Историја

Колективната меморија на Македонците

Од книгата „Македонци“
Автор: Бранислав Светозаревиќ-Покорни

„Кога ќе го видиш начинот на играта на еден народ, му го откриваш карактерот.“— Конфучие

Колективната меморија претставува сврзно ткиво на многуте генерации низ историјата на еден народ и е клучна за неговиот опстанок. Сè додека постои еден народ, постои и колективната меморија, но и народ без колективна меморија не опстојува. Колективната меморија е нераскинливата нитка која го поврзува колективниот бит на еден народ низ вековите и милениумите. Таа е нематеријален код на народната свест, кој народот го пренесува низ времето, користејќи ги најразличните медиуми што му стоеле на располагање низ историјата.

Колективната меморија ја среќаваме во записите со мастило на маргините од црковните книги, во текстовите врежани со остар предмет во камен и дрво, на фрескоживописаните ѕидови на црквите, во печатените изданија, па сè до современите графити и електронските записи. Колективната меморија е комплексна појава и не е поврзана само со пишаниот збор, туку и со усната историја.

Низ историјата, колективната меморија повеќе е врзана за културата на живеењето и голем дел од неа спаѓа во нематеријалното културно наследство. Културата на живеењето е нешто што тешко се брише. Таа само има своја еволуција и приспособување кон различни околности. Врежана е со непишани кодови во менталитетот на народот. Културата на еден народ, всушност, е неговиот идентитет.

Така, колективната меморија е вткаена во народната песна — до 1944 година биле регистрирани преку 40.000 народни песни. Кочо Рацин за македонската песна ќе напише дека за Македонија е „нејзина молитва, огледало на нејзината душа и нејзина воздишка“.[1]

Колективната меморија е присутна во народните преданија и раскази — преку 10.000 регистрирани раскази — во гатанките, мудростите, кај народните прераскажувачи и препејувачи, како и во начинот на кој еден народ реагира на одредени појави и процеси.

Кај Македонците народната песна не само што е врежана како кај музикален народ, туку се чини дека не постои народ на светот кој во толку песни ја опеал својата татковина и нејзината историја. Речиси и да не постои јунак, па дури и предавник, битка или друг историски настан што не е опеан со речиси непогрешлива точност, произлезена од сведоците на времето и од народната колективна интуиција и меморија, а проверена и потврдена од науката.

За тоа сведочи и непосредниот сведок, англискиот хуманист и мисионер Хенри Ноел Брејлсфорд, кој пред Илинденското востание запишал:

„Тие се народ врзан за почвата, вкостени во своите села со ограничен опсег на чувства кои побожно се вртат околу нивните планини, нивните реки и нивните древни цркви. Нација на селани што тргнува со вакви конзервативни одлики бргу ќе развие вистински патриотизам… Нивните балади за бунт во кои зборот ’Македонија‘ се јавува во секој рефрен докажуваат дека тие имаат татковина.“[2]

Ако за еден јунак, каков што беше Гоце Делчев, еден народ испеал стотици народни песни, тогаш тој јунак сигурно му припаѓа нему. Во сите тие песни за Гоце и за другите јунаци се пее дека „животот го даде за Македонија“. Според тоа, во песните народот ја запишувал и својата историја.

Во недостаток на државни архиви, народот во својата колективна меморија успеал да зачува спомени за историски личности илјадници години наназад. А за јунаците од илинденската епопеја, но и за македонските партизани, во песните слушаме неверојатни детали кои и научно се потврдени.

Колективната меморија ја има и во верувањата, обичаите, суеверијата, народната носија, народната архитектура, дури и во специфичностите на народната храна, народното здравство, народната фармакопеја итн.

Во граничните предели со другите народи овие културни појави се преплетуваат и со векови вршат одредени меѓусебни влијанија. Долговековниот соживот на два или повеќе народи на исто место, исто така, поминува низ процес на меѓусебно влијание. Модерното време ги забрзува процесите на изедначување на нијансите, не само на регионално, туку многу повеќе на глобално ниво.

Колективната меморија е и во пишаниот збор, но и во насликаните фрески и икони. Преку нив народот ги слави Бога, светците, но и словенските и македонските просветители. Сепак, и покрај вековните влијанија, секој народ носи со себе и зачувува илјадници нијанси на посебното.

Народните преданија, песни и мудрости, кои се пренесувале усно од генерација на генерација, се заслужни за автентичниот македонски јазик. Македонија со векови била лулка на пишаниот збор и еден од позначајните центри на средновековната црковна уметност.

Оттаму, пишаниот збор низ вековите ни докажува дека денешниот македонски јазик е истиот како и јазикот на најстарите зачувани пишани песни, запишани пред 500 години во Костурско, кои се чуваат во Ватикан. И сите други зачувани песни, раскази и записи на народен јазик ни говорат дека се идентични со денешниот литературен, односно стандарден македонски јазик.

Македонскиот литературен јазик е најприродниот јазик, кој се темели и почива на обичниот народен јазик на Македонците, зборуван со векови. Блаже Конески и неговата генерација, кои работеле на македонскиот литературен јазик, немале никаква потреба да позајмуваат нешто од другите јазици. Тие само го слушале и го читале јазикот на своите предци.

Заштитниот ѕид на последниот бедем на македонската колективна меморија бил куќниот праг. Низ друмовите, улиците, сокачињата, пазарите, панаѓурите, чаршиите, локалните и државните управи и канцеларии, училиштата и црквите, вееле многу ветришта од сите четири страни. Овие простори секојдневно биле изложени на туѓи влијанија. Затоа колективната меморија на народот со векови била најзаштитена покрај семејните огништа.

Додека домаќинот на куќата со векови бил задолжен да обезбеди материјални средства за живот надвор од куќата — на нивата, на лозјето, во чаршијата, на тезгата, во занаетчиските или трговските дуќани — домаќинката, мајката, се грижела за домот и за децата. Во таа микросредина развивала едно цело мало стопанство, во кое се произведувале храна, облека, покуќнина и што уште не.

Додека домаќинот бил во чаршијата, каде што се мешале различни култури и политички влијанија, домаќинката негувала сè што е традиционално, пренесувајќи им ги од колено на колено на идните поколенија јазикот, обичаите и верувањата.

Куќата претставувала мал идентитетски бедем, во кој надворешните влијанија се прифаќале спонтано и селективно, онолку колку што било доволно да не се наруши идентитетската посебност, без докрај да се нарушат древниот јазик, древните традиции и воспитувањето.

Денес, исто така, сме сведоци на тие нијанси. Кога шетаме по градовите низ најблиските соседни држави, ја чувствуваме блискоста на балканскиот менталитет — во рестораните, во маркетите, по патиштата и улиците. Но кога одиме на гости во некој дом, на ден, два или повеќе, и покрај силното влијание на глобализацијата преку повеќето медиуми, тогаш започнуваме вистински да ги увидуваме специфичните разлики во менталитетот на живеењето, она што колективната меморија го втиснала во нашето секојдневие.

Според Тодор Чепреганов, колективната меморија во нашиот македонски контекст не може да се избрише. Сосема е во право кога вели:

„Сигурно не сме компјутери па да притиснеме delete и да го заборавиме сето она што се пренесува од генерација на генерација… Сите обиди тој континуитет да се прекине завршија со неуспех. Напротив, таквите обиди ја обновуваат и ја зацврстуваат колективната меморија на македонскиот идентитет. Историски земено, како што видовме од примерите, речиси и не постои прекин во значењето на имињата Македонија и Македонци…“

Сите цитирани извори во оваа книга — преку илјада на број — се записи и сведоштва од колективната меморија на народот, со кои се докажува дека имињата Македонија и Македонци се нејзина есенцијална компонента.

Македонската еманципација се „кристализира“ околу свеста дека народот во својата колективна меморија влече свои корени поврзани со народносното име на Филип и Александар, воедно и со јазикот на Кирил и Методиј; дека Македонците се наследници на две цивилизации кои настанале и се обединиле на ист простор што се нарекува Македонија и дека себеси отсекогаш се нарекувале Македонци.

Најново од: Историја

Александар Македонски се уште еден од најфасцинантните и најдолготрајните митови во човечката историја.

Александар Македонски и по повеќе од 2.300 години останува една од најфасцинантните личности во човечката историја. Неговиот живот продолжува да инспирира нови истражувања, биографии и различни толкувања на неговото наследство. Оваа недела, историчарот на антиката Едмунд Ричардсон ја освои водечката британска награда за нефикција, „Бејли Гифорд“, за биографијата „Александар: Бог, крал, човек“. Напишана со елеганција […]

Праисториските народи: Енхелеј, Пелагонци и Пеонци

Праисториските народи: Енхелеј, Пелагонци и Пеонци Палеобалканското племе Енхелеи е поврзано со митското доселување на Кадма и неговата жена Хармонија од беотска Теба, меѓу древните жители на западниот Балкан и борбата со Илирите во XIII век пред Христа. Меѓутоа, тие се интересни од повеќе аспекти, а, пред сé, што припаѓаат на единствениот праисториски свет на […]

Логорите на Царството Бугарија и македонските интернирци (1941–1944)

Во текот на Втората светска војна, властите на Царството Бугарија воспоставиле мрежа на логори во кои затворале политички противници и луѓе осомничени за учество во отпорот. Во службените документи логорите биле нарекувани „Селишта на државната сигурност“. Меѓу заточениците имало и македонски дејци, меѓу кои поетот Венко Марковски и Методија Андонов-Ченто. Според Македонската енциклопедија, Министерството за […]

Санстефанскиот договор – голема грешка на руската дипломатија

Санстефанскиот договор предвидувал најголемиот дел од Македонија да биде вклучен во голема бугарска држава предизвикал меѓународна криза и тешкотии за самата Русија. Во приложените историски записи се наведуваат и руски оценки за погрешноста на таквото решение. Санстефанскиот мировен договор, склучен на 3 март 1878 година меѓу Русија и Османлиската Империја, бил обид за прекројување на […]

Полскиот лингвист Мјечислав Малецки уште во 1934 година пишува за посебноста на македонскиот јазик

Полскиот лингвист и славист Мјечислав Малецки (1903–1946) оставил значајно научно сведоштво за македонските говори и нивната јазична посебност. Во своето дело „Два македонски говора“, објавено во Краков во 1934 година, ги истражувал говорите на селата Сухо и Висока во Солунско, во егејскиот дел на Македонија. Проучувајќи го живиот говор на месното население, Малецки ги разгледувал […]

Славе Катин – Географски карактеристики на Балканот

Името „Балкан“ е од подоцнешен датум, по стариот италијански Бог на огнот Вулканус, првенствено Бог на вулканскиот оган, а подоцна и Бог на ковачката вештина. Ова име се однесува на планината Хем и на целиот полуостров. Погрешно е да се смета дека е од турско потекло. Науката за Балканот е балканологијата, која е основана во […]

Американското училиште во Битола (1865–1913) за народноста на Македонците

„Писмо на битолскиот областен инспектор од 1913 година во кое го информира надлежниот министер дека училиштето на американската мисија во Битола му испратило список на ученици кои по народност биле „Македонци“, нешто друго од народноста „Србин“.“ Ова американско училиште во Битола било отворено во 1865 или во 1873 година. На почетокот било наменето за девојчиња, […]

Солун 1912: грчкиот весник напишал — „Солун освоен со меч“

Една насловна страница од грчкиот весник „Πατρίς“, објавена на 27 октомври 1912 година, отвора непријатно прашање за современиот грчки историски наратив. На неа, со големи букви, пишува: „Η ΘΕΣΣΑΛΟΝΙΚΗ ΚΑΤΕΚΤΗΘΗ ΧΘΕΣ ΔΙΑ ΤΟΥ ΞΙΦΟΥΣ“ Во превод: „Солун вчера беше освоен со меч.“ Ова не е македонска интерпретација, ниту современа пропаганда. Тоа се зборови отпечатени во […]

To top