Празникот Преображение Господово има посебно значење за Македонците од областа Голо Брдо, како и за македонското население од поширокиот дебарски крај во Албанија. На овој ден, црквата „Свето Преображение“ во селото Ербеле традиционално станува средиште на голем празничен собир.
Македонците по потекло од Ербеле, село во областа Поле, позната и како Долни Дебар, во Албанија, во близина на македонската граница кај Дебар, ја продолжуваат традицијата на одбележување на големиот христијански празник Преображение Господово.
Празникот е патрон на селската црква „Свето Преображение“, која датира од XII век. По тој повод, во Ербеле се собираат Македонци од родниот крај, но и оние што денес живеат во Тирана, Драч, Елбасан, Пешкопеја, Маќелара и во Македонија.
– На овој празник традиционално се собираме Македонците по потекло од Ербеле и Горно Крчишта, кои денес живеат во Тирана, Драч, Елбасан, Пешкопеја, Маќелара, како и во Македонија. Одбележувањето продолжи и денеска со заедничка трпеза, песни и ора и со споделување спомени за времињата кога тука живееле голем број македонски семејства – изјави Ернест Постоли за МИА.
За иселените Македонци, празникот претставува можност повторно да се сретнат со роднините и пријателите, да го посетат родниот крај и да ја обноват врската со своите корени.
Семејството Постоли е едно од неколкуте македонски семејства што останале да живеат во Ербеле и се грижат за црквата „Свето Преображение“.
Со храмот е поврзана и легенда што со години се пренесува меѓу жителите на овој крај.
– Постои легенда од пред многу години според која нешто огнено и црвено, секој 18 август, се спушта од црквата што се наоѓа на врвот на планината Крчин, на самата македонско-албанска граница, и оди право кон црквата „Свето Преображение“. Од црквата на Крчин денес се останати само темелите. Границата буквално минува низ средината на црквата, па еден нејзин дел се наоѓа на македонска, а другиот на албанска територија – додава Постоли.
Според жителите, на секој празник во црквата доаѓале не само православни христијани, туку и муслимани. Дел од нив преноќувале во храмот и се молеле за исцелување од различни болести, верувајќи во неговата чудотворна и исцелителна моќ.
За тоа сведочат и многумина што престојувале во црквата, уверени дека токму молитвата во овој храм им помогнала да оздрават.
Празник на заедништвото и македонската припадност
Особено значење има фактот што на празничните собири присуствуваат и православни и муслимански Македонци. Тоа сведочи дека заедничката традиција и чувството на припадност се посилни од верските разлики. Преображение ги собира луѓето околу заедничкиот македонски јазик, потеклото, обичаите и историската меморија.
Собирот во Ербеле не е само верски настан, туку и празник на единството на Македонците од овој крај. Преку средбите, заедничката трпеза, песните, ората и спомените се зачувува културното наследство и им се пренесува на помладите поколенија.

Црквата „Свето Преображение“ во 1973 година била прогласена за споменик на културата, а во 2018 година Бигорската свештена обител ѝ подарила 12 икони.
Во време кога голем број жители се иселени, ваквите празнични собири добиваат уште поголемо значење. Тие ја одржуваат живата врска меѓу родниот крај и иселениците и потврдуваат дека македонското присуство продолжува да живее преку луѓето, нивниот јазик, традицијата, верата и колективната меморија.