Дел од монографијата за манастирот „Света Богородица“ во Сливница, од д-р Вера Стојчевска-Антиќ и Славе Николовски-Катин
Во последните столетија пред раѓањето на Исус Христос, Јудеја речиси постојано се наоѓала под туѓо ропство. По владеењето на Персијците, била под власта на Александар Македонски, а по неговата смрт — под власта на Египет, а потоа и на Сирија. По краткиот период на независност, потпаднала под власта на Римјаните, кои им наметнале тежок данок на Јудеите, а за цар го поставиле Ирод.
Страдајќи под туѓото ропство, јудејскиот народ се утешувал со доаѓањето на Спасителот — Месијата, односно Христос, предвиден и ветен од сите пророци. Пророштвата јасно ги определувале времето и местото на раѓањето на Спасителот. Пророкот Даниил претскажал дека Христос ќе се роди по 490 години од воспоставувањето на Ерусалимскиот храм. Пророкот Михеј го означил местото на Неговото раѓање — Витлеем (Мих. 5:2; Мат. 2:6).
Со приближувањето на посоченото време, сите надежи на Јудеите се насочиле кон доаѓањето на Месијата, од Кого очекувале величење и слава. Пророчките зборови на свештеникот Захарија, вдахновени од Светиот Дух, јасно укажувале на појавата на Спасителот: „И ти, младенче, ќе се наречеш пророк на Севишниот, бидејќи ќе минуваш пред лицето на Господа за да ги подготвиш Неговите патишта“ (Лука 1:76). Но, Јудеите сè уште не знаеле за благовеста испратена до Дева Марија.
Откако со вера ги прифатила зборовите на архангелот, кој ја известил дека ќе роди Син што ќе биде наречен Син Божји, таа смирено ја чувала оваа вест во своето срце. Нејзиниот свршеник Јосиф дознал за тоа од ангелот, кој му се јавил на сон. Иако потекнувал од царскиот Давидов род, Јосиф живеел сиромашно. Бил дрводелец и со својот занает ги обезбедувал основните животни потреби.
Кога наближило времето Марија да се породи, таа и Јосиф се нашле во Витлеем. Римскиот император Август наредил да се изврши попис на населението во целата империја. Секој морал да се врати во местото од каде што потекнувал. Поради тоа, Јосиф морал да замине во Витлеем, родниот град на својот предок Давид. Во споредба со Ерусалим, Витлеем бил мал и безначаен град.

Раѓањето на Исус Христос, фреска во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново
За време на пописот Витлеем бил претесен за да ги прими сите пристигнати луѓе. Јосиф и Марија не можеле да најдат место за преспивање во градот, па заминале надвор од него, во една пештера во која овчарите ноќе го засолнувале добитокот. Таму Марија го родила Синот, го повила во пелени и го положила во јаслите. Крај нив биле врзани магаре и вол, кои со своето дишење го грееле Младенецот.
Првата вест за големиот настан ангелите им ја соопштиле на овчарите, кои ги паселе своите стада недалеку од Витлеем. На небото одеднаш заблескала необична светлина и им се јавил ангел Божји во небесна слава. Овчарите се уплашиле од чудесното видение, но ангелот им рекол:
„Не плашете се! Ве известувам за голема радост, која ќе биде за сите луѓе! Денес во Давидовиот град ви се роди Спасителот, Кој е Христос Господ. И еве ви знак: ќе најдете Младенец повиен, како лежи во јасли.“
Кога ангелот ги кажал овие зборови, на небото се појавиле многубројни небесни сили, кои Го фалеле Господа и пееле: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето благоволение!“
Кога завршило чудесното јавување, восхитените и израдувани овчари си рекле: „Да одиме во Витлеем и да го видиме чудото што се случило таму, за кое нè извести Господ!“
Кога стигнале до пештерата, го нашле Младенецот како лежи во јаслите. Му се поклониле, а потоа на сите им раскажале за она што го виделе.
По извесно време дошле мудреците од Исток. Познато е дека некогаш во Халдеја пророкот Даниил бил поставен од Навуходоносор за началник на паганските мудреци (Дан. 5:11). Може да се претпостави дека тогаш им го открил своето пророштво за времето во кое ќе се роди очекуваниот Месија (Дан. 9:24–27).
Тоа пророштво се пренесувало од поколение на поколение. Кога на Исток се појавила необичната ѕвезда, мудреците сфатиле дека пророштвото се исполнило. Тогаш се упатиле кон Ерусалим за да Му се поклонат на новородениот јудејски Цар. Следејќи го источниот обичај на царот да му се принесуваат дарови, тие со себе понеле злато, ливан и смирна.
Кога пристигнале во Ерусалим, прашале каде се наоѓа новородениот јудејски Цар. Тие рекле:
„Ја видовме Неговата ѕвезда на Исток и дојдовме да Му се поклониме.“
Кога дознал за тоа, царот Ирод се вознемирил. Ги собрал првосвештениците и учените книжници и ги прашал: „Каде треба да се роди Христос?“
Тие му одговориле: „Во Витлеем Јудејски, како што е речено во пророштвата.“
Царот се исплашил од лошо претчувство, па ги повикал мудреците и им рекол: „Одете и распрашајте се внимателно за Младенецот. Кога ќе Го најдете, известете ме за да отидам и јас да Му се поклонам!“
Мудреците веднаш заминале, а ѕвездата што ја виделе на Исток им го покажувала патот. Таа застанала над местото каде што се наоѓал Младенецот. Кога влегле, со почит Му се поклониле и Му ги принеле скапоцените дарови.
Така се исполнило пророштвото за доаѓањето на Спасителот.