Стравот дека на површина ќе почнат да излегуваат нивните криминали, корупциски афери и милионските суми потрошени за проекти што никогаш не беа завршени, а дел од нив не беа ни започнати, очигледно го доведе СДС до политичко очајание.
Наместо да понудат одговори за сопственото владеење и за парите на граѓаните што исчезнуваа во сомнителни тендери, нефункционални проекти и празни ветувања, од СДС повторно посегнаа по својата омилена метода – ширење страв, паника и хистерија.
Политичкиот воајеризам на СДС оди дотаму што за секоја чувствителна тема се обидуваат да се претстават како загрижени спасители на граѓаните. За промената на името молчеа или ја оправдуваа. За внесувањето на Бугарите во Уставот вршеа притисок. Лани секој ден испраќаа соопштенија за пожарите, годинава се обидуваат да профитираат од проблемите со водата, а следната година веројатно ќе пронајдат некоја нова несреќа врз која ќе ја градат својата политичка кампања.
Најновиот пример покажува до кое ниво на очај е доведено раководството на СДС.
Во јавноста објавиле извештај стар околу година и половина, од февруари 2025 година, кој се однесува на село Сливник, во Општина Велес – населено место што воопшто не е поврзано со градскиот водоводен систем.
И покрај тоа, документот се пласира на начин што треба да создаде впечаток дека постои актуелна опасност за водата што ја користат жителите на Велес. Тоа не е политичка критика, ниту грижа за јавното здравје. Тоа е свесна манипулација со чувствата и стравовите на граѓаните.
До толку се очајни што веќе не чувствуваат ниту политички, ниту морален срам.
Кога една партија е подготвена да користи стар документ, да го извади од неговиот вистински контекст и да го претстави како актуелна опасност, тогаш станува јасно дека нејзината цел не е информирање на јавноста, туку предизвикување вознемиреност и собирање евтини политички поени.
Создавањето паника и хистерија со умисла не смее да биде третирано како обична политичка изјава. Надлежните институции треба да испитаат дали во ваквото постапување постојат елементи за правна и кривична одговорност.
Со здравјето на граѓаните не смее да се води партиска пропаганда. Со водата за пиење не смее да се манипулира. Со стравот на луѓето не смее да се тргува.
Но, токму тоа го прави СДС.
Наместо да се соочи со прашањата за криминалот, корупцијата, расипничкото трошење и нереализираните проекти од времето на нивното владеење, партијата се обидува да го пренасочи вниманието со измислени афери и со документи што немаат врска со актуелната состојба.
Затоа не треба да изненадуваат нивните катастрофални рејтинзи. Граѓаните одамна ја препознаа оваа политика на манипулации, страв и дезинформации.
СДС не го допре дното затоа што има лош рејтинг, има лош рејтинг затоа што одамна го допре дното.