Култура и туризам

Возот грабаше кон Солун

fidanovski

fidanovskiВозот грабаше кон Солун, а ја со мислите стално бев во Битуше.

Се собравме кумпанија. Водач ни беше стрико Марко, а во кумпанијата покрај него бевме ја, Трајче и Угрин. Кинисавме за Солун. До Маврово одевме пешки. Во Мавровските анови стасавме негде околу зајдисонце. Влеговме да се одмориме од потот. За стреќа наша овде најдовме еден кираџија од мавровските села кој се готвеше со араба да оди во Гостивар. Кога разбра дека сме гурбетчии и со малу пари се стори каил да не префрлет до Гостивар. Беше некој домаќин и многу чесен човек. Не испраша од коде сме, коде ќа гурбетуваме, дали имаме некој шо ќа не прифатет, ќа имат ли работа и таке со ред. А кога му кажавме дека сме тргнати „со мевот по лебот“ и дека од нами четворица единствено само водачот наш, стрико Марко,.. токо како и да не веруаше и стално повторуваше: „Па добро бре луѓе, како ќе се снајдете тамо. Па вие осим мистриите и чекичите немате друго со вас.“

– Имаме, имаме, како немаме – повеќе на мајтап му вела ја, колку побрзо да ни минет времето. – Погледај – му вела –  со нами носеме и фабрика – со роката му ја покажува бичкијата (пилата) на стрико Марка која полоина беше во торбата, а полоина излезена надвор. Со ова фабрика ќа печалеме многу пари.

Стрико Марко овој мој мајтаплок за  бичкијата – фабрика го разбра поинаку. Се намурти и се скисели. Се гледаше дека не му е драго и мислеше дека ја играм мајтап со неговата мајсторија бидејќи стрико Марко не само во Битуше, токо и пошироко во нашиот крај беше познат дограмаџија. Само побогатите фамилии во нашите села имаје дограма лично изработена од него. Само тој зноеше да направет оригинални шари на враќето и пенџерите, а долапите изработени од неговите роци ги красеје одаите во најбогатите куќи во Битуше, Ростуше, Вељобрдо и другите села.

Низ разговор времето брзо течеше. Арабата влечена од два добро ранети коња, со леснотија и врвеше завијоците во Лаиница.

Стигнавме во Гостивар. И право влеговме во Мирчевиот ан. Слеговме, ги зедовме и пљачките и кога сакавме да  му платеме на арабаџијата тој никако не сакаше да ни земет пари. Рече: „Вије сте многу добри луѓе. Вистина сиромашни, ама многу чесни.“ Сигурно му остаивме впечаток со муабетите за на крај, во Мирчевиот ан, тој да не почастет по еден чај и на разделбата покрај тоа што ни посака среќен пот ни рече: „А за плаќањето – наши сме. Аку добро спечалете ќа се видиме и тогаш ќа ми платете…- Рече ќираџијата и замина.

Ноќта одморивме во Мирчевиот ан. Наредниот ден нова нафака. Нов пот кон непознатиот печалбарски живот и свет. Ама за теја нишчо не зборевме. Од Гостивар за Скопје тргнавме пешки низ полето, преко Волковија и Стенче, Сува Гора и Дервен, некаде побрзо, некаде покроце со мало одморвење го грабнавме патот кон Скопје.

По патот немавме никакви проблеми. Вистина многу уморни негде околу зајдисонце стигнавме во Скопје. Се сместивме во чекалната на Скопската железничка станица. Внотра имаше бајги народ. Поседнавме на подот и изморени од потот сите четворица заспавме ѓоа заклани. Ич не се плашевме од апаши. А немаше шо да ни украдет, осум ќепариња, мистриите и закрпените торби. Малкуте пари што ги имавме за пот бее добро склонети во специјално сошиени платнени ќесиња скриени во гаќите.

Утрината се разденивне во истата положба како шо сме легнале. Вистина уморот ушќе го осеќавме, ама кога се разбудивме бевме многу посвежи. Извадивме карти за возот за Солун. Возот беше поставен на колосек. Инаку до кинисувањето  имаше уште некои два-три сати, мие се сместивме во едно купе. Отиде стрико Марко купи тазе леб, се залебивме и чекавме возот да тргне.

Сакав да го праша стрика Марка да ни кажет нешќо поеќе за земјата во која ќа гурбетуаме. Стрико Марко беше многу шкрт чоек на зборои. Муабет праеше само аку имаше потреба. Ми одговори дека и тој бил еднуш и дека нишќо не зноет. И него го воделе како шо тој не водет нас. Угрин и Трајче молчее. Сигурно и тие си думае шо не очекуват во непознатата земја. Едно беше сигурно. Никој од нами не се надаше дека не чека нешто добро.

Најпосле возот тргна. Со него и мие кинисавме во непозната земја. И додека возот и кусеше километрите до Солун, мие четворица завалени во купето, бевме загајлени дали ќа најдиме работа. Дали е вистина како шо ни велее пред нашето  тргнување дека драхмата била „горе“.

Возот грабаше кон Солун,  а ја со мислите стално бев во Битуше. Меѓу моите. Копнеев да и зема в роци моите две мали деца шо и остаив. Синот Љубо и ќерката Стојанка, како да и гледа пред мене додека возот фучеше, како и тие нажалено ме испраќает во непознатата туѓина. Си думав колку ќа беше поубо да имаше работа негде туе, во нимна близина да бида и ја со ними. Но се тешев самиот шо бее здрави, прави и напредни, што за нив има кој да се грижет и дека и ја на гурбет ода токмо за ними. Да спечала нешќо и ними да им го донеса. Си думав со умот колку е неправеден овој свет. Тога кога требет да се радвеш на животот, мораш да одеш, да се разделеш од најмилите. Ама од пустата судбина или како шо велеше мајка од пишаното не се бега.

Стигнавме во Солун. Гледам големо градишќе. Слеговме од возот. Многу народ. Зборет, викает, се договарает – мие нишќо не разбираме. Стрико Марко ни рече дека сега одеме во „Корча ан“. Тој бил најподесен за гурбетчии. И само шо тргнавме со торбите в роци, трчает по нами амали да ни го носет багажот. Каков пусти багаж. По една искината и закрпена торба. Стрико Марко напред со бичкијата в роци, мие по него, кинисавме кон анот.  Ни се влечет пантолоните и креваме могли прашина. Мислеш по улицата врвет камиони. Луѓето ни прает пот и бегает да не се закачет за торбите и бичкијата на стрико Марко. Се чудет од коде сме и коде одеме. А ја и покрај уморот се мајтапа: „Од далеку сме пријателе… Од многу далеку.„На едно окво прашање на еден солунчанец, што знаеше нашински, му вела: „Не прашувај. Од многу далеку сме. Од Сојединетите штати.“ А тој ни едно ни две, низ смеење ми одговори: „О вокви какви шо сте не личите на никакви американци…“

Дојдовме во „Корча ан“. Кога не видоа немиени, небричени, искинати, без да не прашает не однесое во една појатка покриена со прочки од врба.„Добро бре, – му вела на нашински на детето што не носеше кон појатката, прашај не белки сакаме одаи со кревети.“ Гледа детето ме разбра. Го зноело нашинскиот и измешано пола нашински пола грчки ми рече дека одаите со кревети се скопи и дека мие не сме имале пари да платеме. А и да сме имале пари, рече детето, окви какви шо сме биле ќа сме им ги избркале мушќериите. Шо се однесуват до парите детето беше во право. Мие имавме ушќе толку пари да купеме леб да не умреме од глад. Седнавме на дрвените клупи. Детето ни го покажа и местото во појатката послана со слама, коде шо ќа можеме да прилегнеме.

Петдневното путешествије за нас заврши. Сега наступује најтешкото. Да се нает работа. да се извадет пари. Седнати на дрвените клупи во шупата од анот почнавме да правеме план. Стрико Марко рече дека работа во градот за нами немат. Работа требет да се барат по селата. Праеме есап колку ќа не чинет аку по селата тргнеме со воз. Есапот излезе ѓаол и пол. Одлучивме пешки да ја крстареме Егејска Македонија. Тргнавме кон некое гратче, или село, се викало Негритас, за кое во анот ни рекое дека можело да се наит работа. По потот за Негритас не стигна една запрежна кола. Колаџијата нејкој си Гавро малку разбираше нашински, застана и не праша коде одеме. Дај-недај некако се пазаривме со него да не поведе до Негритас, коде шо одел и тој. Се качивме на арабата и тргнавме. Ама кога немаш к’смет, шо можеш да праеш. Не поодевме ни стотина-двесте метри, колата се скрши. Падна предното колце. Качувањето во арабата не кошташе ѓаол и пол. Парите и дадовме колата не можеше да се поправи и ние пак тргнавме пешки.

Изморени, ненаспани, гладни, како музи без глави, скитавме низ широкото Солунско поле. А аку по патот некој не прашаше од дека сме и дека идемо, ја и покрај големиот замор како од топ им одговарав: „Во Галилеја одеме. Ја шетаме земјава. Еве веќе петнаесет години патуваме…“ Шо да праеш, си думав со умов мој  ако и самиот со себе не се мајтапеш и времето не одет. Таке одееќи пешки дојдовме во едно село. Бевме премалени за јадење. Се договоривме стрико Марко и Угрин да влезат во селото и да питает леб, а јас и Трајче да и чуваме пљачките и да чекаме. По некое време се вратие со малу леб и не окуражије дека сме близу до Негритас. Коснавме шо коснавме, ја залебивме малу душата и го продолживме потот. Во Негритас го доживеавме првото големо разочарување. Работа вистина имаше ама ѓунделукот беше многу мал. Со есапот што го направивме излезе дека е подобро да питаме леб отколку да работаме зашќо со заработениот ѓунлук не можевме да купеме парче леб.

Од книгата „Копанка“ (Печалбарски запис на Трпе Фиданоски, подготвил Гале Фиданоски, Битуше 2010.

Марко Китевски

Најново од: Култура и туризам

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија На 30 септември Православната црква го празнува споменот на една мајка и нејзините три ќерки, чии имиња и денес зборуваат за верата, надежта, љубовта и мудроста. Според црковното предание, Софија живеела со своите ќерки во времето на римскиот император Адријан. Била христијанка и сама ги […]

1908 – Во Солун излегува весникот „Единство“

На 27 септември 1908 година во Солун излегол првиот број на весникот „Единство“. Во неговото уредување учествувал Димитар Влахов, а весникот ги изразувал ставовите на дел од македонските револуционери. „Единство“ се појавил по Младотурската револуција, во време кога се отворил простор политичките идеи да се изнесуваат и преку јавниот печат. Неговите страници биле дел од […]

Македонските просветители свети Климент и свети Наум Охридски

Свети Климент Охридски-Чудотворец е заштитник на градот Охрид и на целиот македонски народ, патрон на Македонската православна црква- Охридска архиепископија и најпознатиот меѓу повеќето ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Тој остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други […]

Крстовден – празник на верата, надежта и силата на Чесниот Крст

Именден празнуваат: Крсте, Крстинка, Кристина, Христина, Кристијан… Денес, 27 септември, православните верници го празнуваат Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст, во народот познато како Крстовден. Ова е еден од големите празници во црковниот календар, ден кога верниците со молитва и почит се поклонуваат пред Крстот Христов. Црквата празнува два празника поврзани со чесниот крст, зимскиот […]

Во Охрид прикажан филмот „Македонецот“ и претставена изложбата „Мајко мила“

Во присуство на заменик-амбасадорката на Република Полска, Ана Каспрзак, претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, потпретседателот на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, Мане Јаковлески, и членката на Управниот одбор, Лилјана Мизрахи, на 24 септември во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид се одржа манифестацијата „Патување кон корените“. Пред публиката […]

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

На 19 септември 1992 година, во селото Стајковци, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата православна црква посветена на светите браќа Кирил и Методиј.

Со поставувањето на камен-темелникот започнала изградбата на нов духовен дом за православните верници од Стајковци – храм посветен на сесловенските просветители, чие дело оставило неизбришлива трага во духовната, културната и писмената традиција на Македонија и на словенските народи. Светите Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се меѓу најзначајните личности во христијанската и […]

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил […]

To top