Среда, 16 Мај 2012    PDF Печати Е-пошта
Васил Апостолов Икономов

lazaropoleВасил Апостолов Икономов (6. V 1848 – 4. VI 1934) е македонски народен учител, собирач и издавач на македонски народни песни и обичаи од Дебарско, печатар, преведувач, калиграф, публицист, црковен певец и културно-национален деец.

Васил Апостолов Икономов е роден на 6 мај 1848 година во Лазарополе, Дебарско. Потекнува од родот на Димковци од кои потекнуваат повеќе селски попови, по што подоцна го добиваат презимето Поповци. Татко му Апостол Поповски, кој бил кираџија и се занимавал со трговија, бил убиен од арамиска банда, а мајката Риста Чуревска умира кога Васил имал само 6 години. Откако рано останал сирак, грижата за Васил ја презел неговиот чичко поп Коста Мартинов Поповски, познат по прекарот Иконом. Подоцна Васил покрај името на својот татко го додава и прекарот на својот чичко, па во историјата останува познат како Васил Апостолов Икономов.

Основното образование Васил го добива на народен јазик во ќелијното селско училиште. Откако се стекнал со првичното образование, грчкиот владика Калиник од Дебар кој имал за цел да го шири грчкото влијание во Мијачијата, го испратил Васил да се дообразува во грчката семинарија (богословска учителска школа) на Атон. По завршувањето на семинаријата, Васил се враќа во родното место околу 1865 година. Станува црковен певец и помошник учител кај чичко му поп Коста и одбива да го шири грчкото влијание во селото.

На свои 17 години за првпат се оженил, но набрзо умираат женета и детето. Се оженил и по втор пат, но и таа набрзо починала. Во 1968 година се оженил со Ангелина (Анѓа) Камбуровска. Тоа било време кога српската пропаганда се засилува во Македонија. Во Лазарополе агитираат српски учители, се делат српски книги и учебници, а населението го запознаваат со зборниците на Вук Караџиќ. На почетокот на 1968 година, Васил се запознава со преставникот на српската пропаганда во Македонија Стефан Верковиќ, кој го насочува да собира фолклорно-етнографски и други материјали.

Во овој период Васил и неговиот другар поп Теофил Аврамов Жунгулоски (подоцна митрополит во Дебарската епархија) се активно вклучени во антипатријаршиското движење. Иако и двајцата повремено стануваат „српски“ и „бугарски“ учители во селото, тие всушност работат против грчката патријаршија и бугарската егзархија, а се борат за осамостојување на македонските епархии и обновување на Охридската архиепископија. Со тоа, тие го навлекуваат гневот на патријаршиски владика Антим од Дебар. Наклеветен од грчкиот владика Антим кај турските власти, Икономов бега во 1874 година и извесен период живее со македонските печалбари во Плоешти, Румунија.

Во периодот 1882/83 година, Василко Икономов, во Лазорополе отвора Неделно училиште за младинци и возрасни. Него го посетувале младинци од селата Гари, Осој, Росоки, Селце и Тресонче, а целта била зајакнување на образовното ниво на младинците и правилно насочување кон остварување на целите на тогаш силното црковно-просветно движење. Заради ваквите заложби, неговиот другар Теофил Жунгулоски платил со својот живот. По нарачка на грчкиот владика Антим, потплатени Албанци го убиваат Теофил на 20 јули 1884 година.

По убиството на Теофил, Васил како негов најблизок пријател и соборец заминува за Цариград за да се жали од владиката Антим и да бара од турските власти негово сменување со егзарски владика. Но наместо правда Васил Икономов и триесетина првенци од дебарско-реканската област биле затворени. Постојано клеветен и апсен од турските власти, Икономов во текот на 1885 година привремено се засолнува во манастирот „Св. Пречиста“. Но, веќе во 1886 година тој повторно се враќа во Лазорополе каде продолжува да учителствува.

Под влијание на Анатолија и Партенија Зографски, како и блиските значајни манастирски центри, кај Васил и останатите Мијаци се буди русофилството. Васил Икономов се запознава со рускиот дипломат, историчар, етнограф и археолог Иван Степанович Јастребов, кој голем дел од својата дипломатска кариера ја поминува како руски конзул во Скадар, Призрен, Јанина и Солун. Додека службува во Призрен (вицеконзул 1870 -1876 и конзул 1879 – 1886), Јастребов добива од Васил голем број записи на народни песни и обичаи од Дебарско, а истите ги публикува во Јастребовиот зборник издаден во 1886 година. Како голем србофил, Јастребов овие записи од македонскиот народ ги објавува како српски.

По препорака од рускиот битолски конзул, во текот на 1886/87  година, Икономов престојува во Санкт Петербург и добива подароци од царот и од рускиот патријарх за Лазарополе. Често патува во Цариград, Белград и Софија, каде контактира со министри, научници и општественици. Од преписките со бугарскиот славист Иван Шишманов, се гледа дека Васил покрај народни обичаи и лирски песни, собирал уште балади, гатанки, баења, пословици, брзоговорки, детски загатки, стари јуначки песни и приказни. Дел од овие народни песни се објавени во „Сборник за народни умотворенија, наука и книжнина“ издаден во 1889 година во Софија, но приказните остануваат. Исто така тој предава во Софија и 10 стари ракописи од Македонија од XIII–XVI век.

Во 1891 година Васил учествува на учителскиот собир во Прилеп и во составувањето на антиегзархиската резолуција. Вознемирени од антиегзархиските ставови на Икономов, контролорите на бугарската егзархија по ревизијата во училиштето во Лазарополе, констатираат дека децата не знаат бугарски јазик и дека учителот не ги учи на бугарски јазик. Тие наведуваат дека Икономов „со своите неразумни проповеди за посебен македонски народ“ го подмамува населението и го води „кон гибел“. Во учебната 1892/93 година, егзархиската црковна општина Дебар, по 12-годишна егзархиска служба, го исклучува Икономов од учителската должност. Истовремено и Шишмановиот „Сборник за народни умотворенија, наука и книжнина“ престанува да му ги објавува предадените народни умотворби.

Останувајќи без работа, Васил Икономов оди во Софија. Таму се договора со организаторот на Младата македонска книжевна дружина и редакторот на весникот „Македонија“ Коста Шахов и со материјална поддршка од своите земјаци, во 1893 година го објавува својот прв „Сборник от старонародни песни и обичаи в Дебрско и Кичевско (Западна Македонија). Во декември 1894 година, Васил Икономов добива турски пасош, а со нивно одобрение во 1895 година во Солун го издава својот втор зборник на народни песни „Сборник от старонародни умотворениja из Дебрско, Кичевско и Охридско“.

Во 1895 година, на враќање во близина на Кичево, Икономов бил киднапиран со други соселани и печалбари од Галичник, од арамијата Биљал Чела. Тој бил ослободен со голем откуп во јули 1895 година. На 20 септември истата година Дебарската црковноучилишна општина го назначува за учител во село Беличица. Но, соселаните бараат „да се назначат истите учители и Василко Икономов“, по што на 7 ноември 1897 година добива решение и за Лазарополе. Во меѓувреме, во 1896 година во Солун се печати неговата следна книшка „Кратко описание на светогорските монастири“.

Во 1897/98 година Васил Икономов се соочува со тешка семејна трагедија. Девет од десет деца умираат а сопругата Анѓа тешко се разболува. Со болната сопруга и единствениот преостанат син Методија заминува во Бугарија каде останува две-три години. Потоа во периодот од јуни 1902 до јули 1907 година служи како певец во бугарската црква „Св Вознесение“ во Браила, Романија. Таму објавува и „неколку душеполезни книшки“ и подготвува за печат зборник со црковни песни, во добар дел од македонски автори - композитори.

По Младотурската револуција, во летото 1908 година,  Икономов заминува за Солун, каде што син му учи во Егзархиската машка гимназија. Во солунската печатница „Аквароне“ ја објавува книшката на јероѓаконот И. Христов „Дебрски манастир св. Иоан, значението за краја“, каде што е регистрирана и театарската претстава во манастирот (3. I 1908).

Во 1909 година, Васил Икономов и унијатскиот јероѓакон Јосиф Г. Раданов отвораат своја печатница која работи околу 7-8 месеци. По печатењето на песнарка која содржи десетина забранети  македонски револуционерни песни, турските власти ја затвараат печатницата, а Икономов бил прогонет. Тој се крие по бачилата на своите пријатели, но и во манастирот Пречиста, Кичевско, каде имал и своја соба.

Васил Икономов ги поминува Балканските војни во родното село. Откако српските окупаторски сили го напуштаат Лазарополе на 20 ноември 1915 година, новите бугарски окупациски власти го назначуваат за претседател на Тричлената комисија како основна власт во Лазарополе и за кмет на Лазарополската општинска управа. Во овој период, тој во селото образува Ново Читалиште со кое управува неговиот син Методија Поповски, а за претседател бил именуван свештеникот Данаил Попо Костов (братучед на Васил). На 24 декември 1917 година бил преместен за кмет на Требишката општина.

По капитулацијата на Бугарија, Икономов пред новата српска власт се повлекува во манастирот „Св. Пречиста“. Но, на 3 јануари 1919 година, тој бил итно повикан од српските власти и Кралскиот суд на Општина Лазарополе, кои нему и на неговиот син му подготвуваат бесилка. Во последен момент го спасува галичанецот Васил Чоланчески. Подоцна му била понудена српска пензија, но тој категорично ја одбил. На прашањето дали би сакал бугарска пензија тој едноставно одговорил:

„Ако ми давале Бугарите, јас ќе си останев во Софија, а не во Лазорополе! Јас работев само за Македонија и не сакам пензија ни од Бугарија, ни од Србија! И нашето петле ќе пропее“

Васил Апостолов Икономов умира  на 4 јуни 1934 година, на 86-годишна возраст во родното село Лазарополе.

Тихомир Каранфилов

 

На прво место

News image

ВМРО– ДПМНЕ и претседателот Мицкоски со убедлива поддршка од граѓаните

ВМРО– ДПМНЕ и претседателот Мицкоски со убедлива поддршка од граѓаните, полицијата на терен во Ара...

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.