На Самитот ЕУ – Западен Балкан остварени важни разговори со германскиот канцелар и францускиот претседател
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Тиват, во рамките на Самитот ЕУ – Западен Балкан, оствари средби со германскиот канцелар Фридрих Мерц и со францускиот претседател Емануел Макрон, при што во фокусот на разговорите беа европската иднина на регионот, предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан и можностите за продлабочување на соработката со Европската Унија.

На средбата со германскиот канцелар Мерц беа разменети мислења за актуелните политички и економски состојби во регионот, како и за потребата од забрзување на европските интегративни процеси. Соговорниците разговараа за важноста од стабилноста, реформите и меѓусебната соработка како предуслов за напредок на државите од Западен Балкан.

Премиерот Мицкоски оствари и пријателска и срдечна средба со францускиот претседател Макрон, на која се разговараше за прашања од заеднички интерес, за иднината на регионот и за европските перспективи на Македонија.
„Франција е една од највлијателните држави во Европа, па затоа е важно да се разговара отворено, директно и со јасно изразени очекувања. Нашата цел е да градиме пријателства, да отвораме врати и да обезбедиме поголемо разбирање и поддршка“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека Македонија останува посветена на европскиот пат и на развивањето партнерства со клучните европски држави, при што ваквите средби претставуваат значајна можност за зајакнување на меѓусебните врски и создавање нови можности за соработка.
Од Владата посочуваат дека разговорите во Тиват се дел од пошироките напори за унапредување на регионалната соработка и зацврстување на позицијата на Македонија во европските процеси, со јасна определба за стабилност, развој и подобра иднина за граѓаните.
