџии фрлија уште неколку бомби во градот што предизвикува дополнителна паника. Италијанскиот конзул подоцна ќе извести дека тоа „беше момент на луд ужас, луѓето трчаа по улиците, без да знаат каде одат..“

Во општата паника која го зафаќа градот, Константин Кирков и Поп Јорданов - Орцето, игнорирајќи ја опасноста се враќаат во своите домови. Решени да го завршат својот подвиг со дрзок чин на саможртвување за македонската кауза, двајцата лидери на Гемиџиите ќе дадат пример како се умира за татковината.

Утрото на 30 април Орцето фрла од прозорецот бомба и така го предизвикува турскиот аскер. Откако завршува со бомбите, тој се покажува пред аскерот и паѓа застрелан. Восхитен од ваквата постапка, турскиот офицер ќе се обрати кон своите војници со зборовите: „Вие треба да го превземете од овој херој примерот како се умира за татковината“. Истиот ден Константин Кирков, елегантно облечен оди да ја разнесе солунската пошта под изговор дека сака да испрати телеграма. Но, кога стражата се обидува да го претресе тој вади бомба и пред да ја активира бил прободен со бајонет.

Акциите завршуваат на 1 мај 1903 година, со неуспешен обид да се убие солунскиот валија Хасан Фехми паша, по што Цветко Трајков се самоубива. Во Солунските атентати загинаат Константин Кирков, Јордан Поп Јорданов - Орцето, Владимир Пингов, Илија Трчков, Димитар Мечев и Цветко Трајков. Така тие го исполнија својот завет да умрат. Единствено Павел Шатев, Ѓеорѓи Богданов, Марко Бошнаков и Милан Арсов ги преживеале атентатите во Солун. Тие биле уапсени и осудени најпрво на смрт, а подоцна казната им била заменета со доживотен затвор која ќе ја издржуваат во градот Музрук, Северна Африка. Таму умираат Арсов и Бошнаков, а по амнестијата по Малдотурската револуција, во земјата се враќаат само Шатев и Богданов носејќи ги главите на починатите другари.

Константин Кирков кој бил вљубен во Алис, убавата внука на сопственикот на тогашната Отоман – банка, задржувајќи ги начелата дека нема подвиг без чин на жртва, отиде смело во смрт со младешки ентузијазам и свест дека умира за општонародната македонска кауза.
 

На прво место

News image

ВМРО– ДПМНЕ и претседателот Мицкоски со убедлива поддршка од граѓаните

ВМРО– ДПМНЕ и претседателот Мицкоски со убедлива поддршка од граѓаните, полицијата на терен во Ара...

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.