Историја

Александар и неговото владеење до војната со Персија

Славе Катин

Славе Катин

Наспроти големата возбуда што ја предизвикало убиството на Филип Втори Македонски за време на свадбената веселба во Егеј, смената на монархот била извршена мирно. Верниот Антипатер помогнал во смирувањето на народот, истакнувајќи ги способностите и доблестите на престолонаследникот.

Војската што ја предводел Александар и која победила кај Херонеја не се сомневала во неговите способности. На собирот на античката македонска војска, која според старите привилегии го имала решавачкиот збор, дваесетгодишниот Александар веднаш бил прогласен за крал и признат како законски владетел на Античка Македонија.

Еден од првите чекори на младиот крал бил казнувањето на убиецот на неговиот татко. Постојат две верзии за судбината на Паусанија. Според првата, тој бил фатен и убиен веднаш по бегството. Според втората, која се смета за поверојатна, по преземањето на престолот Александар побарал да му биде доведен. Обвинет за велепредавство, Паусанија бил изведен пред судот на античката македонска војска и осуден на распнување.

По свечениот погреб на Филип Втори во Егеј биле погубени и други лица осомничени за учество во заговорот. Меѓу нив биле Архабај и Херомен, двајца браќа од линкестидската кнежевска куќа, обвинети дека помогнале во убиството со намера да го преземат престолот.

Казнувањето на заговорниците

Нивниот брат Александар Линкестидски бил поштеден, најверојатно затоа што веднаш по убиството го признал новиот владетел и го придружувал до палатата. Врз таквата одлука можела да влијае и почитта на кралот кон Антипатер, чиј зет бил Линкестидецот.

Подоцнежните случувања сепак покажале дека сомневањата кон линкестидските принцови не биле без основа. Персискиот крал Дариј му го ветил македонскиот престол на Александар Линкестидски доколку го убие својот владетел.

Обезбедувањето на престолот барало отстранување и на другите можни претенденти. Аминта, синот на кралот Пердика, сè уште бил жив. Многумина го сметале за законски наследник, па по смртта на Филип можел да претставува опасност за новиот крал. Бил отстранет и Каран, полубратот на Александар, веројатно од првиот брак на Филип, кој исто така можел да истапи како претендент.

Бракот на Филип со Клеопатра, внуката на Атал, создал силен династички судир. Пред заминувањето во Азија, Александар ги отстранил машките членови на тоа семејство кои можеле да ја загрозат неговата положба. Неговата мајка Олимпија, водена од омразата кон соперничката, ја убила новородената ќерка на Клеопатра, а мајката ја принудила да се самоубие. Постапката на Олимпија го довела Александар во тешка и непријатна положба.

Престолонаследните судири предизвикале многу крвопролевања, но решителноста на младиот владетел имала силен ефект. За време на неговото владеење престолот и кралството во Античка Македонија не биле доведени во сериозна опасност.

Немири во Елада

Веста за смртта на Филип Македонски го привлекла вниманието на тогашниот свет, но најголеми последици предизвикала во Елада. Уште на приемот за античките грчки амбасадори, кои дошле во Егеј по повод свадбата, Александар дипломатски изразил надеж дека Елините ќе ја зачуваат лојалноста што ја покажувале кон неговиот татко.

Со тоа ставил до знаење дека Коринтскиот договор останува во сила и дека, како наследник на Филип, има законско право да биде хегемон на Лигата.

Во Елада, меѓутоа, договорните обврски биле запоставени веднаш по веста за убиството. Одредбите на Коринтскиот договор биле усвоени неодамна и сè уште не успеале суштински да ги променат политичките стремежи на Елините.

Противниците на македонската превласт кренале бунтови во повеќе области. Атина, поттикната од Демостен, одбила да го признае Александар за предводник на Лигата, надевајќи се дека ќе ја обнови својата некогашна хегемонија.

По поразот кај Херонеја, Атињаните спровеле значајни реформи за зајакнување на државата. Под раководство на способниот Ликург била преуредена финансиската управа, а промени биле направени и во воената организација. Раководењето со ефебискиот систем привремено им било доверено на нови луѓе.

Веста за смртта на Филип предизвикала во Атина еуфорија и надеж за ослободување од македонската превласт. Демостен се појавил пред народот облечен во бело и со венец на главата, изразувајќи им благодарност на боговите. Истовремено, му била оддадена почит и на Паусанија.

Таквото однесување било во спротивност со неодамнешната постапка на Атињаните. За свадбената свеченост во Егеј тие му испратиле на Филип златен венец и донеле декрет со кој ветиле дека ќе го предадат секој што би посегнал по неговиот живот и би побарал засолниште во Атина.

Повикот за ослободување набргу се проширил и меѓу другите Елини. Ајтолците решиле да ги повикаат прогонетите од Филип, Амбракијците ги истерале македонските гарнизони, а Тебанците побарале ослободување на Кадмеја. Немири избувнале и на Пелопонез, во Аргос, Елида и Аркадија.

Демостен започнал тајни преговори со Атал, кој заедно со Парменион командувал со македонските сили во Азија. Разочаран од стапувањето на Александар на престолот, Атал станал негов непријател. Откако го докажал неговото предавство, кралот наредил да биде отстранет. Демостен, пак, повторно воспоставил врски со персискиот двор.

Брзиот поход кон југ

Иако истовремено добивал вести за опасност од северните народи, Александар веднаш застанал на чело на војската и со забрзани маршеви тргнал кон Елада, решен да ги одбрани своите права.

Уште тогаш дошле до израз неговата решителност и брзина, особини што подоцна ќе ги воодушевуваат и ќе ги придобиваат неговите следбеници. Ненадејното појавување на македонската војска го запрело бунтовничкото движење уште во неговиот почеток.

Тесалијците, во чија земја најпрво пристигнал, го избрале за владетел на својата федерална држава на местото на неговиот татко. Тие изразиле подготвеност да го признаат и за хегемон на Лигата и, доколку биде потребно, да му помогнат во казнувањето на Атина.

Во спогодбата со Тесалијците, Александар се повикал на нивното заедничко потекло од Ахил и Херакле. Претставата за херојското потекло уште од почетокот имала големо значење за него, но истовремено служела и како силно политичко средство.

Продолжувајќи кон југ, тој ги потчинил Ајнијанците, Малијците и Долопијците, а потоа ги зазел Термопилите. Таму свикал состанок на Амфиктионскиот совет, чии претставници го признале за хегемон на Лигата.

Потоа брзо навлегол во Бојотија и го поставил логорот во близина на Кадмеја, предизвикувајќи страв меѓу Тебанците.

Краткотрајната радост на Атина

Радоста во Атина траела кратко. Атињаните сфатиле дека Демостен погрешно го проценил младиот крал, кого потсмешливо го нарекувал „глупчо што знае само да се шета низ Пела“.

Александар им поставил ултиматум: да војуваат или да го признаат за хегемон. Кога дознале дека се движи кон Атика и дека е подготвен за борба, Атињаните ја избрале втората можност. Испратиле амбасадори и побарале прошка што не го признале веднаш.

Демостен бил избран за член на делегацијата, но не се осмелил да се појави пред Александар и се вратил кај Китерон. Кралот го прифатил извинувањето на Атињаните. Под влијание на образованието што го добил од Аристотел, тој негувал особена наклонетост кон Атина и не сакал да ја уништи.

Потоа Атињаните му оддале големи почести, дури и поголеми од оние што претходно му ги приредиле на неговиот татко.

Обновувањето на Коринтската лига

Александар ги повикал сите членови на Лигата, особено оние од Пелопонез што сè уште не го признале, да испратат дипломатски претставници во Коринт.

Исклучок биле Спартанците. Тие одговориле дека уште од времето на своите предци имале обичај да не следат никого, туку самите да ги предводат другите.

Во есента 336 година пред нашата ера се одржал Вториот конститутивен конгрес во Коринт. Преку претставниците на државите, Александар го обновил договорот на Лигата.

Овојпат не биле потребни долгите расправи што се воделе две години порано. Покрај неколку формални измени, во договорот било сменето само името на владетелот: на местото на Филип Втори Македонски бил запишан Александар Трети Македонски.

Како и претходниот, договорот бил прогласен за вечен и требало да важи и за потомците на кралот. Со тоа дваесетгодишниот македонски владетел не само што го обезбедил својот престол, туку за кратко време ја обновил и положбата што неговиот татко ја изградил во Елада.

Александар Трети Македонски и неговото место во светската историја, според книгата на Улрих Вилкен, во превод и приспособување на Славе Николовски-Катин.

Најново од: Историја

Годишнина од Гавгамела: Решавачката битка што го отвори патот кон Александаровото Царство

На 1 октомври 331 година пред нашата ера, Александар Велики ја победил војската на персискиот цар Дариј III кај Гавгамела. Победата претставувала решавачки пресврт во освојувањето на Персиското Царство и во создавањето на неговата огромна империја. Битката кај Гавгамела останала запаметена како една од најзначајните воени победи во античката историја. Соочен со побројна противничка војска, […]

Александар Трети Македонски освојува голем дел од Мала Азија

Од победата кај Граник до походот кон Киликија: освојувањата, легендата за Гордиевиот јазол и опасната болест што го запрела неговото напредување. Во првата година од војната Александар Македонски постигнал големи успеси. По победата кај Граник, голем дел од Мала Азија, сè до реката Сангар, паднал под негова власт. Персиската флота ги изгубила пристаништата на тој […]

Зошто Македонија низ историјата била делена – и зошто борбата за нејзината историја трае и денес?

Македонија со векови се наоѓала на крстопатот меѓу Истокот и Западот, на простор низ кој минувале војски, трговски патишта, империи и интереси. Но зошто токму Македонија толку долго била предмет на војни, поделби, пропаганди и спротивставени историски претензии? И уште поважно: колку Европа знаела за сето тоа и зошто интересите на големите сили толку често […]

Под каков идентитет се земаа и се иселуваа македонските деца?

Едно од најзначајните прашања со кои се запознав при истражувањето на чедособирството, а на кое не му е дадено соодветно внимание, е разликата во ставовите меѓу славофонските и грчкофоните села во северна Грција. Извештајот на УНСЦОБ известуваше за расположението на селаните во славофонските области и реони: тие, воопшто земено, биле многу подготвени да им дозволат […]

Крушоради, 1902: последната борба на војводата Дине Кљусов

На 28 септември 1902 година, по целодневна борба во Крушоради, Леринско, загинале војводата Дине Кљусов и тројца негови соборци. Нивната чета била предадена и опколена од османлиската војска. Дине Кљусов бил еден од револуционерите што дејствувале во четата на Марко Лерински. Во 1902 година Леринско било погодено од потери, предавства и вооружени судири. Кљусов учествувал […]

Востанието се проширува во Серскиот округ

Илинденското востание не завршило со падот на Крушевската Република. На 27 септември 1903 година, на Крстовден, започнале планираните востанички дејства во Серскиот револуционерен округ. Во летото 1903 година, додека во Битолско веќе се воделе жестоки борби, револуционерите во Серскиот округ се подготвувале за дејствување. На конгресот одржан во Пирин било решено востанието таму да започне […]

Драмското востание во 1941 година: отпор и трагедија во Егејска Македонија

Во ноќта меѓу 28 и 29 септември 1941 година, востаници во Драмско се кренале против бугарската окупациска власт. Востанието траело кратко, но репресалиите што следувале оставиле длабока рана во источниот дел на Егејска Македонија. По окупацијата во 1941 година, населението во Драмско живеело под воена и полициска контрола. Во такви околности бил организиран вооружен отпор, […]

Тајниот македонски комитет – основан 1885 година во Софија

Во втората половина на XIX век, во време кога Македонија била изложена на силни и меѓусебно спротивставени пропаганди, меѓу македонската интелигенција се појавуваат организирани обиди за афирмирање на посебноста на македонскиот народ, неговиот јазик и црковната самостојност. Еден од најзначајните такви рани обиди бил Тајниот македонски комитет во Софија. Формирањето на Тајниот македонски комитет Тајниот […]

Најнови вести

To top