Среда, 26 Декември 2012    PDF Печати Е-пошта
Никола Мартиноски

nikola-martinoskiНикола Мартиноски (18. VIII. 1903 - 7. II. 1973) е македонски сликар, педагог, еден од најистакнатите претставници на македонското современо сликарство. Има огромна заслуга за вклучувањето на македонската ликовна уметност во модернистичките текови.

Никола Мартиноски е роден на 18 август 1903 година, во Крушево, како едно од четирите деца на семејството на Коста и Анушка Мартин. Тоа е период на Илинденско востание 1903, кога македонскиот народ води нееднаква борба за ослободување од турското ропство. Во 1906 година неговото семејство го напушта разрушениот град и се преселува во Скопје. Своето образование го започнал во романското основно училиште во 1910 година, а средно српско училиште учел од 1918 до 1920 година.

Својот интерес кон цртањето Мартиноски го пројавува по смртта на татко му во 1919 година, кога почнал да работи како помошник во атељето на последниот македонски зограф Димитар Андонов Папрадишки. Тука тој се стекнал со основни знаења од иконописот и сликарството. Иако финансиската состојба на семејството не била добра, тој успеал во 1920 година да го продолжи своето образование на Школата за убавите уметности во Букурешт.

Мартиноски во текот на своето школување ги посетувал курсевите по цртање (декоративна уметност и сликање) кај професорите Георге Миреа и Камил Ресу (George Mirea и Kamil Resu), и скулптура, кај професор Димитрие Пачуреа (D. Paciurea). На крајот од школувањето Мартиноски бил награден со прва награда за сликарство за делото „Женски акт“, работена под влијание на Камил Ресу (К. Resu).

Во 1927 година, Мартиноски дипломирал на Школата за убавите уметности во Букурешт, а по краткиот престој во Скопје, заминал за Париз каде во текот на 1927 - 1928 година ги посетувал академиите Гранд Шомиер и Рансон. Професорите Жорж Бисиер, М. Кислинг и Амаде де ла Пателјер (Georges Bissiere, M. Kissling, Amade de La Patteliere), направиле пресвртница во уметничкиот развој на Мартиноски.

Престојот во Париз е од особено значење за развојот на творештво на Мартиноски. Мартиноски покажал особен интерес за сликањето на Модилјани (Modigliani), Сутин (Soutine), Кислинг (M. Kissling) и Паскен (Pascin), а се запознал и со францускиот, германскиот и фламанскиот експресионизам, со уметноста на А. Дарен и Пабло Пикасо, што е од несомнена важност за развојот на современо македонско сликарство. Во периодот 1927-1928, Мартиноски создавал дела со посткубистичка и експресионистичка ориентација со афинитети за творештвото на Сутин, Модилјани, Кислинг, Шахисти, 1928.

Првата изложба Мартиноски ја имал за време на престојот во Скопје во 1927 година. Во тој период, Димитар Пандилов и Лазар Личеноски ги имале своите први самостојни изложби, а заедно со Мартиноски излагале и на една групна изложба. По враќањето од Париз во Скопје кон крајот на 1928 година, првата самостојна изложба Мартиноски ја имал во 1929 година, а потоа сите други (1930, 1931, 1935, 1936, 1938 и 1939) биле организирани од новооснованото друштво на пријателите на уметноста „Јефимија“.

Делата создадени во периодот од 1929 до 1933 година се доближуваат до германските експресионисти. Во овој период, Мартиноски ги создал своите најзначајни дела со социјални мотиви, во кои ги претставил луѓето од маргините (Госпоѓицата Арети, 1931; Порок, 1931/32; Во кафеана II, 1932), портретите (Младиот филозоф, 1929; Автопортрет, 1931), симболичките и религиозните сцени, пејзажите. Од 1933 година сликал композиции со мотивот мајка и дете, според модели на жени-Ромки (Мајка со дете, 1934). Во 1935 насликал 12 еротски мурали (сега уништени) во скопскиот локал „Океан“.

До 1936 година, уметничката личност на Мартиноски дефинитивно созреала. Тој и понатаму ќе ги бара своите мотиви и модели во циганските маала во Скопје, откривајќи ја општествената реалност на предвоена Македонија. По 1936 година во творештвото на Мартиноски се развил еден вид социјален реализам, како израз на симпатијата кон сиромашните и како вистински одраз на животот. На неговата самостојна изложба во 1938 година, уметноста на Мартиноски била класифицирана како реалистична и тој бил наречен “голем македонски сликар”. Од таа година датираат неколку типични дела: „Питач“, „Малиот ерменски емигрант“ и „Албанец“.

Со својата самостојна изложба во 1939 година, Мартиноски продолжил да ја следи оваа тенденција кон социјалниот реализам. Претставувајќи мајки со деца, момчиња и девојчиња, тој често пренагласувал некои детали за да го искаже човековото страдање. Сликата „Дедо и внука“ од 1940 година укажува на горчината на тешкиот живот, а во неколку слики “мајки со деца” и “доилки”, натуралистички ги нагласува социјалните и психолошки моменти. Во овој период Мартиноски насликал и неколку мртви природи кои се меѓу најдобрите негови дела.

Пред Втората Светска Војна, Мартиноски освен во Скопје, самостојно изложувал во Белград (1931, 1932) и Загреб (1936, 1937), а како член на белградската група „Облик“  учествувал на групни изложби во тогашна Југославија и надвор од неа (Прага, Софија, Солун, Рим). Истовремено тој сликал, цртал, работел на илустрации за книги, а кон триесетите години направил и неколку интересни ѕидни декорации. Во сезоната 1939/1940 година тој бил и хонорарен сценограф во Скопскиот театар. Во овој период тој се дружи со значајни личности на културнит живот во Скопје и напишал неколку натписи за уметничкиот живот во градот.

Во текот на Втората Светска Војна, Мартиноски не создавал многу. Првата самостојна изложба, како и учество во неколку групни изложби, за време на германската и бугарската фашистичка окупација на Македонија (1941 – 1944), Мартиноски ја имал во Скопје во 1942 година. Наредната 1943 година се повлекол во родното место, а по ослободувањето на Крушево (септември 1944), се вклучил во НОБ.  Генералштабот на НОВ го испраќа во Прилеп, каде спроведува различни културни и пропагандни активности.

По ослободувањето на Скопје (13 ноември 1944), Никола Мартиноски доаѓа во Скопје и го основа денешното Училиште за применета уметност, каде се` до 1949 година бил директор. Потоа бил назначен за директор на новооснованата Уметничка галерија – Скопје (денес Национална галерија на Македонија). Два пати бил избран за народен пратеник во федералното собрание на Југославија, а неколку пати бил претседател на ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија).

Духот на социјалниот реализам во делата на Мартиновски е присутен се` до педесеттите години, кога настанале сликите со крушевски мотиви, сликани на еден речиси карикатурален начин. Работел цртежи и карикатури, во кои на сатиричен начин ги прикажал појавите од современиот живот.

По 1965 година, Мартиноски трага по поубедлив ликовен третман („Доилка“ 1967). Потоа создал бројни дела на овој мотив каде го следи академскиот стил и ја нагласува звучноста на боите. Мартиноски во овој период изработил многу портрети и слободни композиции во кои често го следи експресионизмот, меѓу кои посебно се истакнува „Автопортрет” (масло, 1969). Во многу мртви природи од овие години, Мартиноски речиси ја достигнал синтезата на експресионизмот и третманот на Сезан.

Неговите дела биле изложени и на првите повоени изложби во Југославија и странство. Во педесеттите години тој имал повеќе самостојни изложби на цртежи и слики во земјата и странство.  Во шеесеттите имал неколку самостојни изложби во Скопје и Белград, а учествувал и на неколку групни изложби во Југославија и странство, меѓу кои и на големата изложба на југословенска уметност ”Од праисторијата до модерната” во Париз (1971). Самостојно излагал во Скопје, Белград, Загреб. Ретроспективна изложба имал во Скопје (МСУ, 1975).

Се` до неговата смрт Мартиноски беше директор на Уметничката галерија-Скопје, а во 1967 година стана и редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Доби Награда за животно дело (1964) и Наградата АВНОЈ (1967). Во 1968 година, во Крушево, беше основана Галеријата Никола Мартиноски, со повеќе дела кои тој му ги подари на својот роден град. Мартиноски беше близок со најистакнатите личности од научната, политичката и уметничката сфера. Имаше многу почитувачи и колекционери во Македонија, поранешна Југославија и во странство.

Никола Мартиноски беше креативно активен, се` до крајот на својот живот. Ненадејно почина на 7 февруари 1973 година. Неговиот придонес кон македонската култура е од непроценливо значење. Достигнувањата на Мартиноски се вградени во основите на македонската модерна уметност, а без сомнение тие се придонес и кон европската “обнова на експресионизмот” во осумдесетите и деведесетите години на XX век. Со своите најдобри остварувања Мартиноски ја вгради модерната македонска уметност во најважните светски стремежи на своето време.

 

На прво место

News image

ВМРО– ДПМНЕ и претседателот Мицкоски со убедлива поддршка од граѓаните

ВМРО– ДПМНЕ и претседателот Мицкоски со убедлива поддршка од граѓаните, полицијата на терен во Ара...

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.