Свежо цвеќе пред споменикот на основачите на Македонската револуционерна организација во чест на 23 Октомври
По повод 23 Октомври, пред споменикот на основачите на Македонската револуционерна организација во паркот „Жена борец“ во Скопје, се поклонија и положија свежо цвеќе делегации на Собранието, Армијата на Република Македонија, Владата, министерствата, дипломатскиот кор, здружението на борците од Народноослободителната војна.
Почит оддадоа и делегација на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од генералниот секретар Драган Ковачки.
Со положувањето цвеќе беше одбележана 133-годишнината од денот кога, на 23 октомври 1893 година во Солун, шестмина македонски дејци ги поставиле темелите на Организацијата: д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев.
Нивното здружување означило почеток на ново поглавје во македонската ослободителна борба. Во услови на османлиска власт, тие ја презеле одговорноста да создадат организација што ќе го обедини народот околу стремежот за слобода и достоинствен живот.
Денот на македонската револуционерна борба е посветен на решителноста, саможртвата и слободарските идеали на генерациите што се бореле за Македонија. Нивното дело останува траен дел од историското паметење на македонскиот народ.
Денешното чествување потсетува дека почитта кон основачите се изразува и преку нашата одговорност да ги чуваме слободата, македонскиот идентитет и државноста и да градиме подобра иднина за следните поколенија.
Нека е честит 23 Октомври — Денот на македонската револуционерна борба!









