Андреј Жерновски упорно се обидува да ја одржи во живот темата за наводни тајни преговори за евроинтегративниот пат на Македонија, иако таквите тврдења беа демантирани од надлежните институции.
Како што им пукна меурот од сапуница наречен „мигранти за пари“, така на СДС му пука и најновата конструкција – дека власта тајно се подготвува да го прифати францускиот предлог и да направи нови отстапки.
Со секој изминат ден станува сѐ појасно дека раководството на СДС нема што да му понуди на народот, освен песимизам, дефетизам и хистерија. Нивната политичка стратегија се темели врз ширење страв и врз убедување на граѓаните дека Македонија не може да успее.
Целта е очигледна: да се убие надежта кај народот и да се создаде впечаток дека државата е осудена на пораз. А токму СДС, со своите политики и национални отстапки, во изминатите години му ги приреди на македонскиот народ најголемите разочарувања.
Меѓу најгласните денес е Андреј Жерновски – поранешен градоначалник на Центар, несуден амбасадор и политичар кој две децении опстојува на јавната сцена, без искуство во реалниот сектор. Наместо аргументи, тој повторно нуди сомнежи, шпекулации и сценарија со кои треба да се вознемири јавноста.
Но и оваа тема ќе заврши како приказната за „мигранти за пари“. Меурот ќе пукне, а зад него ќе останат само лагите и политичката хистерија на СДС.
Истите тие предупредуваа дека државата била пред банкрот. По две години власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Македонија не банкротираше. Напротив, економски се консолидира, се реализираат капитални проекти, а платите и пензиите се зголемуваат.
Како што не се остварија тогашните црни сценарија, така нема да се остварат ниту сегашните конструкции на Жерновски.
Можеби несудениот амбасадор посакува сите да поверуваат дека се подготвува ново национално отстапување, но францускиот предлог, кој СДС го прифати без вистинска заштита на македонските интереси, нема да биде прифатен под диктат и нема да има отстапување од веќе утврдените позиции.
Местото на Македонија е во Европската Унија – како рамноправна членка и почитуван партнер, со зачувано национално достоинство, македонски идентитет, јазик, историја и култура.
Залудни се обидите на СДС да го убеди народот дека сите се подготвени, како нив, за власт и политички привилегии да тргуваат со националните интереси. Македонија веќе ја плати цената на нивните погрешни политики.
Свежи се сеќавањата на отстапките направени под раководството на Зоран Заев, како што се свежи и обидите на неговите поранешни соработници денес да се претстават како нова политичка сила зад Венко Филипче.
Жерновски е дел од тој стар политички круг. Затоа неговите конструкции не можат да ја избришат одговорноста на СДС, ниту да го измамат народот.
Заедно со граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги порази политиките на лаги, дефетизам и национални отстапки. Затоа што народот памети – а предавствата не се забораваат.