Среда, 23 Јануари 2013    PDF Печати Е-пошта
Христо Матов

MatovХристо Матов (10. III. 1872 – 10. II. 1922) – професор, револуционер и еден од идеолозите на Македонската Револуционерна Организација (МРО). Бил член на Централниот Комитет и задграничното претседателство на Организацијата, а по Илинденското востание е главен идеолог на Конзервативната струја и е водач на десницата во Организацијата.

Христо Матов е роден на 10 март 1872 година во Струга. Неговите родители Апостол и Петра Матеви имаат единаесет деца од кои полнолетство доживуваат само шест: Димитар, Христо, Милан, Марија, Агнија и Царева. Христо бил мошне близок со шест години помладиот брат Милан Матов, кој исто така станува истакнат македонски револуционерен деец.

Основното образование го стекнува во родниот град, а потоа учи во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“. По завршувањето на гимназиското образование во 1888 година, две години работел како учител во Струга. Во 1893 година завршил славјанска филологија на вишото училиште во Софија и потоа учителствува во Сер, Скопје и Бугарија.  Во текот на учителствувањето доаѓа во допир со идеите на МРО и целосно им се посветува.

Во 1894 година Христо Матов контактирал со Даме Груев и Иван Хаџи Николов, но член на ТМОРО станал дури во август наредната година. Потоа го формирал првиот месен револуционерен комитет во Скопје, каде за член на ТМОРО го примил петнаесетгодишниот Тодор Александров во 1896 година. Во периодот од 1895 до 1898 година, како училишен инспектор во Скопската епархија Матов се бори против српската пропаганда, а потоа се вработил во гимназијата во Солун и влегол во Централниот комитет на Организацијата.

Во масовните претреси настанати по Солунската провала во јануари 1901 година, биле уапсени повеќе членови на Организацијата, меѓу кои биле и членовите на ЦК на ТМОРО, Пере Тошев, Христо Татарчев и Христо Матов. Иван Хаџи Николов, исто така член на ЦК, чувствувајќи дека ќе биде уапсен, целата коресподенција, врски и шифри му ги предал на пројавениот врховист Иван Гарванов, со што МРО била обезглавена.

По апсењето, деветнаесет членови на Организацијата биле обвинети дека се здружиле против Отоманската империја со цел „Да основаат самостојна македонска држава од Солунскиот, Битолскиот и Скопскиот вилает“, односно дека организирале револуционерна сила против османлиските власти со цел воспоставување на автономна власт во Македонија. Според османлискиот кривичен закон, тројца од обвинетите биле осудени на смрт, седум меѓу кои Христо Матов и Пере Тошев биле осудени на вечен затвор, Христо Татарчев и поп Стамат на пет годишен затвор со синџири, еден со затвор од две години, а петмина биле ослободени.

Осудените Христо Матов, Христо Татарчев, Пере Тошев, Иван Хаџи Николов и други биле испратени во Подрум Кале (Бодрум Кале), Мала Азија, каде требало да ја издржуваат казната, но, веќе во август 1902 година Христо Матов, Христо Татарчев и Пере Тошев биле помилувани од султанот. По ослободувањето, кон крајот на 1902 година, Матов и Татарчев биле именувани за членови на Задграничното претставништво на Организацијата во Софија. Тие се зафатиле со работа и убедени дека Бугарија воено ќе интервенира, ја поддржале новата полтика за брзо подигање на востание, која ја наметнал Гарванов, држејќи ги конците на МРО во свои раце.

По започнувањето на Илинденското востание, Задграничното претставништво во име на Организацијата се обратило до големите сили. Христо Матов ги посетил странските амбасади и им соопштил дека македонскиот народ се дигнал на оружје. Во Декларација која им била предадена се барало нивно вмешување за да се отстрани злото и да се запре пролевање на крвта, а истовремено било потенцирано дека македонското прашање може да биде решено само доколку постои меѓународна ефикасна контрола, односно за управник на Македонија да се постави христијанин кој би дејствувал независно од Високата Порта. Потоа, Матов во текот на востанието држел прес конференции на кои ги информирал новинарите за текот на борбите.

Веднаш по востанието, Организацијата се нашла во крајно тешки услови и пристапила кон обновување и поврзување на своите разбиени и дезорганизирани редови. Првите проценки за пропаднатото востание и во врска со натамошната иднина на Организацијата започнале кон крајот на 1903 и почетокот на 1904 година во Софија каде биле собрани најголем дел од раководните кадри. Уште на почетокот од овие дискусии дошло до создавање на две струи во револуционерното движење: конзервативна, предводена од задграничните претставници Матов и Татарчев и прогресивна, предводена од Серската група, која се залагала за децентрализација и демократизација на Организацијата.

Застапувајќи ја идејата на т.н. десно крило за зачувување на старите организациони форми на движењето, Христо Матов ја создал брошурата „Основите на организацијата на Брут“, како одговор на т.н. левица која во Софија ја донесува „Директивата за идната дејност на Организацијата“. Всушност Директивата била прва програма, прва политичка декларација на левицата (Серската група) во која таа категорично се изјаснува против зачувувањето на стариот ред на организационата структура.

Поларизацијата која настанува во Организацијата во Софија се рефлектира и во Македонија каде на одржаните конгреси на Револуционерните окрузи на Организацијата, се диференцираат двете идејни струења на Организацијата. Тука се мобилизираат силите за решителната битка на Општиот конгрес кој ќе се одржи во Рилскиот манастир во есента 1905 година.

На Конгресот се водела остра дебата околу точката три од дневниот ред: Уредување и управување со организацијата. Од овој член произлегувало дека голем број делегати кои биле од конзервативната струја немале право да присуствуваат на Конгресот, бидејќи подолго време се наоѓале надвор од Македонија и Одринско. Меѓу нив се наоѓале Матов и Татарчев. Токму по овој член дошле до израз сите противречности меѓу двете струи во Организацијата. Тие ќе доведат до целосен расцеп во Организацијата, кој јасно и отворено ќе се појави во врска со одржувањето на вториот редовен конгрес на партијата, а на кој според одлуките од Рилскиот конгрес требало да се одржува во внатрешноста на земјата и на него да учествуваат само делегати кои најмалку една година престојувале во Македонија.

На советувањата на десницата кон крајот на 1906 и почетокот на 1907 година, во Софија било одлучено да не се избира нов ЦК, туку биле избрани Борис Сарафов, Иван Гарванов и Христо Матов за нови членови на Задграничното претставништво на Организацијата во Бугарија. Декларацијата која ја издава десницата наполно ги осветлува разликите меѓу двете конфронтирани страни. Тоа ќе доведе до конфликт кој ќе има тешки последици по Организацијата, а редовниот конгрес кој компромисно беше закажан да се одржи повторно во Рилскиот манастир нема да се одржи. Левицата, сметајќи дека директно работат против интересите на Организацијата во ноември 1907 година ги ликвидираат Борис Сарафов и Иван Гарванов, додека Христо Матов случајно го избегнал атентатот.

Убиството на двајцата задгранични претставници предизвикува целосен расцеп на Организацијата, која десницата го формализира на Ќустендилскиот конгрес одржан во март 1908 година.  Под претседателство на Христо Матов, на Конгресот на кој не присуствувал ниту еден преставник на левицата, била извршена ревизија на одлуките на Рилскиот конгрес, а исто така бил избран нов Централен комитет (Павел Христов, Еврем Чучков и Петко Пенчев; доплнителни членови Стојан Икономов, Петар Ацев и Аргир Манасиев) и задгранични претставници (Христо Матов, Михаил Дорев и Апостол Греџов; дополнителни членови- Христо Татарчев, Пеју Јаворов и Христо Силјанов).

По Младотурската револуција, Матов бил еден од организаторите на Сојузот на бугарските конституциони клубови во Солун. Во текот на Првата Балканска Војна во 1912 година, Христо Матов учествува како доброволец во Македонско-одринското ополчение. Тој бил одликуван за покажаната храброст со сребрен крст со круна „За воени заслуги“ и со орден „Св. Александар“ VI степен. По Втората Балканска Војна ги формулирал барањата на ВМРО со кои македонска делегација ја обиколила Европа. За време на Првата Светска Војна, Матов служел во штабот на бугарската војска и заедно со Георги Баждаров го уредувал весникот „Родина“ во Скопје.

По војната се повлекол од политичкиот живот поради здравствени причини (боледувал од туберколоза). Како признат теоретичар и идеолог на револуционерното движење, оставил знаменити дела. Автор е на повеќе книги со теоретска, револуционерна, филолошка и литературна содржина. Матов често своите трудови ги објавувал под псевдонимот Дримколов. Водел остри полемики со Димо Хаџи Димов, Ѓорче Петров и Јане Сандански. Исто така, најчесто под псевдонимот Брут, тој е автор на политички есеи, во кои се разоткрива како непореклив национален мислител. Знаменита е неговата средба со Троцки во Софија.

Последните години ги поминал во сиромаштија. Бугарските власти му го одбиле барањето за пензија, па се издржувал со помош на братот и со средства кои ги добивал ВМРО. Христо Матов, еден од најдобрите идеолози на ВМРО за време на турскиот режим, умира на 10 февруари 1922 година во Софија.

Тихомир Каранфилов

 

На прво место

News image

ВМРО– ДПМНЕ и претседателот Мицкоски со убедлива поддршка од граѓаните

ВМРО– ДПМНЕ и претседателот Мицкоски со убедлива поддршка од граѓаните, полицијата на терен во Ара...

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.