Среда, 01 Јануари 2014    PDF Печати Е-пошта
Aцо Шопов

AcoShopovAцо Шопов (20. XII. 1923 - 20. IV. 1982) е македонски поет и преведувач, есеист и борец на НОВМ во Втората Светска Војна. Тој е еден од основоположниците на модерната македонска поезија. Неговата збирка Песни (1944) е прва книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија. Ацо бил прв уредник на „Млад борец“, а потоа уредувал неколку литературни списанија и бил директор на издавачката куќа „Кочо Рацин“. Бил член на македонскиот ПЕН центар, ДПМ, МАНУ и југословенски амбасадор во Сенегал. Ацо ќе остане да се помни по неговата лирична поезија, по љубовта која не згаснува во неговите песни, по поезијата како начин да се биде сведок на едно време, но и начин да се надмине минливоста на времето.

Ацо Шопов е роден на 20 декември 1923 година во Штип, во семејството на Ѓорѓи Зафиров - Шопов и Костадинка Русева. Детството го поминал со браќата Димитар и Борислав во родниот град, каде се стекнува со основно образование. Љубовта кон поезијата Ацо ја добива од неговата мајка, а во 1940 година, како гимназијалец станува член на СКОЈ.

Во текот на Втората Светска Војна, Ацо Шопов активно се вклучува во антифашистичката борба. По формирањето на Третата македонска ударна бригада кон крајот на февруари 1944 година, Ацо Шопов со своите соборци го поминува борбениот пат на бригадата долг околу 1.000 километри се` до конечното ослободување на Македонија.

По завршувањето на војната, Ацо Шопов ја завршува гимназијата во својот роден град, а потоа заминува на студии во Скопје, каде дипломира на Филозовскиот факултет, отсек филозофија. Во меѓувреме, во 1944 година се појавува неговата збирка „Песни“ која е прва објавена книга на македонски јазик во слободна Македонија. Период од 1944 година кога се појавува неговата прва стихозбирка, па се` до 1950 година, кога ги објавува творбите „На Грамос“, критичарите го оценуваат како прв творечки круг на Ацо Шопов.

„Шопов е изразит лиричар, кој со своето творење го одбележува почетокот на субјективната, интимна лирика во современата македонска книжевност. Неговите почетни творби, настанати како поетски одѕив на хероизмот и славата на ослободителната војна, иако исклучиво во содржината на поетот постои приврзаност кон големиот историски чин, уште тогаш имаат обележја на субјективизам и интимност, па затоа него го нарекуваат „војник на лирската искреност, еднакво храбар како кога ја држел пушката и сега со перото во раката...“

Во раниот период на неговото поетско творештво, додека се` уште бил под силно влијание на херојската борба во народноослободителната војна на македонскиот народ, „неговите стихови инспирирани од страдањата на борците, смртта и победите, го искажуваат интензитетот на личните доживувања и интимна интонација“.

Херојската смрт на Оливера Вера Јоциќ, заменик политички комесар на батаљон на Третата македонска ударна бригада, која во текот на пролетната офанзива при пробивањето низ редовите на окупаторската војска била тешко ранета кај селото Страцин, а по три дена починала, станала мотив на Шопов и тој ќе ја опее во песната „Очи“:

„Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка на погледот срчен,
и секоја капка на твојата рана
ко крвава жар ни капеше в срце...

... А утринта кога зрив чела ни спраши
ти не беше веќе в редовите наши,
но скипеа борци со одмазда жолчна,
и видов! О видов - кога бојот почна
развихреа сите со твојата сила -
ко елени брзи и лесни ко птица.

А твоите очи се искреа гневно
во нивните потни, распалени лица...“

Шопов систематски го изградува својот поетски израз, меѓутоа тој „не станува жртва на ниту една литературна школа“. Создавал со уверување дека осовременувањето на поетскиот израз претставува услов за неговиот опстанок и причината за неговото постоење. Неговите подоцнежни стихови го покажуваат неговиот напор кој го прави во сите видови на своите творби да биде современ. Според критичарите „и тогаш, во песмите со нова и модерна метрика, нема да биде потисната неговата особена лирска интимност, нити пак ќе престане инспирацијата да ја бара во времето и судбината на луѓето на кои им припаѓа“.

Вториот творечки период на Шопов се случува меѓу 1952 и 1957 година, кога се појавува неговата збирка „Ветрот носи убаво време“. Сепак неговата збирка „Стихови за маката и радоста“, која се појавува во 1952 година, преставува пресвртница не само во неговото творештво туку и воопшто на македонската литература. Таа ги разнишува темелите на дотогашниот соцреалистички модел на творење, а неговата контраверзна збирка ја разгорува конфронтацијата меѓу „реалистите“ и „модернистите“. Расправата помеѓу нив трае цела деценија, а спорот воглавно се води за природата на реалистичната уметност, како и за светското искуство на авангардизмот и модернизмот и нивната примена во литературата.

Двете најзначајни стихозбирки на Шопов, „Небиднина“ која се појавува во 1963 година и „Гледач во пепелта“, излегува во 1970 година, го одбележуваат неговиот трет творечки круг. Во овој период се појавува вистинското лице на поетот Шопов. Таинственоста и симболиката на поимите „небиднина“ и „црно сонце“, се` уште претставуваат предизвик за критички осврти и толкувања. Според критичарите четвртиот творечки круг на Шопов, го одбелужуваат неговите две последни книги „Песни за црната жена“ (1976) и „Дрво на ридот“(1980).

Во текот на својот животен творечки опус, Шопов има објавено тринаесет збирки поезија и исто толку избори од поезијата на македонски јазик, како и петнаесетина избори препеани на странски јазици. „Гледач во пепелта“ (1970) повеќе пати е оценувана како една од најдобрите книги на Шопов и една од најдобрите повоени стихозбирки во Македонија. Книгата е преведена на повеќе јазици и секаде предизвика големо внимание и наиде на добар прием.

По војната, Ацо Шопов бил прв уредник на „Млад борец“, а потоа ги уредувал списанијата и весниците „Нов ден“, „Иднина“, „Современост“ и др. Исто така бил главен уредник на сатиричниот неделник „Остен“, што го инспирира да објави сатирични песни во збирката „Јус – универзум“ (1968).

Од 1947 година Ацо Шопов бил член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Две децении подоцна, на 18 август 1967 година бил избран за член на Македонската академија на науките (МАНУ), а година дена потоа и за дописен член на Српската академија (САНУ). Откако поминал повеќе години како уредник на литературни списанија и бил директор на издавачката куќа „Кочо Рацин“, во 1971 година Шопов бил именуван за југословенски амбасадор во Сенегал, земја која го инспирира за збирката „Песни за црната жена“. Во 1975 година, Ацо Шопов бил именуван за претседател на Републичката комисија за културни врски со странство, во Скопје. Но набрзо потоа болеста го одвојува од активниот живот.

Ацо Шопов починал на 20 април 1982 година во Скопје. За својот животен ангажман добил повеќе признанија. Добитник е на највисокото југословенско признание АВНОЈ (1970), потоа наградите: „Кочо Рацин”, за збирките „Слеј се со тишината“ (1956) и „Гледач во пепелта“ (1970); „11 октомври”, за преводот на „Хамлет“ (1960) и за животно дело (1981); „Змаеви детски игри”, за препевот на песните на Јован Јовановиќ-Змај (1967); „Браќа Миладиновци”, за збирката „Песна на црната жена“ (1977).

Тихомир Каранфилов

 

На прво место

News image

СДС тоне по рејтинг но се обидува да го спаси и заштити Груби

  СДС тоне по рејтинг но се обидува да го спаси и заштити Груби, СДС мисли дека ќе избега од п...

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.