Целта е преку Планот за раст, Реформската агенда и слични механизми да се поттикне побрзо интегрирање на Западен Балкан во Европската Унија.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека со германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон разговарале за нов модел на интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.
Според Мицкоски, сегашниот модел на евроинтеграции не ги зема доволно предвид различните позиции во кои се наоѓаат земјите од регионот, ниту пак им овозможува подеднаква динамика во приближувањето кон Европската Унија.
Премиерот посочи дека пред Мерц и Макрон предложил поголем фокус на Реформската агенда, Планот за раст и слични механизми, преку кои државите од Западен Балкан би можеле побрзо да се движат напред и да ги почувствуваат конкретните придобивки од европскиот процес.
Мицкоски оцени дека предлогот на Мерц и Макрон, претставен на самитот во Тиват, може да биде можност за забрзување на интегрирањето на регионот, особено доколку се овозможи постепено вклучување во европските политики, фондови и заедничкиот пазар.
Тој нагласи дека Македонија треба да биде дел од процес кој ќе носи реални резултати, а не само формални ветувања. Според него, европскиот пат треба да биде заснован на реформи, економски развој и конкретна поддршка, со јасна перспектива за граѓаните и државата.
Премиерот истакна дека Западен Балкан има потреба од нова енергија во евроинтегративниот процес и од модел кој ќе ги поттикне земјите да продолжат со реформите, но истовремено ќе им овозможи видлив напредок и практични придобивки уште пред полноправното членство во Европската Унија.