Македонски легенди

Спиридон Благоев

spiridon-blagoev

spiridon-blagoev

Спиридон Благоев (7. II 1926 – 2009) е македонски национален деец, член на КПГ, правник и историчар. По германската окупација на Грција во 1941 година станал активист на ОКНЕ и на ЕПОН, а потоа во 1942 година станал член на Секретаријатот на селската младинска организација ЕПОН и член на КПГ. Во времето на Граѓанската војна во Грција (1946 – 1949) стапил во редовите на ДАГ. Во периодот 1946 и 1947 година бил политички комесар на вод, командир на чета во баталјонот, помошник на баталјонскиот политички комесар и одговорен за Македонците во баталјонот. Потоа се вклучил во 107-та бригада на ДАГ. По војната. наредните три децении ги минал во Ташкент (СССР), а во 1979 година се вратил во Скопје каде работи во ИНИ како научен соработник до пензионирањето. Автор е на поголем број статии за Македонците во Егејскиот дел на Македонија и има значаен придонес во архивските истражувања во СССР за современата историја на Македонија.

Спиридон Благоев  е роден на 7 фебруари 1926 година во леринското село Пателе, Егејскиот дел на Македонија. Завршил шестгодишно училиште во родното село на грчки јазик во 1938 година, а во 1940 година се вработил во државно претпријатие.

По германската окупација на Грција во 1941 година станал активист на Федерацијата на грчката комунистичка младина (ОКНЕ), во која дејствува Македонското биро ОКНЕ. Во почетокот на 1942 година, по обединувањето на грчките младински политички организации во Национална општогрчка организација на младината (ЕПОН), тој во своето село станува член на Секретаријатот на младинската организација ЕПОН, а од мај 1942 година станал член на Грчката комунстичка партија (КПГ).

Во првата половина на 1943 година Спиридон Благоев  бил испратен на партиска работа во Соровичкиот реонски комитет на КПГ и од летото истата година па се до крајот на Втората светска војна тој дејствувал како партизан.

Во летото 1946 година, за време на Граѓанската војна во Грција, Спиридон Благоев  стапил во редовите на Демократската армија на Грција ДАГ во Штабот на на планината Вич. Во одредени периоди бил политички комесар на вод, потоа станал командир на чета во Леринско-костурскиот македонски народно ослободителен баталјон, Исто така бил помошник на баталјонскиот политички комесар Пандо Шиперков и одговорен за Македонците во баталјонот од 1946 до 1947 година.

Спиридон потоа се вклучил во 107-та бригада на ДАГ и во периодот од 1948 до 1949 година  учествувал во сите нејзини борби. Војната ја завршил во чин поручник. По битките на Вич и Грамушта во кои ДАГ била поразена, раководителите и остатоците на нејзините сили се повлекле во Албанија. По војната Спиридон емигрирал во Советскиот Сојуз.

Спиридон Благоев  наредните три децении ги минал во Ташкент, СССР. Во овој период тој бил назначен на разни раководни производствени дејности. Во меѓувреме дипломирал на Факултетот по механика специјалност технологија (1951-1955), а подоцна дипломирал и на Правниот факултет на Ташкентскиот универзитет „В. И. Ленин“ (1960- 1966).

Меѓу 1972 и 1979 година Спиридон Благоев  работел како помлад научен соработник во Институтот за филозофија и право на Академијата на науките на Узбекистан каде што и ја одбранил кандидатската дисертација „Правната положба на субјектите во составот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ (1979), со што го добил звањето кандидат на правните науки.

Спиридон Благоев  по враќањето во Скопје во 1979 година се вработил во Институтот за национална историја (ИНИ), каде работи како научен соработник се до пензионирањето во 1989 година.

Автор е на поголем број статии за Македонците во Егејскиот дел на Македонија и има значаен придонес во архивските истражувања во СССР за современата историја на Македонија.

Спиридон Благоев  починал во Скопје во 2009 година.

(извор: Македонска енциклопедија, том I. Скопје, МАНУ, 2009. с. 168-169.)

Најново од: Македонски легенди

Тома Прошев

Тома Прошев е роден на 10 ноември 1931 година во Скопје, а починал на 12 септември 1996 година на хрватскиот остров Зларин. Тома Прошев е Македонски композитор, диригент и музиколог, еден од најистакнатите автори на македонската современа музика и меѓу првите композитори што внеле нов звук во македонското музичко творештво. Гимназија завршил во родниот град. […]

Никола Беровски – големиот учител на Македонците во Албанија

Никола Беровски е роден во 1923 година во Битола, а починал во 1993 година во Тирана, Албанија. Има луѓе чие дело продолжува да живее во генерациите што ги описмениле, во книгите што ги оставиле и во јазикот што помогнале да се зачува. Меѓу нив е Никола Беровски, македонскиот учител, учебникар и преведувач кој својот работен […]

Бранко Гапо – великан на македонската кинематографија

Бранко Гапо (5 ноември 1931 – 18 ноември 2008) е еден од најзначајните македонски режисери. Со своето богато филмско творештво, како и со работата во театарот, телевизијата и радиото, оставил длабока трага во македонската култура. Роден е како Бранко Ивановски на 5 ноември 1931 година во Тетово. Неговата љубов кон филмот се развила уште во […]

Владо Черноземски – живот меѓу револуционерното подземје и Марсејскиот атентат

Владо Черноземски е роден на 19 октомври 1897 година во селото Каменица, денес дел од Велинград, Бугарија, Владо Черноземски загинал на 9 октомври 1934 година во Марсеј, Франција. Неговото вистинско име било Величко Димитров Керин. Како член на ВМРО, најнапред во времето на Тодор Александров, а потоа во организацијата предводена од Иван Михајлов, останал запаметен […]

Јордан Костадинов – борец за националните права на Македонците во Пиринска Македонија

Јордан Костадинов (9 ноември 1932 – 23 август 2019) бил борец за националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, политички затвореник и еден од основачите и претседател на ОМО „Илинден“. Поради своето дејствување, двапати бил затворан од бугарските власти. Јордан Костадинов Иванов е роден на 9 ноември 1932 година во селото Белица, преименувано […]

Антон Лазов Јанев – Ќосето

Антон Лазов Јанев (25. XII. 1854 – 10. IX. 1953) е македонски револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа […]

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

To top