Љубојно повторно ги собра Македонците од татковината и од светот во чест на Илинден, македонската традиција и нераскинливата врска со родното огниште
На 1 и 2 август 2026 година во Љубојно се одржаа традиционалните „53. Љубански илинденски иселенички средби“. Оваа манифестација има големо значење не само за Љубојно и Преспа, туку и за цела Македонија, бидејќи Илинден претставува еден од најголемите симболи на верата, слободата и националното единство на македонскиот народ во етничка Македонија и во иселеништвото.
Во текот на август Преспа и живописните населени места под Пелистер и Галичица се исполнети со празнична атмосфера. Печалбарските села широко ги отвораат своите врати за иселениците, кои се враќаат на родните огништа за повторно да се сретнат со своите најблиски.
Во организација на Одборот за прослава, предводен од Васил Томулевски, годинава во Љубојно се собраа бројни иселеници од прекуокеанските и европските земји, Преспанци што живеат низ Македонија, Македонци од егејскиот дел на Македонија, како и гости од Мала Преспа, Леринско, Битолско и Охридско.
На средбите присуствуваа и голем број посетители и повратници од Претор, Сливница, Долно Дупени, Брајчино, Наколец, Штрбово, Арвати, Крани и од другите преспански села.
Свеченото отворање се одржа во центарот на Љубојно, на просторот познат како „Полена“. Средбите ги отвори градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски, кој истакна дека нивното 53-годишно постоење потврдува оти станува збор за значајна иселеничка манифестација за Љубојно, Преспа и Република Македонија.
Присутните ги поздрави и директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов. Со неговото учество беше продолжена соработката меѓу Агенцијата и организаторите на Илинденските средби, чија цел е зацврстување на врските меѓу македонските иселеници и татковината.
Културно-уметничката програма ја збогатија младите играорци од друштвото „Гоце Делчев“ од Битола, кои изведоа повеќе македонски народни ора и песни. Настапите беа наградени со силни аплаузи од присутните.
Празничната атмосфера продолжи со настапите на групата „Молика“, Тина и познатата естрадна уметничка Даниела Темелковска.
На 2 август, на празникот Илинден, во манастирската црква „Свети Илија“ беше отслужена света богослужба во присуство на голем број верници. Кумови на овогодишната прослава беа Мишел и Зоран со своето семејство.
Потоа беше извршен верски обред и положено цвеќе пред Споменикот на паднатите илинденски борци, кој се наоѓа пред куќата на Калајџиовци. Посетителите им оддадоа почит и на починатите Љубанци, посетувајќи ги нивните вечни почивалишта кај централната црква „Свети Јован“.
Главната народна веселба започна во 17 часот на „Полена“ и траеше до два часа по полноќ. Бројните гости и љубители на македонската песна и оро ги забавуваа Тања Лазаревска и Благица Вељаноска–Колева, придружувани од групата „Молика“ и Тина.
Во своите почетоци Љубанските средби имале карактер на панаѓурска прослава, но со текот на времето прераснале во значајна илинденска и иселеничка манифестација. Во изминатите децении на нив настапувале играорни и пејачки групи од различни краишта на Македонија, од Мала Преспа, поранешна Југославија, како и македонски културно-уметнички друштва од Австралија, Канада, САД и европските земји.
Во изминатите 53 години во организацијата на средбите се вклучиле бројни иселеници и жители на Љубојно. Голем придонес дале Месната заедница, фестивалот „Илинденски денови“ од Битола, Општина Ресен, поранешната Матица на иселениците од Македонија, денешната Агенција за иселеништво, бројни оркестри, естрадни уметници, фолклорни групи и медиуми од Македонија и дијаспората.
Меѓу поддржувачите се и „Љубојно промет“, „Дупени Бич“ и други вљубеници во Љубојно, кои придонеле манифестацијата да биде богато организирана, масовна и да добие пошироко значење.
Посебно признание заслужуваат долгогодишните организатори Владо Пашариковски, Бошко Рајчовски–Пелистерски, Славе Катин, кој организирал бројни презентации и промоции на свои публикации, музичката ѕвезда Ламбе Алабаковски, како и Васко Томулевски и неговите претходници од Месната заедница во Љубојно.
„Љубанските илинденски иселенички средби“ се доживуваат свечено во секој љубански дом. На Илинден селото добива посебен празничен лик, исполнет со гостопримство, срдечност и радост поради повторните средби на роднините, пријателите и иселениците.
Токму на Илинден, Љубојно со гордост се потсетува на своето бурно минато, исполнето со непокор и борба за опстанок. За време на Илинденското востание во 1903 година во овој крај се случиле бурни и драматични настани. И во текот на окупацијата Љубојно било едно од жариштата на револуционерното движење и првата ослободена територија во Преспа.
По ослободувањето, на 14 ноември 1944 година, во Љубојно било отворено првото училиште на македонски јазик во Преспа и второто во слободна Македонија. Тоа останува трајна гордост на селото и на генерациите интелектуалци што своето образование го започнале на мајчин македонски јазик.