Кога одговорноста треба да ја понесе некој од редовите на СДС, настапува молк. Кога постои можност вината да се префрли врз Владата, веднаш почнува секојдневна кампања со обвинувања и соопштенија
Двојните стандарди на СДС најјасно се гледаат во нивниот однос кон две тешки трагедии што го потресоа полошкиот регион – пожарот во модуларната болница во Тетово и загадувањето на водата во Гостивар.
Во модуларната болница во Тетово на 8 септември 2021 година животот го загубија 14 лица. Луѓето што таму се лекуваа од коронавирусот, наместо спас и здравствена грижа, завршија во огнената стихија.
„Во модуларната болница во Тетово живи гореа 14 луѓе. Ќе повторам: живи гореа 14 луѓе“, порача премиерот Христијан Мицкоски, реагирајќи на одлуката на Обвинителството да го затвори предметот поврзан со јавните набавки и изградбата на модуларните болници.
Постапката била отворена на 10 септември 2021 година, а по речиси пет години проверки Обвинителството соопшти дека не утврдило основи за сомнение за злоупотреба на службената положба или за друго кривично дело што се гони по службена должност. Оваа постапка се однесувала на набавката и изградбата на 19 модуларни болници и треба да се разликува од судската постапка против раководни лица во тетовската болница.
Но токму набавката, проектната документација, техничките спецификации и начинот на изградба беа меѓу најважните прашања што јавноста ги поставуваше по трагедијата. Затоа одлуката предметот да биде затворен без утврдена кривична одговорност оправдано предизвикува револт и сомнежи.
Како е можно 14 луѓе да загинат во објект од јавниот здравствен систем, а по речиси пет години проверки да се заклучи дека нема основи за натамошно обвинителско постапување во делот на набавката и изградбата?
Кој ја одобрил техничката документација? Кој ги определил безбедносните стандарди? Кој го прифатил и пуштил објектот во употреба? Дали биле исполнети сите противпожарни услови и кој бил должен да го провери тоа?
Овие прашања не може да бидат затворени со едно соопштение. Одлуката на правосудните институции е скандалозна затоа што, и по пет години, јавноста и семејствата на загинатите сè уште немаат целосна и убедлива слика за институционалната одговорност.
Каде беше СДС?
Во времето на трагедијата со Владата и Министерството за здравство раководеше СДС, а министер за здравство беше сегашниот претседател на партијата, Венко Филипче.
Наместо да бара целосно расветлување на случајот и да инсистира на одговорност по целиот команден синџир, СДС денес се однесува како трагедијата да нема никаква врска со периодот на неговото владеење.
Нема секојдневни соопштенија. Нема прес-конференции. Нема барања за оставки. Нема повици до Обвинителството да ја преиспита одлуката. Нема ни приближно толкава политичка бучава каква што СДС создава за други случаи.
Молкот станува уште погласен затоа што на чело на СДС денес стои токму човекот што во времето на пожарот раководеше со здравствениот систем.
За Гостивар – секојдневни обвинувања кон Владата
Сосема поинакво беше однесувањето на СДС за време на кризата со загадената вода во Гостивар.
Иако градскиот водовод е под надлежност на ЈП „Комуналец“ и локалната власт, СДС речиси секојдневно испраќаше соопштенија со кои се обидуваше политичката вина да ја префрли врз Владата.
Во истрагата за загадувањето на водата беа опфатени раководни лица од ЈП „Комуналец“ – Гостивар. Надлежните институции утврдија дека во водоснабдителниот систем била поставена пумпа без одобрение, преку која вода од реката Вардар била внесувана во градскиот водовод. Беше поведена истрага за загадување на водата за пиење и за тешки дела против животната средина и природата.
Наместо одговорите да ги побара од локалната власт и од раководството на претпријатието задолжено за водоснабдувањето, СДС ја обвинуваше Владата – истата Влада што прогласи кризна состојба, испрати институции на терен и обезбеди вода за граѓаните.
Еден аршин за СДС, друг за политичките противници
Кога одговорноста води кон нивните поранешни функционери, СДС молчи. Кога вината е во институција под локална надлежност, се обидува да ја префрли врз Владата.
За трагедијата во Тетово, во која загинаа 14 лица – тишина.
За водата во Гостивар, каде што одговорноста се бара во локалното јавно претпријатие – секојдневни соопштенија против Владата.
Тоа не е принципиелна политика, ниту вистинска грижа за граѓаните. Тоа е селективна моралност и груба политичка злоупотреба на човечките несреќи.
СДС нема морално право да дели лекции за одговорност додека молчи за најтешките трагедии што се случија во времето на неговото владеење. Ако навистина се залага за правда, тогаш мора да побара целосно преиспитување на сите околности околу набавката и изградбата на модуларните болници.
Четиринаесет загубени човечки животи не смеат да завршат во обвинителска фиока. Семејствата на жртвите и македонската јавност заслужуваат одговори, вистина и одговорност – без оглед на партиската припадност и функцијата на оние што биле должни да спречат трагедија.