Култура и туризам

Христијанството – религија на Македонците

Славе Катин

Дел од публикацијата „Македонски иселенички меридијани – Христијанството кај Македонците“ од Славе Катин

Почнувајќи од древните времиња, па сè до денес, Македонија била, е и ќе остане простор на кој се вкрстуваат различни цивилизации и религии. Христијанството се појавило на овие балкански простори пред многу векови, уште од времето кога апостол Павле дошол во Македонија, земја која неколкупати се споменува и во Библијата.

Историски гледано, од епохата на Александар Македонски, преку римскиот и византискиот период, големите преселби на Словените кон југ, па сè до времето на османлиското владеење, Македонија била крстосница на народи, цивилизации, култури, јазици и религии. Во текот на овие долги и значајни периоди само два народа го избрале името на земјата како дел од својот идентитет – древните Македонци и Македонците денес.

Македонија го зафаќа централниот дел на Балканскиот Полуостров и има исклучително важна положба во поврзувањето на патиштата и цивилизациските вредности и наследства. Земјата е отворена долж долините на реките Вардар и Струма кон Егејското Море, како дел од Медитеранот. Во минатото низ Македонија минувала и Виа Игнација, една од најзначајните сообраќајници на Балканот, која се протегала од Драч, преку Елбасан, Охрид и Битола, до Солун и Константинопол.

Оваа географска положба ја сместила Македонија на крстосницата меѓу Истокот и Западот. Бројни воени походи минувале преку нејзината територија, но таа истовремено била и мост по кој се одвивала развиена трговија и се пренесувале различни култури, религии и други влијанија.

Македонија била еден од првите региони во кои пристигнала христијанската вера, а преку неа христијанството се проширило кон западните и северните простори.

Христијанството е најголемата религија на територијата на Република Македонија, со околу 65 проценти од населението. Од вкупниот број христијани, околу 95 проценти се православни, три проценти се протестанти, додека околу 1,2 проценти се католици.

Прв кој го проповедал Евангелието во Македонија бил апостол Павле. Тука биле основани и првите христијански заедници и цркви. Според Новиот завет, првата жителка на Македонија која го прифатила христијанството била света Лидија Македонка.

Треба да се истакне дека најголема улога во христијанизацијата на Република Македонија и на македонската дијаспора, според преданијата, хроничарите и традицијата, имале формирањето на Охридската архиепископија како наследничка на архиепископијата Јустинијана Прима, како и мисионерската дејност на светите браќа Кирил и Методиј Солунски, свети Климент и свети Наум Охридски.

На оваа македонска почва биле посеани никулците на првата словенска азбука од свети Кирил, односно Константин Солунски, човек кој во тоа време се истакнувал со своето образование и ученост. Неговото дело било од историско значење за сите словенски народи.

Доаѓањето на свети Климент Охридски во Македонија било од огромна важност за ширењето на словенската писменост. Тоа бил пресуден момент, бидејќи населението добило можност да се образува и да ја слуша богослужбата на разбирлив, народен јазик.

Покрај другите мисионерски активности, во период од седум години околу 3.500 ученици се здобиле со образование во Охридската книжевна школа, позната и како Климентов универзитет.

Тоа било вистинска духовна и културна ренесанса. Тука не само што била зацврстена христијанската вера, туку се развивало и образованието. Покрај теологијата, се изучувале молитви и богослужба на старословенски јазик, пеење, општа и црковна историја, природни науки, филозофија, медицина и други јазици.

Особено значајни биле преводите и препишувачката дејност, преку кои се формирала цела книжевна школа. Охрид станал центар од кој словенската писменост и книжевност се ширеле меѓу другите словенски народи. Истовремено, градот прераснал во значаен центар на христијанството, поради што и денес е познат како „балкански Ерусалим“.

Во времето на цар Самуил, Охридската црква била издигната на ранг на патријаршија. Во 1767 година таа била укината, а по завршувањето на Втората светска војна започнал процесот за нејзино возобновување во лицето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Црковните споменици во Македонија биле и останале свети места на зближување меѓу христијаните од балканските земји и од целиот свет. Затоа македонскиот народ и денес ги заштитува со современи научни методи, ги чува и се грижи за нив. Овие храмови постојано се отворени и достапни за секој добронамерен верник, почитувач и истражувач од кој било дел на светот.

Низ овие градби мајсторите и донаторите ги изразувале своите духовни и црковни вредности. Македонците никогаш не ги третирале делата на своите творци во другите земји исклучиво како сопственост, туку како дел од природното движење на културните вредности и добрите верски односи меѓу христијаните и припадниците на другите религии.

Македонецот ги градел духовните и културните храмови со силна желба, љубов и вера во православието. За да опстои на овие балкански простори, православниот народ во Македонија во текот на вековите си помагал со другите народи на Балканот и пошироко, подавајќи христијанска рака.

Токму затоа ги издржал ропството, асимилацијата, прогонувањата и неправдите. Македонскиот народ опстанал и ќе опстојува сè додека векот векува и светот светува, бидејќи е библиски народ со широка христијанска душа, исполнета со вера, надеж и љубов кон својата црква.

Во историскиот развој на Македонија е забележано дека за време на Втората светска војна македонскиот народ активно учествувал во борбата за ослободување од фашистичкиот окупатор и за стекнување национална слобода, државност и црковна самостојност.

Првиот официјален акт поврзан со регулирањето на македонското црковно прашање бил донесен на 15 септември 1943 година од новоформираното Верско поверенство при Главниот штаб на македонската војска.

Веднаш по формирањето на Верското поверенство, на ослободената територија во охридското село Издеглавје бил одржан Првиот свештенички собор. На него едногласно биле донесени решенија од првостепено значење за идното црковно управување во Македонија.

Македонското свештенство одбило да ја признае јурисдикцијата на која било туѓа црква, барајќи во слободна Македонија да биде обновена Охридската архиепископија, а црковниот живот на слободниот македонски народ да биде раководен од Македонската православна црква.

Самостојноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија била потврдена со заедничка архијерејска литургија со српскиот патријарх Герман, одржана на 19 јули 1959 година во црквата „Свети Мина“ во Скопје. Истовремено била извршена и хиротонијата на преспанско-битолскиот владика Климент.

Со тоа Светиот архијерејски синод на Српската православна црква ѝ дал самостојност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, која и понатаму останала во канонско единство со Српската православна црква преку нејзиниот патријарх.

Неколку дена подоцна, во црквата „Свети Никола“ во Штип, Наум бил хиротонисан за владика на Злетовско-струмичката епархија. Бил конституиран Синодот на МПЦ-ОА според нејзиниот Устав, како и другите административни органи и тела во Архиепископијата и во епархиите.

Во мај 1962 година, во придружба на српскиот патријарх Герман и неколку епископи на Српската православна црква, во посета на Македонската православна црква – Охридска архиепископија дошол московскиот патријарх Алексиј. Тој бил придружуван од митрополитот Никодим, епископот Пимен и повеќе високодостоинственици на Руската православна црква.

На празникот на светите Кирил и Методиј, во црквата „Света Богородица“ во Охрид, била одржана архијерејска литургија на која учествувале московскиот патријарх Алексиј, српскиот патријарх Герман и архиепископот охридски и македонски Доситеј.

Тоа било првото сослужување на поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија со поглавари на други автокефални православни цркви.

Во 1966 година односите со Српската православна црква повторно се влошиле. По новонастанатите недоразбирања и судири, Светиот синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија на 17 јули 1967 година во Охрид го свикал Третиот црковно-народен собор.

На свечената седница во охридската црква „Свети Климент Охридски“ Македонската православна црква – Охридска архиепископија била прогласена за автокефална.

Чинот на прогласувањето на автокефалноста бил извршен за време на светата архијерејска литургија, отслужена во црквата „Света Богородица Перивлепта“, тогаш позната и како „Свети Климент Охридски“, на 19 јули 1967 година.

Литургијата ја отслужил Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, точно 200 години по укинувањето на Охридската архиепископија од страна на Османлиската Империја.

Последниот Устав на Македонската православна црква – Охридска архиепископија бил донесен во 1974 година. Според него, Македонската православна црква самостојно ги управува и ги води своите работи, во согласност со догматското и канонското единство со другите православни цркви.

Македонската православна црква – Охридска архиепископија има свој грб и свое знаме, а нејзин службен јазик е македонскиот.

Црковно-епархиските тела и административните органи на МПЦ-ОА се: Архиепископот, Светиот архијерејски синод, Архијерејскиот црковен суд и епархиите во Република Македонија и во прекуокеанските земји. Со нив управуваат надлежни владици, со помош на архијерејски заменици. Основни единици на територијалната поделба се парохиите, со кои управуваат свештениците.

Македонската православна црква има значајна улога во обединувањето на Македонците во татковината и надвор од неа. Во својата долговековна борба за сопствена држава, национална и културна слобода и независност, македонскиот народ истовремено се борел и за независноста на својата православна црква.

Затоа историјата на македонскиот народ во изминатите илјада години секогаш била тесно поврзана со Македонската православна црква и со Охридската архиепископија.

Најново од: Култура и туризам

Туризмот како голема развојна шанса за Македонија

„Македонска нација“ со свој скромен придонес ја отвора темата за можностите, предизвиците и идниот развој на туризмот во Македонија. Македонија нема море, но има приказни какви што ретко која земја во светот може да ги раскаже. Македонија е земја на сонцето, древна земја на Филип и Александар Македонски, низ која минувал еден од најзначајните патишта […]

Света Петка во Кочански Дол – светилиште меѓу Кочани и Оризари што три децении се гради со вера

Меѓу Кочани и Оризари, среде зеленилото и тишината на Кочански Дол, се наоѓа храмот посветен на Света Петка Римјанка. Веќе околу три децении ова светилиште се гради и се уредува со доброволна работа, прилози и силната вера на луѓето. Далеку од градската врева, во природниот предел на Кочански Дол, верниците наоѓаат место за молитва, духовен […]

Дама од Македонија во 1568 година – гравура што го сочувала изгледот на македонската жена

„Дама од Македонија во 1568 година“ – рачно обоена гравура според цртеж на Никола де Николе, објавена во Лондон од Томас Џеферис во периодот 1757–1772 година. Облека на дама од Македонија во 1568 година е историска гравура што го прикажува начинот на облекување на една македонска жена во втората половина на XVI век. Делото претставува […]

Пештерната црква „Св. Богородица“ кај Туминец

Во пазувите на карпестиот предел Орлов Рид, недалеку од селото Туминец и македонско-албанската граница, се наоѓа еден од највредните средновековни пештерни храмови во областа Преспа – црквата „Св. Богородица“. На околу педесет минути пешачење источно од селото Туминец, во карпестиот предел Орлов Рид, на само десетина метри од границата со Република Македонија, се наоѓа овој […]

Апостол Павле – гласникот кој го рашири христијанството

Христијанството е религија на оние кои веруваат во Исус Христос и го следат неговиот живот и учење, кои се среќаваат во Новиот завет на Библијата. За христијаните, Исус Христос е Син Божји и спасител на човештвото. Затоа христијанството станува масовна светска религија со околу 2,1 милијарда верници во светот. Инаку, зачетоците на христијанството датираат уште […]

Битолскиот триод – македонски ракопис од XII век, однесен од Македонија во Софија во 1907 година

Битолскиот триод е еден од најзначајните средновековни книжевни споменици од Македонија. Напишан е на пергамент со кирилско писмо, но содржи бројни глаголски вметнувања и јазични особености карактеристични за западномакедонските говори и за Охридската книжевна школа. Битолскиот триод, познат и како Кичевски триод, претставува исклучително вреден македонски средновековен ракопис. Во науката најчесто се датира во втората […]

Успение на Пресвета Мајка Богородица

Дел од монографијата за манастирот „Света Богородица“ во Сливница, од д-р Вера Стојчевска-Антиќ и Славе Николовски-Катин Кога мудреците му се поклониле на Младенецот, заминале по друг пат во татковината, бидејќи добиле на сон известување од Бога да не се враќаат пред Ирод. На Јосиф му се јавил на сон ангелот и му рекол: „Стани, земи […]

Кокино – камениот сведок на древната македонска цивилизација

На североистокот од Македонија, меѓу пространите падини на Козјачијата и тишината на старонагоричанскиот крај, се издига Татиќев Камен – природен престол од вулкански карпи на кој пред речиси четири илјади години човекот го насочил погледот кон небото. Тука се наоѓа Кокино, еден од најзначајните археолошки локалитети од бронзеното време во Македонија и пошироко на Балканот. […]

To top