„Македонска нација“ со свој скромен придонес ја отвора темата за можностите, предизвиците и идниот развој на туризмот во Македонија.
Македонија нема море, но има приказни какви што ретко која земја во светот може да ги раскаже.
Македонија е земја на сонцето, древна земја на Филип и Александар Македонски, низ која минувал еден од најзначајните патишта на стариот свет – Виа Егнација. Таа е библиска земја во која апостол Павле го проповедал христијанството и каде што Лидија била крстена како првата христијанка на европско тло.
Македонија е земја на светите браќа Кирил и Методиј, на словенската писменост и кирилицата, но и татковина на духовното дело на светите Климент и Наум Охридски. Во Охрид била создадена Охридската книжевна школа, позната како прв словенски универзитет во Европа, од каде што знаењето, верата и писменоста се ширеле меѓу словенските народи.
Во Македонија е родната Мајка Тереза, земја на виното, традиционалната храна и вековното гостопримство. Македонија е и дом на Охридското Езеро – едно од најстарите природни езера во Европа и светот, со непроценливо природно, културно и духовно богатство.
Токму оваа поврзаност на античката историја, христијанството, словенската писменост, природните убавини, виното и гостопримството треба да биде темелот на препознатливиот македонски туристички бренд.
Македонија не треба да се натпреварува со поморските држави ниту да се обидува да стане евтина летна дестинација. Нејзината сила е во она што е автентично и неповторливо.
Податоците за 2026 година покажуваат дека интересот продолжува. Само во мај биле регистрирани 131.723 туристи, а во јуни 113.436. Во одредени месеци најголемиот дел од посетителите биле странски гости, што го потврдува потенцијалот на Македонија на меѓународниот туристички пазар.
Но не е доволно туристот само да пристигне. Треба да му понудиме доживување што ќе го задржи подолго, ќе го однесе во повеќе краишта и ќе го поттикне повторно да се врати.
Каков туризам треба да развива Македонија?
Многу успешни туристички земји не го изградиле својот углед врз морето, туку врз истиското и културното наследство, природата, планините, гастрономијата, здравствените центри и квалитетот на услугите.
Сонце и море нудат многу држави, но македонските манастири, археолошките локалитети, традиционалните села, националната кујна и македонското гостопримство не можат да се доживеат на друго место.
Охрид да биде предводник, но не и единствена дестинација
Охрид природно треба да остане предводник на македонскиот туризам. Охридското Езеро, старото градско јадро, црквите, манастирите, Самоиловата тврдина, Плаошник и целокупното духовно и културно наследство претставуваат богатство од светско значење.
Но Охрид не смее да остане само место за краток летен престој. Тој треба да живее во текот на целата година преку културни настани, верски патувања, конгреси, спортски подготовки, гастрономски фестивали, пешачки и велосипедски тури.
Истовремено, туристичкиот притисок мора внимателно да се контролира. Неконтролираната урбанизација, сообраќајниот метеж, отпадот и загадувањето можат да ја уништат вредноста поради која гостите доаѓаат.
Преспа и Дојран треба да се развиваат како посебни дестинации, а не како поевтини копии на Охрид.
Преспа има услови за еколошки, рурален и авантуристички туризам и за набљудување птици, додека Дојран може да понуди семеен, спортски, здравствен и гастрономски туризам.
Планински и авантуристички туризам
Македонија е планинска земја и тоа треба да биде еден од главните столбови на нејзината туристичка политика. Шар Планина, Маврово, Кораб, Пелистер, Осогово, Јабланица, Бистра, Кожуф, Беласица, Малешевските Планини и Мариово нудат можности за планинарење, алпинизам, велосипедизам, зимски спортови, параглајдерство, планински трки, кампување и набљудување на природата.
За развојот на овој туризам не се потребни само големи хотели. Добро обележана патека, безбедна рута, обучен локален водич, семејно сместување и ресторан со домашна храна можат да донесат голема корист за локалното население.
Потребни се дигитални карти, спасувачки служби, уредени видиковци, обновени планинарски домови и строги правила за заштита на природата. Туристот мора да се чувствува безбедно и информирано.
Историски, културен и верски туризам
Македонија има културно и духовно наследство што ја надминува нејзината територијална големина. Античките локалитети, ранохристијанските цркви, средновековните манастири, старите џамии, старите чаршии, музеите и спомен-куќите овозможуваат создавање повеќедневни тематски патувања.
Хераклеја, Стоби, Скупи, Баргала, Кокино, Самоиловата тврдина, Марковите Кули, Старата скопска чаршија и Кратово не треба да останат одделни точки на картата. Тие треба да се поврзат во осмислени маршрути што ќе го водат посетителот низ вековите на македонската историја.
Голем потенцијал има и верскиот туризам. Манастирите „Свети Јован Бигорски“, „Свети Наум“, „Свети Јоаким Осоговски“, „Свети Гаврил Лесновски“, „Трескавец“ и „Зрзе“ можат да бидат дел од домашни и меѓународни духовни патувања.
Шарената џамија и Арабати-баба теќе во Тетово, Мустафа-пашината и Султан-муратовата џамија во Скопје, Даут-пашиниот и Чифте амам, Куршумли ан и Старата скопска чаршија го претставуваат богатото исламско културно наследство.
Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија сведочи за животот, страдањето и длабоките корени на еврејската заедница.
Сите овие места ја раскажуваат Македонија како земја во која со векови се среќавале различни вери, култури и цивилизации. За нивна туристичка промоција се потребни пристапни патишта, паркиралишта, санитарни јазли, повеќејазични водичи и информативни табли.
Рурален и етнолошки туризам
Македонските села можат да станат значаен туристички производ, особено за гостите од големите европски градови кои бараат природа, мир, домашна храна и автентично искуство.
Галичник, Лазарополе, Вевчани, Брајчино, Љубојно, Јанче, Дихово, Зовиќ, Маловиште, Смилево, Колешино и многу други места имаат свои приказни, архитектура, носии, обичаи и гастрономија.
Државата треба да им помогне на семејствата да ги приспособат старите куќи за туристичко сместување, без да се наруши нивниот традиционален изглед. Потребни се поволни кредити, грантови, стручна помош и поедноставни постапки за регистрирање семеен туристички бизнис.
Така туризмот ќе носи приходи и во економски послабите краишта, ќе помогне во задржувањето на младите и ќе ги зачува старите куќи и традиционалните занаети.
Македонската храна и вино како туристички бренд
Современиот турист не бара само место за спиење. Тој бара приказна, доживување и вкус што ќе го памети.
Македонската кујна има огромен туристички потенцијал: тавче-гравче, домашна пита со сирење, пастрмајлија, тава со пилешко и ориз, домашни колбаси, ѓомлезе, ајвар, пинџур, селско месо, макала, таратор, македонска салата, домашни сирења, кочански ориз, преспанско јаболко и многубројни локални специјалитети.
Понудата ја збогатуваат македонската жолта ракија, струмичката мастика, беровската сливова ракија и македонските вина. Тиквешијата, Повардарието, Скопската Котлина и другите лозарски региони можат да привлекуваат гости со вински патишта, посети на винарии, дегустации и сместување меѓу лозовите насади.
Потребен е национален знак за автентична македонска храна и поддршка за македонските национални ресторани што користат домашни производи. Туристот треба да знае каде ќе добие вистинско македонско искуство, а не понуда без идентитет.
Бањски и здравствен туризам
Катлановска Бања, Дебарските Бањи, Банско кај Струмица, Кежовица и другите термални извори се недоволно искористено богатство. Со модернизација на сместувањето, медицинските услуги и велнес-содржините, Македонија може да привлече гости што престојуваат подолго и доаѓаат во текот на целата година.
Конкурентните цени на стоматолошките, рехабилитациските и одредени специјалистички услуги можат да се поврзат со туристички пакети, но само под строги стандарди за квалитет и безбедност.
Скопје како градска и конгресна дестинација
Скопје треба посилно да се позиционира како место за конгреси, деловни средби, културни манифестации и спортски настани.
Матка, Водно, Старата скопска чаршија, Калето, музеите и околните манастири нудат разновидни содржини на мал простор.
Конгресниот туризам е значаен затоа што овие гости вообичаено трошат повеќе и доаѓаат и надвор од летната сезона. За негов развој се потребни современи конгресни капацитети, подобар градски превоз и професионална организација.
Новите автопати и авиолинии се вистински чекор
Политиката на Владата предводена од Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за подобра поврзаност, нови авиолинии и инфраструктурни инвестиции создава добра основа за развој на туризмот.
Но автопатиштата и авиолиниите го носат гостинот до Македонија, а туристичката понуда треба да го убеди да остане. Затоа новите сообраќајни врски треба да бидат придружени со насочени кампањи на пазарите што ги поврзуваат со нашата земја.
Покрај патиштата по кои минуваат туристите треба да има мали ресторани со домашна храна, пијалаци и закуски, како и места на кои ќе се продаваат мед, лук, сушени пиперки, земјоделски производи и сувенири поврзани со македонската историја и култура.
Автентични македонски производи и сувенири треба да има и на аеродромите и граничните премини. Така туристичката потрошувачка ќе ги поддржува домашните производители, занаетчии и семејни бизниси.
Без чиста држава нема успешен туризам
За задоволен турист е неопходна чистота – во хотелите и рестораните, но и на аеродромите, граничните премини, патиштата, излетничките места, езерските брегови и јавните тоалети.
Првиот впечаток се создава веднаш по пристигнувањето. Ако гостинот гледа расфрлан отпад, преполни контејнери и запуштени одморалишта, ниту најдобрата реклама нема да ја избрише таа слика.
Најпрво треба да проработи свеста кај секој поединец. Тој што фрла кеси, шишиња и хартија покрај патот не ја загадува само природата, туку го валка и образот на Македонија.
Потоа доаѓа одговорноста на комуналните служби, кои се платени да го собираат отпадот и да ги одржуваат јавните површини. Општините мора да обезбедат доволно корпи и контејнери, чисти јавни тоалети и редовно чистење на туристичките места, патиштата и паркиралиштата.
На местата каде што постојано се создаваат диви депонии можат да се постават соларни камери, со почитување на законските прописи. Казните не треба да бидат симболични. Прекршителот треба да плати, но и да го исчисти загадениот простор. Само така ќе се испрати јасна порака дека Македонија не е ничија депонија.
Чиста Македонија е заедничка одговорност. Ако сакаме туристите да ја почитуваат нашата земја, најпрво ние мора да покажеме дека ја сакаме и ја чуваме.
Најмоќната реклама е препораката на задоволниот турист
Најверодостојната реклама за македонскиот туризам е усната препорака. Туристот задоволен од гостопримството, чистотата, услугата, храната, природата и наследството станува најдобар промотор на нашата земја.
Своите впечатоци и фотографии ќе ги сподели со семејството, пријателите, колегите и на социјалните мрежи. Така една успешна посета може да привлече десетици нови гости.
Но важи и спротивното: лошото искуство може да одврати многу луѓе. Затоа секој посетител треба да го гледаме не само како моментален гостин, туку и како можен амбасадор на Македонија.
Што треба да се направи во иднина?
На Македонија ѝ е потребна долгорочна туристичка стратегија што нема да се менува со секој министер. Во неа треба да се утврдат приоритетните региони, целните странски пазари и туристичките производи што сакаме да ги развиваме.
Прво, Македонија треба да се промовира со единствен и препознатлив туристички бренд што ќе ги поврзе нејзините убавини во една привлечна приказна.
Второ, мора да се подобрат патната сигнализација, паркиралиштата, јавните тоалети и пристапот до знаменитостите.
Трето, потребни се обучен кадар, познавање странски јазици, љубезност и професионална услуга. Хотелите, рестораните, агенциите и водичите се лицето на државата.
Четврто, понудата треба да се дигитализира преку национален туристички портал, интерактивна карта, календар на настани, информации за превозот и повеќејазични водичи.
Петто, успехот не треба да се мери само според бројот на туристите, туку и според нивниот престој, потрошувачката, посетените региони и создадените работни места.
Шесто, природното и културното наследство мора строго да се заштитува од дивоградби, загадување, уништување на езерските брегови и неконтролирана урбанизација.
Македонија треба да нуди доживување, а не само ноќевање
На мал простор Македонија може да понуди многу различни доживувања. Туристот може наутро да посети археолошки локалитет, попладне манастир или винарија, а навечер да вкуси традиционална македонска храна покрај езеро или на некое планинско одморалиште.
Ако ова богатство се организира, заштити и професионално се претстави, туризмот може да стане еден од најсилните двигатели на македонската економија и рамномерниот регионален развој.
Платената реклама може да го донесе туристот во Македонија, но чистотата, гостопримството, квалитетната услуга и убавите спомени ќе го натераат повторно да се врати и да ја препорача нашата земја.
Предлози за туристички бренд
-
Македонија – земја на сонцето, историјата и гостопримството
-
Македонија – една земја, илјада приказни
-
Дојди во Македонија – допри ја вечноста
-
Македонија – каде што историјата сè уште живее
-
Македонија – земјата од Александар Македонски, Апостол Павле, Лидија, Св, Кирил и методија, Св.Климент до Мајка Тереза
-
Македонија – земја на владетели, светители и просветители
-
Македонија – каде што се среќаваат природата, историјата и духовноста
-
Македонија – вкусете ја историјата, почувствувајте го гостопримството
-
Македонија – по древниот пат Виа Егнација
-
Македонија – мала земја со голема историја