Манасиевски: Билатералниот спор со Бугарија треба да се решава врз основа на реципроцитет, а не на потчинување
2 минути за читање
Манасиевски: Билатералниот спор со Бугарија треба да се решава врз основа на реципроцитет, а не на потчинување
Владата останува цврсто определена за европската иднина на Македонија, но без нови отстапки и понижувања во процесот на евроинтеграциите, порача денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Манасиевски.
Според него, билатералниот спор со Бугарија треба да се води врз принципот на реципроцитет, а не, како што рече, врз основа на потчинување, за што ги обвини Венко Филипче и СДС.
„Времето кога Македонија водеше потчинета и понижувачка политика, предводена од Филипче, неговиот ментор Зоран Заев и СДС, заврши“, истакна Манасиевски.
Тој посочи дека граѓаните во голема мера ја поддржуваат европската перспектива на државата, но во исто време сметаат дека Македонија не треба да прави дополнителни отстапки за да стане членка на Европската Унија.
Манасиевски нагласи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека европскиот пат не смее да биде еднонасочна улица и дека Бугарија треба да ги исполни своите обврски, меѓу кои и спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
„Оваа државничка политика, во која не прифаќаме уцени и диктати од официјална Софија, очигледно не им се допаѓа ниту на Бугарија, ниту на специјалниот бугарски пратеник во Македонија, Венко Филипче, кои имаат добро координирани ставови и тези што ги пласираат во јавноста“, рече Манасиевски.
Тој оцени дека, како што наведе, „мекотелната политика“ на Филипче и СДС, проследена со потчинувачки изјави и отворени симпатии кон Бугарија, не носи добро ниту за нив, ниту за државата.
„Така беше со Заев, така беше и со Ковачевски, а сега истото се повторува и со Венко Филипче“, додаде Манасиевски.
На крајот тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи нови понижувања на Македонија во евроинтегративниот процес.