Среда, 02 Јули 2014    PDF Печати Е-пошта
Паскал Паскалевски

paskal-paskalevskiПаскал Паскалевски (14. I. 1914 - Софија, 13. V. 2004) е македонски поет, раскажувач, драмски автор, собирач на народни песни, преведувач, новинар и публицист. Учествувал во Граѓанската војна во Грција (1945-1949) и бил директор на курсот „Гоце Делчев“ за народни учители во слободна Преспа. Покренал и уредувал повеќе весници и списанија. Појавата на првата стихозбирка „Пролет над Егеј“ (1949) македонската критика ја именувала како „првата ластовичка на современата поезија во Егејска Македонија“.

Паскал Паскалевски е роден на 14 јануари 1914 година во селото Долени, Костурско, Егејска Македонија. Растел во големо сиромашно, но среќно семејство, во кое се негувала традицијата кон музиката и поезијата. Детството го минал во родното место, каде се стекнал со основно образование. Поради сиромаштијата морал да прекине со школувањето и помага во фурната. Во 1932 година се запишал во први клас гимназија, но наскоро повторно морал да го напушти училиштето и да го изучува чевларскиот занает. По смртта на татко му во 1933 година, морал покрај чевларскиот занает да работи и во дедовата воденица за да го издржува семејството.

По отслужувањето на воениот рок како радиотелеграфист, се враќа во родното место каде продолжува да работи како кондураџија. Но, мирот не трае долго. Во текот на војната со Италијанците бил заробен и поминал три месеци затвор, а по окупацијата на Грција во 1941 година повторно бил заробен и осуден на затворска казна. Во Плевенскиот затвор во Бугарија ја пишува својата прва песна на македонски јазик. Паскал ќе го користи пишаниот мајчин збор како оружје против непријателите и нивните пропаганди.

На 17 јули 1945 година излегува првиот број на „Билтен“, прв официјален весник на Народно Ослободителниот фронт (НОФ), политичка и воена организација на Македонците од Егејска Македонија, формирано на 23 април 1945 година, речиси непосредно пред почетокот на Граѓанската војна во Грција. Овој весник станува траен сведок за постоењето на македонскиот народ и неговиот јазик на територијата на Егејска Македонија. Со него нераскинливо се врзува животот и делото на Паскал Паскалевски, самообразуван интелектуалец, новинар, поет, раскажувач, фолклорист, општественик и борец за светото народно дело.

Во текот на Граѓанската војна во Грција, Паскал Паскалевски бил член на Централниот совет, како и на Агитроп на НОФ. Покрај другите должности покренал и уредувал повеќе весници и списанија  меѓу кои „Непокорен“, „Нова Македонка“ и др., а бил и директор на курсот „Гоце Делчев“ за народни учители во слободна Преспа и Костурската околија. Во учителското училиште идните македонски учители беа должни да научат и пишуваат со македонска азбука, граматика, поважни моменти од македонската историја, македонски борбени песни и др.

Весникот „Непокорен“ бил орган на Главниот одбор на НОФ, кој се издавал на македонски јазик. Меѓу другото во весникот постоеле рубрики „Наша поезија“ и „Историја на јазикот и литературата“. Самата појава на весникот го воодушевува македонскиот народ, а тој станува многу омилен меѓу нив. Паскалевски по тој повод ќе ја напише и песната „Непокорен“.   

За потребите на весникот кој излегува во периодот од 1 мај 1947 до август 1949 година Паскал собрал низа народни песни, приказни и разни поговорки. Секој слободен момент Паскалевски го користел од своите луѓе, ученици, да запишува народна песна, приказна или легенда.

Во текот на месец март 1949 година, во рамките на истоимената библиотека на весникот „Непокор“, како книга втора била издадена и првата стихозбирка  на Паскалевски „Пролет на Егејот“. Нејзиното појавување, како и самиот весник има посебно значење за македонскиот народ и за македонската литература, особено од Егејскиот дел на Македонија.

Овој фолклорен материјал подоцна бил издаден во Скопје од Институтот за македонски јазик во книгата „Народни песни од Егејска Македонија, а истите песни заедно со други народни песни од Егејска Македонија биле публикувани во Романија од издателството на „Неа Елада“. Појавата на првата стихозбирка „Пролет над Егеј“ во 1949 година, македонската критика ја именувала како „првата ластовичка на современата поезија во Егејска Македонија“.

Паскал Паскалевски со свои прилози се јавува и во весникот „Единство“, орган на Окружниот одбор на НОФ во Костурско, кој започнал да излегува во почетокот на 1947 година, како и во двојазичното месечно списание „Нова Македонка“, орган на Антифашистичкиот фронт на жените, кое излегува во периодот од 1 март 1948 до август 1949 година, а има за цел  да го афирмира учеството на жените во Граѓанската војна во Грција.

Во текот на 1947 година Паскалевски живее во Скопје, каде му се родил синот Спартак. По промената на политиката на тогашна Југославија на ДАГ, Паскалевски мора да се врати во Егејска Македонија, а по поразот на ДАГ во 1949 година, како партизан – емигрант преку Албанија заминува за Полска.

Паскалевски живеел во Згоржелец до 1951 година, а потоа кон крајот на годината, по задача дадена од комунистичката партија заминал за Варшава каде станал уредник и водител на часот по македонски јазик на Радио Варшава и соработник на весникот „Демократија“. Весникот бил орган на Грчката комунистичка партија, кој се печател на грчки и македонски јазик. Младите Македонисти во Вроцлав дискутираат за поезијата на Паскалевски, која особено ја ценеле, а која имале можност да ја читаат преку весникот „Демократија“.

Во 1956 година било побарано да се свика општ македонски конгрес (создавање на Друштво на Македонците од Егеј) на кој ќе се разгледаат сите прашања за идната борба за мир и рамноправност на македонскиот народ во Егејска Македонија, како и за преземање на мерки за развој на културата, историјата и македонските традиции. Во тој контекст во една од точките се бара „да се печатат стихотворенијата на Паскал Паскалевски и да се снабдат со учебници од Н.Р. Македонија, што ја покажува улогата и местото кое Паскалевски ја има меѓу македонските бегалци располслани на сите страни по светот.

Паскалевски во своето творештво, преведувајќи и објавувајќи книжевни прилози од македонски, бугарски и грчки јазик, ја покажува и светлата традиција на македонскиот народ дека светот треба да се развива како поле на пријателство, доверба и соработка, како поле на културен натпревар, познатата мисла на Гоце Делчев. Новинарската и писателско-публицистичката работа на Паскалевски во Полска од овој период може да се следи низ страниците на „Демократија“ и низ учебниците за македонските деца во Полска, сочуваните материјали од часот по македонски јазик на полското радио, како и книги, зборници и сл.  

Во Полска поминал седумнасет години од својот живот. Во 1965 година, се преселува во Бугарија, каде повторно го прогонуваат и обвинуваат дека е титовист. Прогонуван и затворан во Грција, Македонија, Полска и Бугарија, тој осамен и разочаран  се потсетува на младоста, војните и жртвите кои ги дал македонскиот народ. Својата тага ја покрива со поезијата. Всушност никогаш не престанал да пишува. Покрај на грчки на почетокот, потоа на македонски, почнал да пишува и на бугарски јазик. Сепак пишувањето на својот малчин јазик ќе се покаже како најплодоносен. Всушност, речиси целото негово богато и разновидно книжевно и новинарско-публицистичко дело е создавано на македонски литературен јазик. Во 1997 година станува член на Друштвото на писателите на Македонија.

Паскал Паскалевски кој цел живот бил исполнет само со една единствена тема, а тоа единствено е татковина Македонија, умира на 13 мај 2004 година во Софија, Бугарија, далеку од своето родно место кое толку многу го сакал.

(извор: М.Е. Скопје, 2009; В. Тоциновски „Антон Попов и Паскал Паскалевски)

 

На прво место

News image

КАТОЛИЦИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА ГО ПРОСЛАВИЈА БАДНИК

Католичките верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календа...

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.