Среда, 21 Мај 2014    PDF Печати Е-пошта
Војо Стојановски

Vojo-Stojanovski-1

Војо Стојановски (2.II.1949 – 6.V.2014) е македонски музичар, автор и пејач на народна музика. Тој беше и поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија. Живееше од музиката и за музиката. Негови најпознати песни кои оставија трага во македонската народна музика се: „Ти донесов млада невеста“, „Свадба голема“, „Една мисла имаме“...

Војо Стојановски е роден на 2 февруари 1949 година во кичевското село Букојчани. По петте девојчиња родени во големото семејство на Драган и Олга, тој бил првото машко дете, а потоа се родиле и неговите два брата. Како прво машко дете, тој бил миленик на татко му, од кого ја наследува љубовта кон песната. Со воодушевување како мал ги слушал прекрасните гласови на неговиот татко и чичко, кои знаеле заедно да запеат стари народни македонски песни.

Војо и самиот обдарен со убав глас, прво се придружува на песната во домот, а кога тргнал на училиште сестрите го воделе да пее на приредби. Потоа почнал да пее и на селските слави, но и по пат додека одел до основното училиште во Зајас, каде учеле повеќе македонски деца.

Своето образование Војо Стојановски го продолжува во средното училиште во Кичево. Набргу потоа станува член на КУД „Нико Пусоски“ како играорец, но, по потреба свири и на дувачки инструменти. Со кичевското културно-уметничко друштво, тој учествува на разни манифестации, хуманитарни концерти и фолклорни фестивали. По завршувањето на средното училиште, Војо се вработил во рудникот „Тајмиште“.

Во 1975 година учествува на традиционална манифестација „Избираме најдобар работник – пејач“, која се одржува во Пробиштип. Војо го освојува првото место со песната „Море абер дојде Ајше ле мори“. Членовите на комисијата во која биле познатиот гајдаџија Пеце Атанасовски, Јонче Христовски и Мате Грујоски, го убедувале Војо да почне професионално да се занимава со музика. Меѓу најупорните во убедувањето бил гајдаџијата Пеце, кој ќе биде причина тој да почне посериозно да се занимава со пеење.

Набргу потоа Војо ги снимил првите песни за тогашната РТС, меѓу кои биле: „Стојане море Стојане“, „Ако си се Севде научила“, „Лудо се спрема на гурбет да оди“ и „Се собрале комитите“. На инсистирање на продукцијата да донесе песни од неговиот крај, кои никој друг ги нема испеано, Војо ги снимил песните: „Денеска ми е сабота“, „Погинал Стојан, загинал“, „Коња водам Анѓе“, „Зората се зазори“, „Загрмел Гољак, заплакал“ (песна за прочуениот Арсо војвода).

Во наредната деценија Војо Стојановски често настапува во дует со пеачите Мирко Митревски и со Виданка Ѓеоргиевска. И двајцата пеачи ќе допринесат во развојот на музичката кариера на Војо.

Во овој период, тој станува особено популарен меѓу македонската дијаспора со своите патриотски и печалбарски песни. Тоа му овозможува да замине за првпат на турнеја во Австралија во 1985 година. Неговото гостување предизвикува голем интерес кај нашинците, кои масовно ги посетуваат неговите концерти, кои истовремено добиваат широк публицитет во медиумите.

Војо Стојановски за првпат учествува на Валандовскиот фестивал во 1986 година. Тој ги одбира текстовите кои ги пее, а долго време има одлична соработка со Радмила и Никола Митровиќ, кои ги пишуваат текстовите, музиката и аранжманот  на песните „Свадба е голема“, „Свадба румелиска“ и „Среќна ти мајко слава“. Потоа кога почнува да ги пее новокомпонираните песни, Војо соработува со авторите Борче Нечоски, Орце Зафировски, Огнен Неделковски и др.

Во 1992 година, Војо Стојановски учествува на фестивалот во Канбера – Австралија, каде што со песната „Нема друга Македонија“ го освоил првото место. Војо сам ги пишува текстовите на песните: „До каде има сој македонски“, „Дојде ден да се сплотиме“ и „Една мисла имаме“, која ја напишал на една турнеја во Австралија.

Во својата долгогодишна кариера Војо Стојановски има реализирано 35 турнеи во Австралија, 20 во Америка и во Канада и стотина пати бил низ европските земји. Во осумдесеттите години од минатиот век снимил една плоча за „Југотон“ од Загреб и четири касети за „Југодиск“ од Белград. Во Белград, ги снимил песните „Јас сум чисто Македонче“ и песна за убиството на кралот Александар Караѓорѓевиќ во Марсеј, која тогашната РТС ја забранила.

Војо живееше од музиката и за музиката, но, во 1998 година влегува во политиката како пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија . Сепак, откако не се пронашол во политиката, тој повторно му се враќа на најголемата љубов музиката.

Војо создаваше музика, а неговото родно место му беше посебна инспирација. Таму ги пишуваше најубавите стихови за своите песни. Стихови кои и` ги подара на својата публика, на својата сакана земја Македонија.

По кратко боледување, Војо Стојановски почина на 6 мај 2014 година. На 65-годишна возраст замина големиот патриот и вљубеник во народната македонска музика.

(извор: Т. С. - Човекот што живееше од музиката и за музиката, Република, 07.05.2014)
 

На прво место

News image

КАТОЛИЦИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА ГО ПРОСЛАВИЈА БАДНИК

Католичките верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календа...

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.