СДС ги стави потписите, а сега Филипче прашува зошто Мицкоски не ги поправа последиците!
Има ли нешто во политиките на СДС на чело со Филипче што е во интерес на Македонија, или целата политика им се сведе на потсмевање со последиците од сопственото владеење?
Настапот на Филипче во Собранието ја покажа токму таа политичка логика: го повикува Мицкоски да го врати името, да го поништи Преспанскиот договор, да го подобри Договорот со Бугарија и да ја подобри Преговарачката рамка. Го прозива за ветувањата, а притоа ја прескокнува одговорноста на сопствената партија за штетните одлуки што претходеа на тие ветувања.
СДС, очигледно, има необично мерило за успех: договорите се историски кога ги потпишува, а туѓ неуспех кога тешко се менуваат.
Седум години имаа власт. Го сменија уставното име, потпишуваа договори и ја уверуваа јавноста дека со секоја отстапка ја обезбедуваат иднината. Денес прашуваат зошто друг не го расплеткал јазолот што тие го оставија.
Ако сè беше толку успешно, од каде потребата за вакво прашање? Ако договорите беа толку добри, зошто можноста за нивно подобрување се претвора во повод за политички сеир?
Излегува дека за СДС најголемиот проблем е што некој друг сè уште не ги поправил нивните „историски успеси“.
Меѓународните обврски не се партиско соопштение што утредента може да се избрише. За нивно менување не е доволна само волјата на една влада. Потребни се согласност од другите страни, трпение, дипломатска работа и време. Токму затоа одговорноста требало да биде најголема пред ставањето на потписите.
Но во политичката математика на СДС, потписот носи заслуги, а последиците одат на туѓа сметка.
Но пред СДС да праша „Зошто не ги поништите?“, треба да одговори: „Зошто ги прифативте?“ Лесно е да бараат друг да ги поправа штетните договори што самите ги славеа.
Тешкотијата да се поправи една одлука не ја докажува нејзината исправност. Понекогаш само покажува колку длабоко се вградени нејзините последици.
На Македонија ѝ треба европска иднина со достоинство и политичари што ќе помогнат да се подобрат нејзините позиции.
Од партија како СДС што ги бранеше овие договори како историски успеси, најмалку што се очекува е да ја објасни сопствената одговорност.
Наместо тоа, СДС нуди удобна поделба: потписите на штетните договори – нивни, последиците – народни, а одговорноста – на следната власт, затоа што не ја поправила штетата што тие ја славеа како историски успех.
За себе ги задржаа заслугите, а за наследникот ја оставија сметката. Само што неа ја плаќа Македонија.
Ја знаат ли во СДС народната: „Што може една будала да расипе, сто паметни не можат да поправат“?
Ја знаат народната, но попогодно им е да ги испрашуваат сто паметни отколку да објаснат кој расипувал.