Водиме дипломатија со интегритет, посветени сме на растот, развојот и исполнувањето на реформите
Членката на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и портпарол на Владата, Марија Митева, во гостувањето во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија порача дека Македонија води дипломатија заснована на интегритет, дијалог и почитување на добрососедските односи, наместо на меѓусебни обвинувања и коментари на изјави кои не потекнуваат од официјални институции.
Дијалогот е вистинската формула преку која може да се дојде до решение. Нашата цел е да покажеме стабилност и водење дипломатија со интегритет, без анализирање или прераскажување на изјави кои не доаѓаат од наши претставници или институции – истакна Митева.
Осврнувајќи се на реформската агенда и европскиот пат на државата, таа нагласи дека Македонија веќе покажала конкретни резултати преку успешното исполнување на обврските и добивањето на првата исплата од Планот за раст на Европската Унија.
Најголемата потврда за она што го говоревме е првата исплата што ја добивме од Планот за раст, каде што предничевме во однос на останатите земји. Тоа е показател дека пред европските претставници покажуваме поинаков потенцијал и капацитет на државата кога постои вистинска посветеност кон развојот, растот и исполнувањето на домашните обврски – рече Митева.
Таа изрази очекување дека до крајот на јуни ќе бидат завршени и преостанатите процеси од реформската агенда, со што Македонија повторно ќе се најде меѓу најуспешните држави во исполнувањето на европските критериуми.
– Очекувам до крајот на јуни да завршат и останатите процеси кои се дел од реформската агенда и повторно да бидеме предводници во исполнувањето на чекорите. Сето тоа ќе биде потврдено со следната исплата што треба да следи по извештајот. Времето ќе покаже дека Владата ги исполнува ветувањата, а истовремено ќе ги демантира невистините што опозицијата ги пласира во јавноста – нагласи Митева.
Таа порача дека Владата останува фокусирана на реформите, економскиот развој и европската перспектива на државата, при што резултатите ќе бидат најдобар доказ за успешноста на преземените политики.