Среда, 08 Мај 2013    PDF Печати Е-пошта
Кузман Шапкарев

220px-Kuzman_Shapkarev_1907_posledna_snimkaКузман Атанасов Шапкарев (1834 - 1909) е македонски преродбеник, истакнат фолклорист, етнограф, публицист и учебникар. Повеќе од триесет години собирал и ја проучувал македонската усна традиција. На свој начин тој е зачетник на македонизмот.

Кузман Шапкарев кој долго време се викал Козма А. Паскалев е роден на 1 февруари 1834 година во Охрид, во сиромашно семејство. Основното образование го стекнал во родниот Охрид, кај вујко си Јанакие Стрезов. И двајцата биле воспитаници на Димитар Миладинов кој по 1842 година доаѓа за учител во Охрид. Така ученици на Димитар биле Јанаки Стрезов, Григор Прличев, Кузман Шапкарев и други, кои подоцна ќе станат следбеници на македонската преродба. Јанаки Стрезов и Димитар Миладинов ќе станат предводници на борбата за обнова на Охридската архиепископија во Охрид и околината, како и отварање на црковни училишта на народен македонски јазик.

Од вујкото Јанаки Стрезов и од Димитар Миладинов, Шапкарев ја стекнал љубовта кон собирање и проучување на македонската усна традиција. Во текот на 1854 – 1855 година, тој сретнал кај вујко му тетратка во која имало запишано неколку песни со грчки букви. Тоа бил првиот поттик за собирање на македонски умотворби. Вториот поттик се случил откако од Констатин Робев добил Зборник со македонски народни песни од Стојан Верковиќ. Но, со потполно сознание за вредноста за собирачката работа на македонскиот фолклор, Шапкарев се стекнал откако во 1865 година во Кукуш го добил Зборникот на браќата Миладиновци.

Јанаки Стрезов со внукот отворил училиште во својот дом, а Шапкарев почнал да работи како учител и предавал на грчки и мајчин јазик. Во периодот од 1856 до 1859 година, Кузман Шапкарев работел како учител во Струга, а од 1859 до 1860 година во Охрид. Во Струга Кузман имал прилика подобро да се запознае со Димитар Миладинов и неговата фамилија. Во својата „Автографија“ од 1864 година, Кузман Шапкарев ќе забележи дека уште во 1857 година Димитар Миладинов му испратил од Прилеп „15 српски буквари со црковно писмо“, а потоа од Кукуш му испратил доволен број учебници од Партенија Зографски.  По враќањето на Димитар Миладинов од Кукуш во есента 1858 година, Кузман се свршил за неговата сестра Елисавета Миладинова (1846 – 1870), а нивната борба за воведување на мајчиниот народен јазик во струшките училишта се засилува.

Кога браќата Миладиновци биле затворени, Кузман безуспешно се обидувал да им помогне. По нивната смрт, тој ја продолжил борбата за воведување на македонски јазик во училиштата насекаде каде што учителствувал. Така по Струга и Охрид тој работел како учител во Прилеп (1861 – 1865, 1872 - 1873), Кукуш (1865 – 1872, 1881 - 1882) и Битола (1873 - 1874). По Руско-турската војна 1877 – 1878 година, Шапкарев бил оневозможен да ја врши својата просветителска дејност во родниот крај и тој заминал за Белград. Во 1880 година, откако престојувал осум месеци во Белград, тој оди во Солун каде за потребите на македонската младина отворил машка и женска гимназија. Незадоволен што се` уште немал најдено мецена која ќе го помогне издавањето на збирката на народни песни и приказни, по престојот во Солун и Кукуш, Кузман заминал за Бугарија.

Кузман Шапкарев се надевал дека токму во Бугарија ќе може да ги среди и напечати материјалите кои со голема љубов ги собирал околу три децении по Македонија. Меѓутоа, иако доаѓа во 1884 година во Пловдив, Бугарија, тој успеал да добие служба дури во 1888 година, за набргу потоа во 1892 година да биде пензиониран. Во текот на овие четири години, Кузман скоро секоја година бил преселуван од едно во друго место. Така од Сливен отишол во Стара Загора, а оттаму во Враца, па во Орхание. На крајот, со „мала пензија, со која доста скудно го проживеал остатокот од својот живот“.

Кузман Шапкарев во текот на својот живот објавил повеќе книги (неколку македонски учебници, девет книги со фолклорен материјал, и други книги и статии со разновиден материјал: биографијата на Миладиновци, етнографски описи на Македонија, описи па разни обичаи, на школската историја на одделии градови на Македонија, на неколку автобиографии и др). Соработувал во бугарскиот и цариградскиот печат „Македонија“, „Право“, „Читалиште“ и други периодични списанија.

Во периодот од 1866 до 1890 година Кузман публкувал повеќе учебници и книги меѓу кои: „Бугарски буквар“ (1866), „Голема бугарска читанка“, втор дел на „Бугарски буквар“ (1868), „Кратко опишување на Земjата за мали деца“ (1868), „Кратко свештено прераскажување на Стариот и Новиот завет“ (1868), „Прирачник на Св. благовестување или зборник од евангелските читања“ (1869), „Прирачник на Св. посланија или зборник од апостолските читања“ (1870), „Мајчин јазик“ (1874) и „Материјали за опишување на животот на браќата Миладинови, Димитрија и Константин“, „Со прибавување на нешто и за животот на Нако С. Станишев“ (1884), „Зборник од народни старини. Книга III. Бугарски народни приказни и верувања собрал во Македонија и издава К. А. Шапкарев“ (1885) и др.

Меѓутоа, Кузман доживеал големи разочарувања при бројните обиди направени да најде поддршка и помош од надлежните бугарски власти за да ги напечати собраните фолклорни материјали од Македонија, кон кои се трупаа и материјали собирани во Бугарија. Бугарските власти се` уште не можеа да му заборават за неговата дејност во Македонија каде што тој, со своите македонски учебници, ги попречувал бугарските кругови со своите бесплатни учебници да го шират бугарското влијание во Македонија.

Така во предговорот на својата книга „Наръчно Св. Благовествование“, објавена во Цариград во 1869 година. Шапкарев говори за расположението што постоело кај македонскиот народ против воведувањето на бугарскиот јазик во Македонија, како и тоа дека некој во Македонија не само што не го разбирал и не го знаел бугарскиот јазик туку и не сакал да научи да чита на овој јазик. Како што тој вели: „Кај нас се разбира дека никој, од најмалиот до најголемиот, не знае да чита бугарски, та како би можело да се воведе лесно? Но полошо е тоа што меѓу нашите има и такви луѓе кои, освен што не знаат и не сакаат да се научат, ами уште, бидејќи од една страна убедени во тоа што нашле, а од друга пак, вршејќи влијание врз народот, но малку пречат и на другите, говорејќи им секакви изговори. Една од многуте нивни големи пречки е и следнава - оти црковниот бугарски јазик бил српски (!?) та не сме можеле да го разбираме (!) уште и од владата бил (?!) божем запрен (?!) А за денешното источнобугарско наречје - оти било „шопско“, а пак Шоп кај нас значи најпрост дебелоглавец, та велат: „Шопје ли ќе се чиниме?“

Всушност учебниците на Шапкарев, во одреден период, наполно ги исфрлиле од употреба бугарските учебници во голем дел на Македонија. Во „Писмо пријателско“ од 30 ноември 1870 година објавено во „Право“ се говори како тој ја спречува употребата на бугарските учебници во Велес: „Еден учител, по име г. Шапкарев(иќ), кого што може да го познавате лично, дојде во училиштето да ме посети; истиот ден ми стигнаа и книшките што ми ги испративте преку г. Лазара П. X. Стојанов. Но штом ги виде, рече дека не требало да се продаваат во македонските училишта, бидејќи биле (на) бугарско наречје; ами да земеме од неговите книшки, зашто биле (на) македонско наречје. Но какви се неговите книги - едно мало дете да се смее. И покрај сето тоа, откако се противевме некое време, си отиде. Тогаш отишол кај старешините на нашиот град и им рекол „да ги запрат тие книшки да не се продаваат во училиштето“. И тие како прости, ми рекоа да ги вратиме нив, а на местото нивно ги донесоа неговите...“

По низа напори Шапкаревиот зборник „Бугарски народни умотворения“ излезе од печат во Софија во осум книги во периодот од 1891-1894 година. Собраните народни записи и неговите сопствени литературни состави (1 300 песни, 280 приказни, описи на народни обичаи и облека), долго време претставувале најобемна фолклорна збирка кај Македонците, a заедно со зборниците на Вук Караџиќ и неколкутомната збирка на хрватскиот музиколог Фрaњо Кухач и една од најобемните фолклорни публикации кај јужнославјанските народи и земји.

Собирачката дејност на Кузман Шапкарев е мошне богата и содржи македонски народни умотворби, но и од другите балкански народи (бугарски, албански, влашки, турски). Заедно со Миладиновци, Цепенков и Ѓорче Петров, тој спаѓа меѓу најдобрите познавачи на македонскиот народ во минатото. Така Шапкарев на свој начин тој е замешан во зачетоците на македонизмот.

Плодниот собирач на македонски и други балкански народни умотворби, Кузман А. Шапкарев, починал на 18 март 1909 година во Софија.

 

На прво место

News image

ВМРО– ДПМНЕ и претседателот Мицкоски со убедлива поддршка од граѓаните

ВМРО– ДПМНЕ и претседателот Мицкоски со убедлива поддршка од граѓаните, полицијата на терен во Ара...

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.