Култура и туризам

Цоцев Камен е вулканска карпа која во праисторијата се користела како мегалитска опсерваторија

cocev-kamen

Цоцев Камен се наоѓа во атарот на селото Шопско Рударе, поточно во близина на маалото Цоцевци и селото Коњух. Самата карпа се издвојува од околните ридишта е интересна сама по себе. Видливи се и осатоци од човечка обработка.

На стотина метри источно од Цоцев камен се наоѓаат мегалити кои служеле како сончеви и месечеви маркери. На врвот на карпата се наоѓа престол свртен на исток кон маркерите, од каде што може да се следи во која точка изгрева Сонцето и Месечината и според тоа да се формира сончев календар. Мегалитите имаат дополнителни врежувања врз нив и во непосредна близина се најдени изработени месечиви во голема димензија, што претставува сведок за тоа дали еден објект претставува опсерваторија.

Културната вредност на Цоцев Камен била откриена во 1971 година од страна на Душко Алексовски, професор по француски јазик и основач на Центарот за карпеста уметност во градот Кратово. Неговите изјави дека Цоцев Камен е единствен локалитет во светот кој на едно место обединува светилиште, жртвеник и опсерваторија предизвикале контроверзии во македонската археологија, кои и денеска се предмет на дебата.

Во поглед на археолошки ископувања, за Цоцев Камен не постои историјат на истражување. Во археолошката литература овој локалитет се сретнува под името Трон-Пешта, како населба од неолитско и доцноантичко време. Во седумдесеттите години кога било вршено рекогносцирање на теренот, било забележано дека на 1,5 км северно од маалото Цоцевци се издига висока карпа што доминира над околниот терен. На западната страна, под карпата се протега тераса со димензии од 70 х 60 м, на која има фрагменти од неолитски керамички садови со фина и груба фактура, со сива и црвеникава боја. Наоди се среќаваат и во подножјето на терасата, особено во нивите, каде што се наоѓало подградието. Биле откопани неколку питоси и римски монети.

Цоцев Камен има основа формирана на карпа од вулканско потекло, а обединува два типа на локалитети, пештера и полупештера. Изложен е на ветер, на сонце и на атмосферски влијанија. Најверојатно тоа било причината поради која во изминативе епохи не се живеело во него, туку околу него, додека веројатно самата локација се употребувала повремено во праисторијата, а постои веројатност тоа да се случувало и во подоцнежните периоди. Во одредени делови од карпата (процепи или места обраснати со вегетација) се уште може да се пронајдат керамички фрагменти со најразлична старост. Тие би упатиле на светилиште.

cocev-kamen
Малата и големата пештера

Пристапот кон Цоцев Камен е овозможен од неколку правци, но најдостапен е преку денешниот асфалтен пат што води за Коњух, вдолж кој од левата страна се забележува карпа која по својата структура и облик се издвојува од околината. За да се стигне до карпата треба да се поминат околните ораници, како и исушеното речно корито на реката Врлеј. Од тука, преку нивите со житарици, до Цоцев Камен се простира првата речна тераса (со квартерна старост) на која се сретнуваат фрагменти од праисторијата, римскиот и средновековниот период. Од она место каде завршува култивираната површина, па сè до самата карпа, теренот е покриен со ниска грмушеста вегетација од слаб интензитет, без видливи антропогени нарушувања.

Структурата од вулканска карпа овозможила нејзино делкање и дотерување во форма на скалила кои ги има на сите страни низ Цоцев Камен. Преку нив се стигнува до повеќе рамни платоа. На оние површини коишто имаат хоризонтална поставеност се видливи вдлабнатини со големина на колец, кои најверојатно и ја имале таа намена и функција. Од страната на карпата која е најпристапна за искачување, преку почетните скалила се стигнува прво до т.н. ‘Мала пештера’, а потоа и до ‘Големата Пештера’ која се наоѓа над неа.

На едно од пониските платоа на Цоцев Камен, од страната каде се лоцирани пештерите, се наоѓаат две испакнати ниши. Тие делуваат како престоли, но можно е да имале и друга намена. Поставени се на исто ниво еден наспроти друг, на раздалеченост од околу десеттина метри. Директно се изделкани во самата карпа, со што е добиен нивниот облик, а ориентирани се кон исправените камења на соседниот рид. Од нив, преку вертикални скалила се стигнува до уште една платформа, во која се издлабени базени. Двата базена собираат поголемо количество вода и веројатно биле користени како резервоари.

Во едниот дел од Цоцев Камен постои поткарпа со полуовална форма и димензии од 5 x 1,5 x 2 м. Во овој простор со црвена боја се исцртани мотиви кои прикажуваат човечки, животински, геометриски и мотиви со недефиниран карактер. Поткарпата е поставена на спротивната страна од пештерите, базените и престолите. Од она што може да се распознае на ѕидовите од карпата, насликаните мотиви се групирани во три групи од по 2-3 цртежи, помеѓу кои можат да се распознаат човечки фигури и мотиви кои наликуваат на предмети познати од секојдневието (количка).

Во рамките на Балканот, но и во светот, биле направени обиди за класификација на композициите и сцените кај сликаната карпестата уметност генерално. Според овие критериуми, уметноста на Цоцев Камен е на отворено, со хоризонтални рамни цртежи нанесени директно на карпата кои не ја нарушиле или модифицирале нејзината површина. Според технологијата и тематиката, се работи за линиски плоснат цртеж од монохромен карактер (црвена боја) во форма на антропоморфен пиктограм.

Постојат најразлични толкувања и приоди кон оваа сликарство, почнувајќи од тоа дека го претставува опкружувањето на луѓето кои го нацртале, па сè до претпоставките за релациите со нивниот социјален и духовен аспект од животот. Интересно е што некои антропогени мотиви од Цоцев Камен се сретнуваат на Балканот во керамичкиот материјал од неолитот, означувајќи стилизирани мотиви на концептот за породилната поза 6 или пак се познати од етнографијата. Истите мотиви подоцна се сретнуваат и на ќилимите од македонската етнографија и пошироко.

Споредувањата на Цоцев Камен со археолошкиот локалитет Кокино во поглед на мегалитската структура би биле мошне неумесни во научниот свет. Кокино е, пред сè, археолошки локалитет кој потекнува од бронзеното доба. Независно од интерпретациите и истражувањата кои овој комплекс го вбројуваат во категоријата на ‘праисториски опсерватории’, самото именување како мегалитска конструкција е сосема погрешно.Според некои автори, Цоцев Камен бил праисториска опсерваторија придружена со светилиште од астрален тип.

Хронолошкиот дијапазон на кремениот материјал е помеѓу неолитот и бронзеното доба, со оглед на тоа што овој тип артефакти, без други движни наоди како што е керамиката, не може со апсолутна точност да посведочи за временскиот период. Во околината на Цоцев Камен се пронајдени и артефакти од мазнет камен – мелници и авани. Камениот материјал се чува во Општинскиот центар за карпеста уметност во Кратово. На самиот Цоцев Камен има видливи интервенции на карпите со доволно патина која сведочи за нивната старост, како и сликана уметност на ѕидовите од поткарпите со претпоставена (за сега непотврдена) праисториска датација. Сликарството врз површината од карпите како и на ѕидовите на пештерите и поткарпите, во себе обединува природно и културно наследство од една територија.

Најново од: Култура и туризам

Неолитска култура на Централниот Балкан и на Егејот

Во Тесалија, под името Сескло или прото-сескло, културата по локалитетот покрај Volos, потоа уште Pirosasos, па Ahilon, Agrissa, Otzaki, Sufli и Tsani култури. Следат културите: Elatia во Фокида, Heronea во Беотија, Nea Makri во Атика, Корин, Спарта и Лерна на Пелопонез, Knos и Kato лерапетра на Крит, Amorgos, Lemnos итн. на егејските острови. Археолошките наоди […]

Асеманово евангелие е средновековен македонски книжевен споменик

На фотографијата се гледаат два столба со глаголски текст и големи црвени иницијали. Страницата е дело на калиграфот Георги Гоце Дуртаноски, кој со својот препис го доближува до денешниот читател изгледот на еден од најстарите зачувани словенски ракописи – Асемановото евангелие. Глаголски ракопис од X–XI век Асемановото евангелие е напишано на старословенски јазик со обла […]

„Св. Преображение“ во Зрзе – од пештерните испосници до средновековниот иконопис

На врвот на бигорната карпа западно од прилепското село Зрзе се издига манастирската црква „Св. Преображение“. Под неа, по падините на карпата, се зачувани остатоци од монашка населба чии почетоци археолозите ги датираат кон крајот на IX век. Кога во XIV век била подигната црквата на горното плато, во пештерите под неа веќе со векови […]

Ангелот од Курбиново и загатката за непознатиот ктитор

Опис од приложената фотографија: Западната фасада на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, Преспа. На падините над Преспанското Езеро, кај селото Курбиново, стои еднокорабната црква „Свети Ѓорѓи“. Зад нејзината едноставна камена фасада е зачуван еден од највпечатливите фрескоживописи од крајот на XII век. Меѓу насликаните ликови, погледот најдолго се задржува на архангелот Гаврил. Наборите на неговата […]

Манастирот „Св. Рожденство на Пресвета Богородица“ во Согле

На околу три километри од селото Согле, во шумскиот предел на Азот, се наоѓа манастирот „Св. Рождество на Пресвета Богородица“. Комплексот е на територијата на Општина Чашка, на околу 30 километри југозападно од Велес. Од селото до манастирот води земјен пат. Манастир изграден со помош на околните села За почетоците на манастирот има малку пишани […]

Стенчевска тврдина и Тумба: богато археолошко наследство во Полог

Колаж од археолошки цртежи на монети, накит и други предмети пронајдени во Стенчевската тврдина.   Над селото Стенче се издигаат остатоците од стар утврден град, а во неговата околина се наоѓа неолитска населба чии почетоци се поврзуваат со животот на овој простор пред околу 8.000 години. Заедно, овие локалитети сведочат за богатото културно и историско […]

Марко Цепенков – човекот што го зачува македонското народно богатство од заборав

На 7 ноември 1829 година е роден Марко Цепенков, еден од најзначајните македонски собирачи на народни умотворби, писатели и етнографи. Со својата долгогодишна и посветена работа оставил непроценливо наследство за македонската култура, јазик и народна традиција. Неговата собирачка дејност започнала во 1856–1857 година, поттикната од учителот и преродбеник Димитар Миладинов. Средбата со Миладинов му дала […]

Ланга и Голо Брдо – камени кули, планински предели и културно наследство што заслужува да се открие

Камените куќи на Ланга, природните убавини на нејзината околина и богатата традиција на Голо Брдо во кое културата и природата се доживуваат заедно. Ланга, на албански Llangë, административно припаѓа на единицата Стеблево во општина Либражд. Селото привлекува внимание со својата положба меѓу шумите и карпестите падини, но особено со впечатливите камени градби што му даваат […]

To top