Култура и туризам

Света преподобномаченичка Параскева – Света Петка Летна

8 август / 26 јули

Култот кон Света Петка кај македонскиот народ е широко распространет. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи и болести, а со нејзиното име се поврзуваат повеќе чудотворни икони и лековити извори, познати како „петочни води“.

Во православниот календар се споменуваат три светителки со името Параскева – Петка, поради што во народното предание честопати се мешаат нивните житија. Тоа се Света Параскева Римјанка, Света Параскева од Иконија и Света Параскева Епиватска, позната и како Света Петка Трновска.

Најпозната меѓу нив е Света Параскева Епиватска, чиј празник, познат како Петковден, се празнува на 27 октомври, односно на 14 октомври според стариот календар. Поради нејзиниот широко распространет култ, другите две светителки во народното верување понекогаш се поистоветуваат со неа.

Ефтим Спространов, во своите записи за обичаите и верувањата во Охрид, сведочи дека народот сепак правел разлика меѓу Петковден во октомври и празникот посветен на Света Петка на 26 јули според стариот календар. Тој запишал дека на овој ден жителите на Охрид и околните села оделе во манастирот посветен на Света Петка во близина на градот.

Името Параскева на грчки јазик значи „подготовка“. Петокот бил ден за подготовка пред саботата, која кај Евреите уште во претхристијанскиот период била празничен ден.

Житието на Света Параскева Римјанка

Света Петка Летна е преподобномаченичката Параскева Римјанка. Според нејзиното житие, нејзините родители биле христијани од Рим. Таа била нивна единствена ќерка, родена по долгогодишни и искрени молитви.

Уште од најрана возраст била воспитувана во христијански дух, а со својот живот и збор ги поттикнувала и другите да живеат според Христовото учење. Нејзините родители починале рано, по што таа го раздала целиот наследен имот на сиромашните и се замонашила.

Како монахиња, со уште поголема ревност го проповедала христијанството, иако во тоа време верата била забранувана и жестоко прогонувана од римската власт. Поради нејзиното проповедање била пријавена кај императорот Антониј Пиј, кој најпрвин се обидел со ласкања да ја убеди да се откаже од Христовата вера.

Откако таа одбила, била подложена на жестоки измачувања. На главата ѝ бил ставен вжештен шлем, но таа, според житието, на чудесен начин останала неповредена. Потоа го напуштила Рим и продолжила да го проповеда Христовото учење.

Во уште два града била измачувана поради верата, но секогаш чудесно закрепнувала од раните. Кога била фрлена во котел со врело масло и катран, останала неповредена. Дел од жешката течност му прснала во очите на императорот, по што тој ослепел. Света Параскева се помолила на Господ и видот му бил вратен.

Гледајќи ги нејзината непоколеблива вера и чудата што се случувале, многумина го примиле христијанството. Паганите, пак, настојувале чудесните настани да ги прикажат како маѓии. На еден од мачителите светителката му рекла:  „Не ме излекуваа твоите богови, туку мојот единствен Бог, Исус Христос.“

Најпосле, по наредба на кнезот Тарасиј, Света Параскева била погубена со меч. Нејзиното мачеништво се случило во II век, а подоцна нејзините свети мошти биле пренесени во Цариград.

Култот кон Света Петка

Почитувањето на Света Петка кај македонскиот народ е многу раширено. Таа се смета за заштитничка од несреќи и болести, а верниците ѝ се обраќаат со молитви за здравје, исцелување и помош во тешки моменти.

Со нејзиното име се поврзуваат многубројни чудотворни икони, храмови, манастири и лековити извори. Оттука произлегува и почитувањето на петокот како особено значаен ден во неделата. Според записи од минатото, во одделни краишта на Македонија, како што е Мариово, петокот се почитувал и празнувал дури и повеќе од неделата.

Подготвил: Марко Китевски

Најново од: Култура и туризам

Неолитска култура на Централниот Балкан и на Егејот

Во Тесалија, под името Сескло или прото-сескло, културата по локалитетот покрај Volos, потоа уште Pirosasos, па Ahilon, Agrissa, Otzaki, Sufli и Tsani култури. Следат културите: Elatia во Фокида, Heronea во Беотија, Nea Makri во Атика, Корин, Спарта и Лерна на Пелопонез, Knos и Kato лерапетра на Крит, Amorgos, Lemnos итн. на егејските острови. Археолошките наоди […]

Асеманово евангелие е средновековен македонски книжевен споменик

На фотографијата се гледаат два столба со глаголски текст и големи црвени иницијали. Страницата е дело на калиграфот Георги Гоце Дуртаноски, кој со својот препис го доближува до денешниот читател изгледот на еден од најстарите зачувани словенски ракописи – Асемановото евангелие. Глаголски ракопис од X–XI век Асемановото евангелие е напишано на старословенски јазик со обла […]

„Св. Преображение“ во Зрзе – од пештерните испосници до средновековниот иконопис

На врвот на бигорната карпа западно од прилепското село Зрзе се издига манастирската црква „Св. Преображение“. Под неа, по падините на карпата, се зачувани остатоци од монашка населба чии почетоци археолозите ги датираат кон крајот на IX век. Кога во XIV век била подигната црквата на горното плато, во пештерите под неа веќе со векови […]

Ангелот од Курбиново и загатката за непознатиот ктитор

Опис од приложената фотографија: Западната фасада на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, Преспа. На падините над Преспанското Езеро, кај селото Курбиново, стои еднокорабната црква „Свети Ѓорѓи“. Зад нејзината едноставна камена фасада е зачуван еден од највпечатливите фрескоживописи од крајот на XII век. Меѓу насликаните ликови, погледот најдолго се задржува на архангелот Гаврил. Наборите на неговата […]

Манастирот „Св. Рожденство на Пресвета Богородица“ во Согле

На околу три километри од селото Согле, во шумскиот предел на Азот, се наоѓа манастирот „Св. Рождество на Пресвета Богородица“. Комплексот е на територијата на Општина Чашка, на околу 30 километри југозападно од Велес. Од селото до манастирот води земјен пат. Манастир изграден со помош на околните села За почетоците на манастирот има малку пишани […]

Марко Цепенков – човекот што го зачува македонското народно богатство од заборав

На 7 ноември 1829 година е роден Марко Цепенков, еден од најзначајните македонски собирачи на народни умотворби, писатели и етнографи. Со својата долгогодишна и посветена работа оставил непроценливо наследство за македонската култура, јазик и народна традиција. Неговата собирачка дејност започнала во 1856–1857 година, поттикната од учителот и преродбеник Димитар Миладинов. Средбата со Миладинов му дала […]

Стенчевска тврдина и Тумба: богато археолошко наследство во Полог

Колаж од археолошки цртежи на монети, накит и други предмети пронајдени во Стенчевската тврдина.   Над селото Стенче се издигаат остатоците од стар утврден град, а во неговата околина се наоѓа неолитска населба чии почетоци се поврзуваат со животот на овој простор пред околу 8.000 години. Заедно, овие локалитети сведочат за богатото културно и историско […]

Ланга и Голо Брдо – камени кули, планински предели и културно наследство што заслужува да се открие

Камените куќи на Ланга, природните убавини на нејзината околина и богатата традиција на Голо Брдо во кое културата и природата се доживуваат заедно. Ланга, на албански Llangë, административно припаѓа на единицата Стеблево во општина Либражд. Селото привлекува внимание со својата положба меѓу шумите и карпестите падини, но особено со впечатливите камени градби што му даваат […]

To top