Песни за Македонија

Тешкото

О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,
штом тапан ќе грмне со подземен екот –
во градиве зошто жал лута ме стиска,
во очиве зошто навира река
и зошто ми иде да плачам ко дете,
да превијам раце, да прекријам лик –
та гризам јас усни, стегам срце клето,
да не пушти вик.

О тешкото! Старци излегуват еве,
на чело им мисла, во очи им влага
и првиот чекор по меката трева
е мирен и бавен, со задржана тага.
Но ‘рзнува тапан и писок се крева
и молња светнува во секој глед,
и напред се пушта, се стрелка, се слева
стегнатиот ред.

До старците момци се фаќаат скокум;
не издржа срце – сив сокол во клетка,
не издржа пламен жив потулен во око,
не издржа младост што сака да летне!
Се залула оро! Се заврте земја,
и чиниш – се корне стресениот век,
и околу трпнат ридиштата темни
и враќаат ек.

И божем се врасло кипнатово оро
со исконска сила за земјава наша
и во него шуми на реките зборот,
и во него рика див ветер и страшен
и во него шепнат узреани житја
и вечерен мирис се разлева тих,
и земјата дише во пролетна ситост
со запален здив.

И душата, чиниш, на родот мој мачен
во тешково оро се уткала сета –
век по век што трупал сè попуст и мрачен
од крвава болка, од робија клета,
век по век што нижел од корава мисла
за радосна челад, за слободен свет,
од песна – за љубов што гине со пискот
ко жерав во лет.

О тешкото! Кога во молк да те гледам,
на очиве магла ми напаѓа сура,
и одеднаш – в бескрај се растега редот
и ридја се губат в пустелија штура –
и еве кај иде од маглата матна
сè сенка до сенка, сè еден до друг –
во бескрајно оро син оди по татка,
по деда си – внук.

Времињата мрачни се нивното поле,
и нивната свирка – на прангите ѕвекот,
а главите им се наведени доле,
и покроце врват – сè чекор по чекор.
О времиња, што ве в мрак родот мој минал,
кој збор ќе ми најде за вашата стрв?
Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
над пустош и крв?!

Кој број ќе ми каже на лутите рани,
на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,
кој на срце болки ќе изреди збрани,
и на очи солзи, и клетви на усти?
О тешкото! Синџир ти беше на робја,
од калеши моми и невести ред.
со врзани раце во плен што ги погнал
насилникот клет.

О тешкото! Синџир ти беше на робја,
дур не стана народ во листена гора,
сè дури со јадот од векови собран
не поведе бујно, бунтовничко оро!
се залула танец низ крвје и огон,
и повик се зачу и грмеж во чад –
те разнесе сегде бунтовната нога
по родниот кат.

О тешкото! Сега по нашите села
во слобода првпат штом оро ќе сретнам,
зар чудно е – солза да потече врела,
зар чудно е – жалба јас в срце да сетам?!
Од вековно ропство, мој народе, идеш
но носиш ти в срце дар златен и пој.
Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
И животот твој!

Блаже Коневски

Најново од: Песни за Македонија

Милан Борачот – Марулецот

Милан Борачот – Марулецот Во 1911-тото лето се породи Стојаница со второто дете. Нункото, името му го даде Милан со Божја помош да биде силен.   Мајка му Бала си замина млада го остави сирак, при дедо и баба. Во спиење ноќе, често си блада мајчината љубов тој си ја бара.   Дедо му Васил […]

„Не плачи мајко, не жали“ – песна за цената на слободата

Васка Илиева во Забрдени, Леринско, 1996 година. Квалитетот на оригиналниот архивски кадар е подобрен со помош на ChatGPT. Во македонската револуционерна народна песна „Не плачи мајко, не жали“, борецот ѝ се обраќа на мајка си пред да замине во борба. Од неговите зборови се развива песна за мајчината болка, заедништвото и копнежот по слободна Македонија. […]

Со маки сум се родила

„Со маки сум се родила“, позната и во машката форма „Со маки сум се родил јас“, е една од најпрепознатливите македонски народни песни. Таа ја изразува длабоката тага на човекот што од раѓањето до смртта живее со мака. Во таа лична исповед, поколенија Македонци ги препознавале сопствените загуби и тешкиот живот на својот народ низ […]

„Едно име имаме“ – песна што го чува името Македонија

Има песни што ги слушаме со задоволство, а има и песни во кои препознаваме дел од себеси. „Едно име имаме“, од творештвото на Јонче Христовски, припаѓа на оние што ја претвораат љубовта кон Македонија во заедничко чувство на гордост и припадност. Силата на оваа песна е во врската меѓу човекот и татковината. Во неа името […]

„Кога падна на Пирина“ – авторска песна што народот ја прифати како своја

Речиси нема кој во Македонија не ја знае патриотската песна „Кога падна на Пирина“, посветена на Јане Сандански, во народната меморија познат како пиринскиот цар. Со својата мелодија и потресни стихови, таа се пренесува меѓу генерациите и често се доживува како народна песна. Меѓутоа, според податоците што Александар Донски ги објавил во „Македонска нација“, повикувајќи […]

Македонија низ времето

Македонија низ времето   Низ векови на бури, низ гордост и низ рана, се раѓаше оваа земја, од сонцето огреана. Од античкото ехо, каде штитови бијат, под сонцето на Филип, каде војските со непријателот се бијат, Александар јаваше низ векови далечни, оставајќи траги во спомените вечни.   Од Хераклеја горда до Егејот син, се раѓаше […]

„Заветна“ — песна за нераскинливата врска со Македонија

Постојат песни во кои љубовта кон татковината се изразува како ветување. Таква е „Заветна“, во изведба на Пепи Бафтировски, со музика на Миле Барбаровски и текст на Георги Барбаровски — песна за страдањето, истрајноста и длабоката поврзаност на човекот со македонската земја. Уште во почетните стихови се навестуваат обидите Македонија да биде премолчена, сокриена и […]

Октомвриски пламен

Октомвриски пламен Се разгори нов пламен, Илинден трет „Доста се маки и страдања Да го истераме окупаторот клет.“ Блесна, поведе борци Кон нов симбол на слободата, Храбри и силни, Со љубов исполнети срца и лица нивни. Војникот оди напред и вее алово знаме, Ги поведе сите на борбениот фронт со завет За конечна слобода на […]

To top