Местени тендери, милионски зделки, аферите „Дубаи“ и „Јахта“, промената на името, штетните договори, партизацијата на институциите, економското пропаѓање и иселувањето на младите се темите за кои јавноста бара политичка и кривична одговорност.
СДС никако да престане со ширењето хистерија, страв и паника меѓу граѓаните. Ќе заврши со една тема, па веднаш ќе започне со друга. Ќе престане да зборува за водата за пиење во едно населено место, па ќе се префрли на друго.
Водата во Гостивар е чиста и безбедна, а водоводниот систем е целосно исчистен
Така, СДС започна со Гостивар и со неуспешниот обид да шири дезинформации за квалитетот на водата, за што експресно беше демантиран. Потоа се префрли на Скопје, за на крајот да заврши со селската чешма со кисела вода во Кривогаштани.
За сето тоа во СДС немаат ниту грам срам, ниту грижа на совеста, ниту чувство на одговорност. Изостана и извинување за хистеријата и дезинформациите што ги ширеа по насока на двоецот Венко Филипче и Зоран Заев, додека тие уживаат на јахта во Грција.
Но, додека СДС се препелка во сопствениот талог и кал, институциите работат и ги решаваат проблемите, вклучително и оние поврзани со водоснабдувањето.
Гостиварци веќе имаат безбедна вода за пиење, а водоводниот систем е целосно исчистен. СДС, наместо да ги прифати фактите, со своите настапи продолжува да создава сомнеж и несигурност кај граѓаните.
Граѓаните не треба и не смеат да бидат заложници на партискиот хаос и паниката што владеат во СДС, а кои сега, додека Филипче е со Заев на Паљури, се поголеми од кога било.
Време е Филипче и СДС конечно да ги отворат темите од кои упорно бегаат и да дадат одговори за седумгодишното криминално и коруптивно владеење, сомнежите за местење тендери, милионските зделки и богатењето поединци блиски до власта, како и за аферите „Дубаи“ и „Јахта“.
Одговори се потребни и за промената на името на Република Македонија спротивно на волјата изразена на референдумот, за штетните и понижувачки договори со соседите, тргувањето со националните и историските прашања, партизацијата на институциите и притисоците врз администрацијата.
Филипче и СДС треба да одговорат и за хаосот во здравството и образованието, економското пропаѓање, растот на јавниот долг, иселувањето на младите и распродажбата на државните и националните интереси. Конечно, јавноста заслужува да знае кој ќе понесе политичка и кривична одговорност за сето она што ѝ беше направено на Македонија.