
САВО КОСТАДИНОВСКИ: МОЈОТ БАЛКАНСКИ БАЛКАН
Сонот на Европа
е мајчински и татковски –
тој сака да ги прегрне
сите нејзини народи.
Но, што кога
во грлото
на химната на Европа
гласот на Балканот
како коска ѝ застанува
та со Балканот
и Библијата
пред светот се срами
штом
и од најмала искра на зборот
може војна да разгори.
Затоа
историјата на Балканот
вечно носи црна шамија
по балканските простори –
простори
по кои и на поетите
не им е лесно
да пишуваат песни
оти за секој стих
им треба компас.
Всушност
на Балканот
некои политичари
државници
војсководачи
и со коските на хероите
ги околчуваат
границите на нивната татковина…
Но, ако се осмелиш
со очите на Балканот
да ја погледнеш
балканската историја
тогаш в раце
цел свет ќе ти потемни.
Впрочем
и војните
овде
како да се вградени
во некаков балкански код
посебно во времињата
кога и зборот
во народот се криел –
за да преживее
пред идеите натопени со крв.
А и тоа е вистина –
како што и смртта
не го заборава човекот
така и историјата
нема да го заборави Балканот
иако
на Балканот е сместен
разбој
кој вечно ткае
парче
од најнечистата историја на светот…
Сепак
Европа е таа
која сè уште
на Балканот „му бае“
за да го следи
добро здравје
и за разумот да не го напушта.