Среда, 15 Октомври 2014    PDF Печати Е-пошта
Панајот Гиновски

panajot-ginovskiПанајот Гиновски (Галичник, 1842 – Врање, 8. VIII 1886) е македонски фолклорист, преродбеник, зограф, лексикограф, етнограф. Учел зографски занает кај прочуениот галички зограф Ѓурчин Фрчковски. По повредата на глуждот на ногата во Карлово, Бугарија, каде бил на печалба, бил принуден да се врати во Галичник, каде што останал уште 17 години, прикован за постела и неспособен за физичка работа. Во тоа време се занимавал со препишување книги, запишување народни умотворби, обичаи, изработка на речник и др. По неговата смрт, запишаните материјали останати кај брат му Алексо, во ракопис му ги дал на рускиот конзул во Црна Гора П. А. Ровински, кој ги објавил во продолженија во петроградското списание „Жива старина“ (X–XIV, 1899–1905).

Панајот Гиновски е роден во 1842 година во селото Галичник. Тој е најстариот син од четворицата синови (Панајот, Васил, Теофил и Алексо Гиновски) на учителот од Галичник Крсте Гиновски и Катерина Вељанова Пејчиноска од Лазарополе (или Тресонче). Со основно образование се стекнал кај татко му Крсте кој бил долгогодишен учител по селата мијачки и во градовите Дебар и Тетово, како и во манастирот Св. Јован Бигорски.

На 14-годишна возраст, Панајот започнал да го учи зографскиот занает кај прочуениот галички зограф Ѓурчин Фрчковски. Во текот на три години тој го совладал зографскиот занает со кој се бавеле толку луѓе од неговиот крај, што некои од нив се истакнале како врвни уметници. Потоа заминал на печалба во Бугарија. Како зограф Панајот Ѓиноски некое време работел во местото Карлово, каде го повредил глуждот на ногата. И покрај сите напори наал лекарите да му ја излекуваат ногата, раната цели три години не зарастувала. Поради повредата, Панајот бил принуден да се врати во својот роден крај.

По враќањето во Галичник, раната тешко зарастувала, така што Панајот останал 17 години прикован во постела. Неспособен за физичка работа, тој за тоа време се занимавал со препишување книги, запишување народни умотворби, обичаи, изработка на речник и др. Панајот ги опишал народните обичаи во Галичник и околината на Дебар, потоа заедно со татко му дале еден убав препис на ерминија и составил еден вечен календар.

Со време раната на ногата на Панајот оздравела, но тој останал сакат и можел да се движи со помош на патерица. Од времето додека семејството Гиноски живеело во родниот крај, Панајот, покрај со собирање народни умотворби, бележењето народни обичаи и слична работа, извесно време како да бил и учител-помошник на својот татко Крсте.

Во 1881 година Панајот Гиновски со семејството се преселува од родниот крај во Врање, кое во меѓувреме било ослободено од Турците и станало граничен град на Србија кон Турција. Една од причините за преселбата во Врање биле браќата кои немирни по дух во караница убиле некој Арнаутин, а втора е економскиот карактер поради кој Мијаците оделе на печалба. Во новоослободените краеви на Србија биле потребни разновидни работници и учители какви што биле татко му Крсте, но и Панајот и неговите браќа Васил, Теофил и Алексо Гиновски. Така, по ослободувањето од Турците, во Врање се нашла цела мала колонија македонски и други печалбари и политички емигранти од Македонија.

Семејството Гиновски бргу се прилагодува и станува почитувано во Врање. Нивниот дом бил секогаш отворен за македонските емигранти кои биле спремни со оружје да се борат за слобода на Македонија. Иако има 40 години, Панајот очекувајќи дека наскоро земјата ќе биде слободна, приватно се готвел да ја заврши нижата гимназија во Врање, токмејќи се за учител во Галичник. Во меѓувреме, заедно со татко му Крсте учителствувале во Бујановац, се` до 1885 година, кога школата била затворена.  

Меѓутоа, желбата на Панајот да се врати во родното место како учител не се остварува, бидејќи на 45 годишна возраст умира од сипаници. Панајот Гиновски починал во попладневните часови на 8 август 1886 година во Врање.

Набргу по смртта на Панајот умираат и неговите родители, а браќата на покана на владиката Иларион се преселуваат во Црна Гора, каде Теофил и Васил изработувале иконостаси и зографисале разни цркви, а Алексо се бавел и со фотографскиот занает. Најмалиот брат Алексо му ги дал  запишаните материјали што ги оставил Панајот Гиновски на рускиот конзул во Црна Гора Павел А. Ровински, кој потоа ги објавил во продолженија во петроградското списание „Жива старина“ (X–XIV, 1899–1905).

Од биографијата на Панајот Ѓиноски се гледа дека тој во млади години се бавел со зографската уметност, со којашто се бавеле толку луѓе од неговиот крај во минатото и особено во XIX век, од кој век се познати низа тајфи на мијачки зографи и копаничари. За жал не ми се познати некои зографски остварувања на Панајот Ѓиноски од Карлово или некаде од Македонија. Но, во врска со зографската уметност се знае дека заедно со татко му дале превод од ерминијата од грчки на мијачки говор. Ова „сказание зографическое“, Панајот и Крсте го препишале во септември 1867 год. и тоа бил трет препис од ерминијата (првиот препис/превод бил направен од зографскиот монах Иларион на Света Гора, вториот од прилепскиот учител Христо Хаџи Константиновиќ, во 1818 година).

П. А. Ровински кој ги објавува дел од материјалите на Панајот Гиноски, истакнувајќи ја нивната вредност поради тоа што се пишувани од домородец и на чист народен, мијачки јазик, се задржува на оној дел од Зборникот што нему му се чинело дека ќе е интересен за науката. Во описот се зафатени народни мијачки обичаи и географско-топографскиот приказ на Мала и Голема Река со некои соседни области, како и мијачките народни песни  кои ги објавува дури во третиот продолжеток на Зборникот на П. Гиноски. Ровински притоа забележува дека во материјалот на Ѓиноски имало и „многу одделни листови, напишани со разни раце“, што говори дека покрај што самиот запишувал народни песни, Панајот добивал и од други запишувачи.

Мијачките народни песни запишани од П. Ѓиноски и некои негови соработници, биле печатени во неколку продолженија. Тие го претставуваат најобемниот и најважниот дел од заоставштината на Панајот Гиноски. Иако не е и прв собирач, со оваа збирка од мијачки народни песни Панајот Гиноски зазема едно од поважните места меѓу собирачите на македонски народни песни од XIX век и прво место меѓу луѓето од мијачкиот крај. Фолклорните материјали што ги запишал Панајот даваат увид во богатството на фолклорот кај Мијаците, донесувајќи низа песни што дотогаш не биле запишани. Овие песни изобилуваат со мотиви во народното творештво и чистиот мијачки говор.

Панајот во текот на својот живот се зафатил со собирање на речнички материјал со намера да состави речник на мијачкиот дијалект и да ја запознае јавноста со автентичниот речник на мијачкиот дијалект. Својот говор Панајот Гиновски го нарекол „мијачки јозик“ со кој „зборвет и Турци и рисјани во Мала Река“. Така покрај својот Зборник, Панајот имал и свој Речник. Овој речник подоцна бил откриен кај внук на Панајот Гиновски во Подгорица. Речникот на Панајот Гиновски, според истражувачот, бил мошне драгоцен зошто „на едно место дава собран материјал на еден македонски говор“. Во текот на Втората Светска Војна овој речник бил загубен, но, за среќа тој претходно бил целиот препишан и зачуван во Архивата на Српската академија на науките и уметноста во Белград.

Панајот Гиновски постојано се занимавал и усовршувал еден календар, чии фотокопии се чуваат во Државниот архив на Македонија. Календарот е ракописен со  димензии 10,5 Х 8 см, подврзан во кожа, има 100 страници. Во него, Панајот Гиновски на народен говор дава и примери како се изнаоѓа сонцето, односно месецот за било која година што го интересира читателот на календарот.

Наследството кое Панајот Гиновски го има оставено е огромно и има големо значење како за Мијаците така и за целиот македонски народ.

(извор: д-р Х. Поленаковиќ „Студии за македонскиот фолклор“, Скопје, 1973)

 

На прво место

News image

Нема лага на СДС која не им се удри од глава

Нема лага на СДС која не им се удри од глава, лажеа за Мицкоски, Христовски и повторно се разголеа...

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.