Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, соопшти дека во тек е истрага поврзана со акцизна стока, од која се очекува наплата на милионски суми по основ на избегнати давачки.
Гостувајќи во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа, Николовски истакна дека Царинската управа има целосна институционална поддршка да постапува по сите случаи за кои постојат сомнежи за незаконско работење.
„Работиме на нешто на кое никој во Царинската управа не се охрабрил да го работи или, пак, немал интерес да работи на таков случај. Ние, како дел од државниот апарат предводен од премиерот Христијан Мицкоски, имаме одврзани раце да работиме на сè“, изјави Николовски.
Тој посочи дека по комплетирањето на предметот се очекува да бидат утврдени значителни износи на избегнати давачки, кои државата ќе настојува да ги наплати.
„Кога ќе го завршиме целиот предмет, ќе дојдеме до милионски суми избегнати давачки кои ќе ги наплатиме. Се надевам дека во соработка со ОЈО ГОКК ќе стигнеме не само до извршителите, туку и до нарачателите“, нагласи директорот на Царинската управа.
Случајот, според најавите, треба да покаже дали во трговијата со акцизна стока постоеле организирани шеми за избегнување на законските обврски кон државата.