Култура и туризам

Mарков манастир. Црква Св. Димитрија

markov-manastir

markov-manastir

Јужно од Скопје на околу 20 km во непосредна близина на селото Сушица со векови опстојува Марковиот манастир со манастирската црква посветена на Св. Димитрија.

Поради недостиг на изворни документи повеќе децении наназад Марковиот манастир претставува голем предизвик за научниот свет, што било причина да бидат предмет на истражување и проучување на неговата историја, фрескоживописот, архитектурата, ктиторскиот натпис, ктиторските композиции и потрагата по кралските портрети на Волкашин и Марко.

Манастирскиот комплекс го сочинуваат добро сочуваната црква, старата манастирска трпезарија, конаците со убавите чардаци и други стопански згради. Во манастирскиот двор се влегува преку старата висока дрвена двокрилна порта.

Во добрите времиња манастирот бил економски многу богат со имоти  и стока. Тоа овозможило да се здобие со големо културно-историско богатство: стари икони, стари ракописи и книги, многу црковни предмети и реликвии. Овде се одвивал интензивен монашки живот, препишувачка и просветна дејност. Изворните документи и високо уметничките предмети со векови љубоморно се чувале се до 19 век од страна на манастирските братја. Настапиле и тешки денови за манастирот – грабежи на икони и ракописи, на предмети со уметничка вредност, а не бил поштеден и од уривање и од пожари. Од се` што било однесено, денес само еден мал дел се наоѓа во библиотеките во Белград, Софија, Виена и Москва.

За домашните истражувачи останало само да се црпат изворни податоци од самиот монумент и затоа со право се вели дека „Марковиот манастир“ е монумент како документ низ историјата.

Како најважен сочуван изворен документ во Марковиот манастир претставува натписот над јужниот влез внатре во црквата, кој дава податоци за изградбата на манастирската црква и за нејзините ктитори. Натписот ја има следната содржина:

„Се обнови овој пребожествен храм на светиот великомаченик Христов победоносец и чудотворец Димитрија, со усрдието и поспешението на благоверниот крал Волкашин и со благоверната кралица Елена и со премногу љубените нивни ќерки и синови благоверниот крал Марко и Андреаш, Иваниш и Димитар во годината 1377. А овој манастир почна да се ѕида во дните на благоверниот цар Стрефан и христољубивиот крал Волкашин, а се заврши во дните на благоверниот и христољубивиот крал Марко“.

Содржината на натписот ни дава целосна претстава за кралското семејство на Волкашин ја означува годината на отпочнувањето на изградбата на црквата и на нејзиното завршување. Втор изворен документ претставува полилејот на кој се излеани букви со имињата на ктиторот како и за дел од историјата на црквата. Историјата на манастирот ја надополнуваат и записите испишани на столбовите и по  ѕидовите на црквата. Еден таков запис е видливо врежан на северната фасада од црквата и на северозападниот столб во наосот на црквата со името на нашиот преродбеник и книжевник – Кирил Пејчиновиќ. Тој во почетокот на 19 век овде во Марковиот манастир основал училиште за млади, а ја напишал и својата позната книга „Огледало“.

Активниот манастирски живот во Марковиот манастир продолжил и по доаѓањето на Османлиите, но не со таков интензитет како порано.

Денес откако се извршени конзерваторско-реставраторските работи на живописот, архитектурата на црквата и реставрација на манастирските конаци и трпезаријата манастирот го врати својот некогашен изглед и ќе продолжи да живее со векови.

Манастирската црква свети Димитрија со своите архитектонски решенија и со фрескоживописот, претставува најголемо културно наследство што го содржи манастирскиот комплекс.

Архитектурата на црквата е од типот цркви со една купола која високо се издига над кровната конструкција. На источна страна има голема олтарна апсида, а на западната нартекс. Кон западната страна од црквата е подигнат отворен трем во триесеттите години на 19 век со парична помош на Х’мзи паша.

За време на изградбата на црквата или нешто подоцна бил изграден и параклис на јужната страна каде што биле насликани ктиторските портрети на кралот Волкашин и кралот Марко, а откриени за време на конзерваторските работи во 1963-1964 година.

Внатрешните површини на црквата се исполнети со фрески од 14 век и со илустрации од Богородичниот акатист, Чудата Христови, неговите страдања, големите празници и повеќе поединечни фигури на светци, ангели, пророци, испосници и воини. Зографите насликале повеќе сцени од животот на Св. Димитрие – патронот на црквата, како и сцени од животот на Св. Никола, Св. Нестор и др. Во куполата е претставен Христос Пантократор, а тука се мноштво ангели, архангели, пророци и други светци. Во олтарниот простор е илустрирана Архиерејската литургија со архиереи облечени во бели фелони, украсени со црни крстови. Големите празници ги исполнуваат сводовите на црквата, а во нивно продолжување се насликани композиции со претстави од маките и чудата Христови.

Зографите на фреските во Марковиот манастир бездруго биле инспирирани од црковната поезија при својата работа, создавајќи сцени од животот на Св. Богородица – Боородичниот акатист.

Во најдолната зона се „испеани“ преку зографската четка Херувимските химни, што се пеат за време на Великиот вход со претстава на Христос како цар и Богородица како царица, во придружба со други учесници во химната.

Во нартексот видно место им е дадено на ктиторските портрети претставени на северниот ѕид. Во горните партии на нартексот се илустрирани сцени од животот на Св. Димитрија, а не изостануваат ни фигурите на бранителите на христијанството: епископи, проповедачи, маченици и други.

Се смета дека во реализацијата на осликувањето на манастирската црква зеле учество повеќе зографи со различни квалитети, но едно е точно дека живописот во Марковиот манастир, „како духовен творец бил еден, кој учествувал во создавањето на фрескоживописот“. Сцените од Христовиот живот ги сликале зографи монаси. Тенденцијата за наративно прикажување и со доза на драматизам, се главните белези на фреско сликарството во Марковиот манастир. Во тој дух е прикажана и композицијата „Плачот на Рахила“, каде што е искажана човечката драма со убиството на витлеемските деца,  а како повод раѓањето Христово. Рахила е претставена како ридае со дигнати раце нагоре и седната околу мноштвото заклани деца на Витлеем и неговата околина, прилегајќи како симбол на вечен бол. Тоа беше време кога се роди Исус Христос во Витлеем Јудејски, во дните на царот Ирод. Тогаш се исполни кажувањето преку пророкот Еремија:

„Глас се слуша од Рама,

плач и лелекање,

на мнозина и пискот голем.

Рахила плаче за своите деца,

зашто ги нема“.

Од книгата „Македонски манастири“ од д-р Димитар Ќорнаков,

Марко Китевски

Најново од: Култура и туризам

Неолитска култура на Централниот Балкан и на Егејот

Во Тесалија, под името Сескло или прото-сескло, културата по локалитетот покрај Volos, потоа уште Pirosasos, па Ahilon, Agrissa, Otzaki, Sufli и Tsani култури. Следат културите: Elatia во Фокида, Heronea во Беотија, Nea Makri во Атика, Корин, Спарта и Лерна на Пелопонез, Knos и Kato лерапетра на Крит, Amorgos, Lemnos итн. на егејските острови. Археолошките наоди […]

Асеманово евангелие е средновековен македонски книжевен споменик

На фотографијата се гледаат два столба со глаголски текст и големи црвени иницијали. Страницата е дело на калиграфот Георги Гоце Дуртаноски, кој со својот препис го доближува до денешниот читател изгледот на еден од најстарите зачувани словенски ракописи – Асемановото евангелие. Глаголски ракопис од X–XI век Асемановото евангелие е напишано на старословенски јазик со обла […]

„Св. Преображение“ во Зрзе – од пештерните испосници до средновековниот иконопис

На врвот на бигорната карпа западно од прилепското село Зрзе се издига манастирската црква „Св. Преображение“. Под неа, по падините на карпата, се зачувани остатоци од монашка населба чии почетоци археолозите ги датираат кон крајот на IX век. Кога во XIV век била подигната црквата на горното плато, во пештерите под неа веќе со векови […]

Ангелот од Курбиново и загатката за непознатиот ктитор

Опис од приложената фотографија: Западната фасада на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, Преспа. На падините над Преспанското Езеро, кај селото Курбиново, стои еднокорабната црква „Свети Ѓорѓи“. Зад нејзината едноставна камена фасада е зачуван еден од највпечатливите фрескоживописи од крајот на XII век. Меѓу насликаните ликови, погледот најдолго се задржува на архангелот Гаврил. Наборите на неговата […]

Манастирот „Св. Рожденство на Пресвета Богородица“ во Согле

На околу три километри од селото Согле, во шумскиот предел на Азот, се наоѓа манастирот „Св. Рождество на Пресвета Богородица“. Комплексот е на територијата на Општина Чашка, на околу 30 километри југозападно од Велес. Од селото до манастирот води земјен пат. Манастир изграден со помош на околните села За почетоците на манастирот има малку пишани […]

Марко Цепенков – човекот што го зачува македонското народно богатство од заборав

На 7 ноември 1829 година е роден Марко Цепенков, еден од најзначајните македонски собирачи на народни умотворби, писатели и етнографи. Со својата долгогодишна и посветена работа оставил непроценливо наследство за македонската култура, јазик и народна традиција. Неговата собирачка дејност започнала во 1856–1857 година, поттикната од учителот и преродбеник Димитар Миладинов. Средбата со Миладинов му дала […]

Стенчевска тврдина и Тумба: богато археолошко наследство во Полог

Колаж од археолошки цртежи на монети, накит и други предмети пронајдени во Стенчевската тврдина.   Над селото Стенче се издигаат остатоците од стар утврден град, а во неговата околина се наоѓа неолитска населба чии почетоци се поврзуваат со животот на овој простор пред околу 8.000 години. Заедно, овие локалитети сведочат за богатото културно и историско […]

Ланга и Голо Брдо – камени кули, планински предели и културно наследство што заслужува да се открие

Камените куќи на Ланга, природните убавини на нејзината околина и богатата традиција на Голо Брдо во кое културата и природата се доживуваат заедно. Ланга, на албански Llangë, административно припаѓа на единицата Стеблево во општина Либражд. Селото привлекува внимание со својата положба меѓу шумите и карпестите падини, но особено со впечатливите камени градби што му даваат […]

To top