На средбата во Тирана беше разговарано за положбата на Македонците во Албанија, зајакнувањето на културните и националните врски и идните форми на соработка со македонската дипломатија.
Претседателката на здружението „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“, Елена Симонофски, оствари средба со новоименуваниот македонски амбасадор во Албанија, Веле Трпевски.
На средбата биле разменети мислења за актуелните прашања поврзани со македонската заедница во Албанија, како и за можностите за унапредување на соработката меѓу институциите и организациите кои работат на зачувување на македонскиот јазик, култура и национален идентитет.
Симонофски му посакала успешен мандат на амбасадорот Трпевски, изразувајќи уверување дека соработката меѓу Амбасадата и македонските здруженија во Албанија ќе продолжи да се развива во духот на заемна поддршка и почит.
Од своја страна, амбасадорот Трпевски ја нагласил важноста од одржување на блиски контакти со македонските организации и претставници во Албанија, истакнувајќи дека дипломатско-конзуларното претставништво ќе остане отворено за соработка и поддршка на иницијативите од интерес за Македонците во земјата.
Соговорниците се согласиле дека зачувувањето на македонскиот идентитет, културното наследство и јазикот претставуваат заедничка обврска и интерес, а идната соработка ќе биде насочена кон реализација на проекти што ќе придонесат за унапредување на положбата и видливоста на македонската заедница во Албанија.