Среда, 23 Октомври 2013    PDF Печати Е-пошта
Тодор Александров

 

Ние не сме револуционери по професија ништо повеќе од било кој друг. Ние сме жедни и гладни за мир. Ние сме натерани на вакви начини, просто, бидејќи Грција и Србија не ни оставаат друг начин за да ги браниме нашите права и националност. Ќе престанеме да се бориме како револуционери кога ќе ни овозможат прилика за да се бориме како граѓани.

Тодор Александров

todor_aleksandrovТодор Александров (4. III. 1881 – 31. VIII. 1924) е македонски револуционер, еден од лидерите на ВМРО. Во 1898 г., како ученик станува член на ТМОРО, а потоа бил учител и раководител на месните комитети во Кочани, Виница, Кратово, Ново Село и Штип.

Од 1905 година бил секретар на војвода Мише Развигоров, во 1907 г. на војвода Симеон Георгиев-Кочански, потоа окружен војвода на Скопскиот револуционерен округ, а од 1911 г. и член на ЦК на ВМОРО. По Првата Светска Војна, во 1919 г., заедно со Протогеров и Чаулев, ја обновиле организацијата под името ВМРО. Дејствувал против политиката на Земјоделската влада на А. Стамболиски за зближување со Кралството на СХС.

Во 1924 г. го потпишал Мајскиот манифест за обединување на македонските револуционерни сили во единствен македонски револуционерен фронт, но пред да биде убиен, под притисок јавно се откажал од својот потпис.

Тодор Александров е роден на 4 март 1881 година во штипската населба Ново Село, во семејството на свештеникот Александар Поп Орушев и Марија Хаџијанева. Од 1888 година Тодор учи во Радовиш, каде неговиот татко бил испратен како учител. По враќањето на неговиот татко во Штип, во 1893 година, Тодор го продолжува своето образование во родниот град. Потоа, продолжил да учи во Скопје, каде завршил Педагошко училиште во 1898 година. Во последната учебна 1897/98 година во Скопје, посветен од директорот на училиштето Христо Матов, Тодор Александров на 16 годишна возраст станал член на ТМОРО.

По завршувањето на Педагошкото училиште, Тодор Александров бил распределен како учител во Виница, каде покрај учителствувањето работи и на возобновување на организацијата која настрадала во Виничката афера во 1897 година. Во учебната 1900 - 1901 година, Тодор Александров предавал во прогимназијата во Кратово, каде што заедно со Иван Шатев и Владимир Каранфилов бил член на околискиот револуционерен комитет.

На почетокот на 1903 година, Павел Шатев кој е брат на Иван Шатев, го придобил Александров да снабди одредено количество експлозив за потребите на гемиџиите, познатите Солунски атентатори. Во своите спомени „Во Македонија под ропство“, Шатев пишува дека Александров му оставил впечаток на „разумен човек, кој бил подготвен за сите жртви пред олтарот на ослободувањето“.

Во овој период, Александров предавал во Кочани.

Како околиски раководител во Кочанскиот реон, тој работи на организирање на населението и ја развива мрежата за пренесување на оружје во внатрешноста на Македонија. По извршеното предавство, Александров бил уапсен во март 1903 година и осуден на 5 години затвор. По одлежани тринаесет месеци во скопскиот затвор Куршумли ан, во април 1904 година бил амнестиран.

Во текот на учебната 1904/05 година, Александров бил назначен за главен учител на второ класно училиште во Штип, каде своевремено бил избран и за член на околиското раководство на Организацијата. Заедно со Т. Лазаров и М. Развигоров, Александров работи на развивањето на Организацијата. Ваквата активност била забележана од турските власти кои во ноември му забрануваат да учителствува. По судир со чета на Организацијата, во декември 1904 година, турската војска запленува писмо од кое се гледа неговата револуционерна дејност. Навреме известен, Александров преминува во илегала. Во јануари 1905 година, успева да се извлече од опсадата и да се приклучи кон четата на Мише Развигоров, каде станува секретар.

Истата година, Александров бил делегат на штипскиот регион на првиот окружен конгрес во Скопскиот револуционерен округ. Тој се држи настрана од теоретските расправи на левицата и десницата кои предизвикаа расцеп во Организацијата и како прагматичен и способен организатор, кој истовремено е и бескомпромисен борец против турските власти и српската вооружена пропаганда во Македонија, станува еден од раководителите на Скопскиот револуционерен округ.

Меѓутоа, кревкото здравје го одалечуваат од теренот и Александров во 1906 година заминал за Бургас каде работи како учител. Но, смртта на Развигоров во 1907 година, повторно го враќа во Македонија. Тој се приклучува на кочанскиот околиски војвода Симеон Георгиев како секретар на четата. На Третиот конгрес на Скопскиот револуционерен округ, одржан во ноември истата година, Александров бил избран за еден од окружните војводи на овој округ.

По внатрешните поделби кои настанале во Организацијата непосредно пред одржувањето на Вториот конгрес на Организацијата кој требал да се одржи повторно во Рилскиот манастир, Александров се приклонил кон десницата. По убиството на Борис Сарафов и Иван Гарванов во ноември 1907 година, Христо Матов го повикува да ја преземе касата на Задграничното претставништво на ВМРО. Потоа, Александров учителствувал во подготовките на Ќустендилскиот конгрес, одржан во март 1908 година, каде доаѓа до дефинитивен расцеп во Организацијата.

По Младотурската револуција 1908 година, додека левицата се откажала од вооружените методи и својата борба за Македонија ја води со легални методи преку Народната федеративна партија (НФП), дотогаш десницата предводена од Христо Матов, сметајќи на поддршка на Бугарија, го задржала старото име, оружјето и методите на Организацијата. Во овој период Александров бил поставен за главен ревизор на егзархиските училишта во Македонија. Но по неуспешниот обид да биде уапсен од турските власти во 1909 г., тој се префрлува во Бугарија.

Во 1910 година, со донесувањето на рестриктивниот закон на младотурците со кој се забранува партиско здружување, НФП се распаѓа и политиката на левица доживува тежок пораз. Во недостаток на организирана политичка сила способна да се спротивстави на притисокот на младотурската реакција и на акциите на балканските пропаганди, десницата предводена од Александров ја засилува својата активност. Тој влегува со чета во Скопскиот револуционерен округ и бара од населението да не го предава оружјето. Турските власти кои континуирано го прогонуваат, ги палат куќите на Александров во Штип и на наговиот вујко Доне.

Во почетокот на 1911 година бил избран Централниот комитет на ВМОРО во кој влегуваат Тодор Александров, Христо Чернопеев и Петар Чаулев, а Александар Протогеров бил избран за резервен член. Од нив подоцна ќе произлезе ВМРО (Автономистичка).

Македонија во предвечерјето на Првата Балканска Војна се нашла во крајно комплицирана општествено-политичка состојба. Владеела тотална анархија, која до крајност се заострила по акциите на младотурците во Македонија да доселат 200.000 бегалци од Босна и насилно со пресија да ја спроведат кампањата за прибирање на оружјето. Тоа ќе ја испровоцира акцијата на Александров кој организирал повеќе атентати познати како Магарешки атентати.

Атентатите кои се случиле во ноември 1911 во Штип и август 1912 година во Кочани, ќе бидат повод за турските власти да превземат масовни репресалии врз македонскиот народ, што пак ќе биде еден од поводите за избувнувањето на Првата Балканска Војна во 1912 година.

По притисок на јавноста Бугарија и` објавува војна на Турција, а по објавената мобилизација, Александров, Протогеров, Матов и други во септември организираат вооружени чети од македонските доброволци, во рамките на бугарската армија. Во т.н. Македонско-одринско ополчение биле регрутирани повеќе илјади Македонци, но, наместо да бидат испратени да се борат во Македонија, поради стравот дека тие можат да ја остварат нивната желба за автономна Македонија, македонските борци биле испратени на фронтот во близина на Одрин.

Александров бил член на Штабот на III македонска бригада во Балканските војни. На чело на четата на Македонско-одринското ополчение влегува во Кукуш, а претходно од базата меѓу Карадак и Арџанското езеро Александров врши диверзии на железничката линија Скопје – Солун и Солун – Цариград, кај Сарѓол, во Дојран и др. По влошувањето на односите меѓу балканските сојузници, тој испраќа чети во Македонија, како и писма со инструкции од Христо Матов да се агитира за независна Македонија.

Оваа активност се засилува по Втората Балканска Војна во 1913 година, кога заедно со албанските револуционери, во Македонија избувнува Охридско-Дебарското востание против српската окупација, а трае се` до почетокот на Првата Светска Војна.

Во периодот на Првата Светска Војна, десно ориентираната ВМРО привремено престанала да постои, а Александров бил во Штабот на партизанската чета на III бригада на XI македонска дивизија. По завршувањето на војната Александров заедно со Протогеров и Чаулев ја обновуваат ВМРО. Основната цел на организацијата била обединување делови на Македонија окупирани од Бугарија, Србија и Грција, во една автономна, а на подолг рок и за создавање независна македонска држава.

Владата на Александар Стамболиски кој се обидува да ја изведе Бугарија од меѓународна изолација по Првата Светска Војна, воспоставува пријателски односи со Кралството на Србите, Хрватите и Словенците и ја поддржува идејата за создавање на Федерација на Јужните Словени. Оваа идеја за бугарско-српско зближување, без јасно решение за македонското прашање, доведува до заострување на односите меѓу земјоделската влада на Стамболиски и ВМРО. Во борбата против ВМРО, бугарската влада ги користи услугите на Македонската федеративна организација. Под притисок на СХС и Грција, Софија испраќа дополнителни војнички и полициски сили во Петричко и Ќустендилско за ликвидирање на базите на ВМРО.

На 4 ноември 1919 г. Протогеров и Александров биле уапсени заедно со пратеници, уредници на весници и други како виновни за војната. Со помош на војводата Михаил Радев, Александров и Протогеров успеале да избегаат од затвор.

Грчката, српската и бугарската политика го принудуваат Александров и Македонската организација да започнат една енергична борба. Веќе во 1920 година Александров ја зацврстил власта во Пиринскиот дел на Македонија, каде што создал организациона и воена база и оттаму ги обновил оружените четнички акции во Вардарскиот дел на Македонија. Дејствувал против политиката на Земјоделската влада на А. Стамболиски за зближување со Кралството на СХС, а во борбата против српската и грчката власт во Македонија, Александров барал сојузници и се користи со разни политички средства.

По доаѓањето на радикалите на власт во СХС, во јуни 1920 година тој издава повик до населението да гласаат за комунистичките кандидати.

Во овој период Организацијата на Александров располагала со 17 чети во Македонија и 5 чети во Егејскиот дел на Македонија. Истовремено таа ги обновила Скопскиот, Битолскиот, Струмичкиот, Серскиот и Солунскиот револуционерен округ, заедно со околиските и селските реони. Во исклучително тешки услови после мировниот договор, Александров успева во период од три четири години, со енергична борба да ја зајакне структурата на организацијата и да се издигне како авторитет меѓу македонскиот народ во поделена Македонија.

Во однос на Пиринска Македонија, ВМРО практично го контролира политичкиот живот. Во обид да го поврати суверенитетот на таа територија, бугарската влада ги разгорува меѓусебните борби меѓу ВМРО и разните струи во македонското револуционерно движење во Пиринска Македонија и другите делови на Бугарија, при што биле убиени голем број видни македонски дејци. Како одговор на ваквата политика, по наредба на Александров бил убиен министерот за војна во земјоделската влада Александар Димитров, а четите на Александров времено го завземаат Ќустендил и Неврокоп (денес Гоце Делчев).

Во 1923 година, ВМРО на Александров учествува во Деветојунскиот преврат во Бугарија, во која е убиен А. Стамболиски, а на негово место доаѓа Александар Цанков. Но, свесни дека единствено решение за македонското прашање може да се има во собирање на сите македонски сили во една револуционерна партија и дека ослободувањето на Македонија може  да дојде со поддршка на една од големите сили се превземаат чекори во таа насока.

На барање на Александров, по повод 20 години од Илинденското востание, на 2 август 1923 година, за првпат се изнесуваат моштите на Гоце Делчев, на кој обединетиот македонски народ се поклонува. Истовремено во втората половина на 1923 година, Александров го испраќа Димитар Влахов на разговори со претставниците на Советскиот сојуз, кои биле заинтересирани за создавање на единствено Македонско Револуционерно Ослободително Движење, по што Александров подготвил и потпишал Проект за разбирање помеѓу ВМРО и Советската влада.

Во 1924 година, по успешните разговори на советските претставници со Димитар Влахов, а подоцна и Петар Чаулев, во Виена е потпишан Мајски манифест, со кој ВМРО се согласува да дејствува заедно со комунистичките партии на Балканот. Александров го потпишал Мајскиот манифест за обединување на македонските револуционерни сили во единствен македонски револуционерен фронт, но, под притисок на владата на Цанков, пред убиството, јавно се откажал од својот потпис.

На 31 август 1924 година во месноста Бука, кај селото Сугарево, Мелничко, во Пиринскиот дел на Македонија, Тодор Александров е убиен. Убијците биле казнети, но, до денес постојат само претпоставки и се` уште нема јасен одговор кој е нарачателот на убиството.

Тихомир Каранфилов

 

На прво место

News image

КАТОЛИЦИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА ГО ПРОСЛАВИЈА БАДНИК

Католичките верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календа...

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.