Култура и туризам

Црнобуки – пелагониско село

Црнобуки е пелагониско село со четиристотини жители и се наоѓа на стратешка позиција на само неколку километри пред Битола, помеѓу двете патни артерии кон Демир Хисар и Прилеп. До таму води патот за Демир Хисар преку Кукуречани, а веднаш потоа забраздува низ полето се` до реката Шемница, околу која се изградени куќите.

Селските ниви се распослани кон утробите на Пелагониската котлина до „прилепското џаде“ кај месноста Петилеб, а на другата страна над црквата се ридовите кои од памтивек селаните ги викаат Градиште. Од кај Лисолај, село со најубавото битолско грозје, земјен пат се искачува кон височините. Таму под самиот врв, во сува рида, зад едно големо дрво, од стените извира кладенецот Самовилец, кој никогаш не пресушил. Тука секогаш има оставено крпи, пари и други дарови. Селаните го сметаат за петочна вода. Од секаде доаѓаат жени што немаат пород. Оваа вода со својата мистичност и моќ, испиена во петок, помогнала намерничките да го добијат најпосакуваниот божји дар, породот и мајчинството, велат селските преданија.

Оттаму, кон долината на Шемница распослан е големиот рид Стари Град. На самиот врв има две пештери, во кои девет децении никој не влегол. Најстарите од Макаловци, Белокозовци, Брдаровци и другите црнобучки фамилии раскажуваат дека таму биле стационирани војските од Првата Светска Војна.

Во едната пештера бил лазаретот, а друга била магацин со муниција. Долу под селото се пресекувал фронтот и по Шемница течела крв до колена. До денес, овие тајни останаа неразгатнати, а уште помалку тајните од далечните времиња.
– Некогаш имаше околу осумстотини жители, а сега се уште четиристотини. Тука се живее од земјоделство, нивите се плодни. Такви беа времињата, многумина заминавме во градот и таму направивме кариера, но со срцето сме овде, зашто останаа многу тајни, загатки, преданија, неразјаснети топоними од далечните времиња, што нашите предци ги раскажуваа со векови – вели Мирко Брдаровски.

Преданија и артефакти

Од памтивек по нивите и селските дворови, селаните од Црнобуки наоѓале разни предмети од античко време: ќупови, амфори, мермерни предмети и монети.
Кога се направија колективите во времето на социјалистичките егзалтации и селски мачнини, возрасните беа загрижени за опстанокот на нивните семејства, а децата си играа со тие предмети. Никој не помислуваше дека тоа се скриените камчиња на еден голем мозаик, што по половина век и подоцна, ќе ги создаде дилемите, дека тука се крие колевката на последниот македонски цар Персеј и дека во утробите на Стари Град се крие царството Персеида. Селската чешма, која се напојува со изворска вода близу црквата, ја преместивме малку погоре од патот. Тука го поставивме мермерниот мозаичен камен, кој е пронајден во нивите и е од прастаро време. Сакавме да ја украсиме чешмата и симболично да потсетува за преданијата што со векови се плетат за ова место, велат селаните. Меѓутоа, посериозните размислувања дојдоа една деценија подоцна, откако мелничарот Драги Белокозовски во својата нива пронајде плоча со непознати натписи, која се` уште се наоѓа фрлена во неговиот двор, препуштена на забот од времето.
– Плочата ја пронајдовме со синот во нивата кај местото Врбец. Ја донесовме овде. Доаѓаат да ја толкуваат, но никој досега не успеа да ја прочита. Од прастаро време, тука се пронајдени повеќе предмети и монети. Арно ама, такво време дојде, повеќе никој ништо не кажува. Сите молчат. Верувам дека многу работи од тука заминаа во Грција – ни рече Драги Белокозовски.

Тој има седумдесет години и знае многу, а постарите што сега се покојни знаеле многу повеќе. Сите верувале дека некогаш вистината за античките времиња ќе излезе на виделина.

Човекот што ги заинтригира италијанските научници

Кирил Добрушевски е новинар и публицист, професор по италијански јазик што живее во Битола. Сестра му ги остави коските во Австралија, а неговите ниви во Црнобуки се испустени. Голем дел од татковото наследство го проголта национализацијата. Селото го носи во душата и сите сеќавања од детството, за пронајдените монети и други предмети ги преточи во голема мисија. Како претседател на Македонско-италијанското друштво, ги употреби своите италијански врски и ги заинтригира научниците, за расветлување на тајните на овие простори во кои е вгнезден еден дел од судбината на античките Македонци.
– Во 2003 година, на моја покана во Македонија престојуваше римскиот историчар Микеле Пацоло, кој е автор на големата монографија за Виа Игнација. Заедно со археологот Виктор Лилчиќ и покојниот Томе Јанакиевски ја поминавме целата траса на Виа Игнација од Ќафасан до македонско-грчката граница. Тогаш првпат се спомна постоењето на античкиот македонски град Персеида, за кој професорот Микулчиќ тврдеше дека го создал Филип Петти, по името на неговиот син Персеј (179-168 година п.н.е) и се наоѓа на локалитетот Градишта во Црнобуки.
Тоа во мене ја испровоцира идејата да се направи нешто повеќе. Идејата беше засилена во 2005 година со моето одење во Италија на Европските поетски средби. Домаќините не одведоа на гробницата на Персеј во местото Маљано де Имарси. Персеј во 168 година п.н.е, во Третата римско-македонска војна беше заробен и одведен во Рим во затворот Новертино, потоа во Алгофучанс, која била римска тврдина. Според некои автори, има разни датирања за неговата смрт, но бил измачуван од римските војници да не спие и затоа умрел, а според втората верзија, умрел од длабока разочараност за пропаста на македонското царство.
Во ноември минатата година битолска делегација ја посети оваа гробница која се наоѓа покрај сообраќајницата од античко време Виа Валериа. Така се роди идејата за одржување на меѓународен научен симпозиум со 20 трудови за Персеј, последниот цар на античка Македонија – ни рече Кирил Добрушевски.

Предизвикот на Стари Град

Жителите на Црнобуки немаат премногу време за историјата на своето село. Брзаат да ја завршат пролетната сеидба, која за нив значи живот. Панорамата од Стари Град исполнува со широкиот видик и неспокојство, што обзема со минатото длабоко затскриено низ милениумските епохи.

Тврдини, ковачници на пари, монети, војски. Тука била колевката на Филип, Персеј, Деметрие и нивните потомци, а не Пела во Грција. Не беше тешко искачувањето до стрмниот врв. Тешко е сознанието дека до пред педесет години ваквите откритија беа задушувани во корен. Сега се создава сонот за отворање на патот кон вистината. Колку тој пат ќе го измени животот на овие луѓе, а колку ќе ја осмисли нашата понатамошна судбина?

Престолнината на последниот македонски цар е во Црнобуки

Научниот симпозиум што го организира Македонското научно друштво од Битола, НУ Завод и музеј – Битола и Здружението за македонско-италијанско пријателство се одржа на 27 и 28 април, а беа поднесени 20 научни трудови од областа на историјата, археологијата, архитектурата, нумизматиката и други научни дисциплини.
– Овој симпозиум широко ги отвора вратите кон проучувањето на македонската античка историја, бидејќи досега малку е истражувано – вели битолскиот историчар Никола Миновски. Научниците изнесоа цврсти ставови дека Персеида е во Црнобуки, потврдувајќи ги тезите на археологот Виктор Лилчиќ.

– Сите факти треба да се изведуваат на логичен начин. Аполон-Аполонија, Александар-Александрија, Персеј-Персеида, Филип-Филипи и така обичајот македонските цареви да ги ставаат имињата на боговите и на царевите на градовите се совпаѓа со тоа на Персеј. Тука, на овој простор има прстен на развиени градови. Ако се почне од Стибера, Алкомена, Хискана, Лилинк, Хераклеја, Персеида, Пелагонија итн., тој круг до Лихнида се повторува.

Овој дел во Пелагонија е најбезбедниот царски крај во кој се најдуваат најголемите факти. Персеида дефинитивно е во Стари Град кај Црнобуки и треба да се отвори, да се испита. Центарот на македонското царство е тука. Овде ќе се најдат корените и на Филиповите градби, но и трагите од етапните градби 6-7.000 години наназад до неолитот, како што е во Породин. Во археолошката карта околу Црна Река многу се застапени артефакти од време на неолитот. Тие се` уште се растурени во нивите, се газат и се фрлаат. Треба парче по парче да се соберат, да се откријат буквите и да се состави распрснатата македонска историја – вели историчарката д-р Ангелина Маркус.

Таа тврди дека Филип Втори, кога се родил син му Александар, рекол дека насекаде ќе направи градови и тврдини. По неговиот урнек, Филип Петти за синот Персеј ја направил Персеида и таа е тука во Пелагонија.

Ангелина Маркус

Најново од: Култура и туризам

Археолошкиот локалитет „Церје“ кај селото Говрлево, Скопско и локалитетот „Кокино“, Кумановско

Церје, Говрлево, мегалитска опсерваторија Кокино, праисториска Македонија, археолошки локалитети во Македонија, древна македонска историја, бронзено време, праисториска археологија, древни македонски печати, културно наследство на Македонија Исклучително знаење за докажување дека постоела ПРАИСТОРИСКА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА имаат печатите од локалитетот ,,Церје” кај с. Говрлево близу до Скопје. Имено, археологот Милош Билбија во 1982 – 1983 година, при […]

Под Скопското Кале пред повеќе од 5.000 години постоела праисториска населба

Под денешното Скопско Кале, на просторот што со векови претставувал значаен стратешки и историски пункт, се кријат траги од животот на луѓето уште од праисторијата. Археолошките истражувања потврдуваат дека овој простор бил населен многу пред изградбата на средновековното и подоцнежното утврдување. Според археолошките наоди, на подрачјето на Скопското Кале постоела праисториска населба, чии почетоци се […]

МАНАСТИР „СВЕТА ПРЕЧИСТА“ – КРНИНСКИ МАНАСТИР, ДУХОВЕН БИСЕР НА КИЧЕВСКО

Манастирот „Света Пречиста“, познат во народот и како Крнински манастир, се наоѓа на падините на планината Врвои, на надморска височина од околу 920 метри, на приближно 12 километри од Кичево. Сместен во прекрасна природна околина, опкружен со планински шуми и чист воздух, манастирот претставува еден од значајните духовни, културни и историски споменици на Кичевскиот крај […]

Неолитска култура на Централниот Балкан и на Егејот

Во Тесалија, под името Сескло или прото-сескло, културата по локалитетот покрај Volos, потоа уште Pirosasos, па Ahilon, Agrissa, Otzaki, Sufli и Tsani култури. Следат културите: Elatia во Фокида, Heronea во Беотија, Nea Makri во Атика, Корин, Спарта и Лерна на Пелопонез, Knos и Kato лерапетра на Крит, Amorgos, Lemnos итн. на егејските острови. Археолошките наоди […]

Асеманово евангелие е средновековен македонски книжевен споменик

На фотографијата се гледаат два столба со глаголски текст и големи црвени иницијали. Страницата е дело на калиграфот Георги Гоце Дуртаноски, кој со својот препис го доближува до денешниот читател изгледот на еден од најстарите зачувани словенски ракописи – Асемановото евангелие. Глаголски ракопис од X–XI век Асемановото евангелие е напишано на старословенски јазик со обла […]

„Св. Преображение“ во Зрзе – од пештерните испосници до средновековниот иконопис

На врвот на бигорната карпа западно од прилепското село Зрзе се издига манастирската црква „Св. Преображение“. Под неа, по падините на карпата, се зачувани остатоци од монашка населба чии почетоци археолозите ги датираат кон крајот на IX век. Кога во XIV век била подигната црквата на горното плато, во пештерите под неа веќе со векови […]

Ангелот од Курбиново и загатката за непознатиот ктитор

Опис од приложената фотографија: Западната фасада на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, Преспа. На падините над Преспанското Езеро, кај селото Курбиново, стои еднокорабната црква „Свети Ѓорѓи“. Зад нејзината едноставна камена фасада е зачуван еден од највпечатливите фрескоживописи од крајот на XII век. Меѓу насликаните ликови, погледот најдолго се задржува на архангелот Гаврил. Наборите на неговата […]

Манастирот „Св. Рожденство на Пресвета Богородица“ во Согле

На околу три километри од селото Согле, во шумскиот предел на Азот, се наоѓа манастирот „Св. Рождество на Пресвета Богородица“. Комплексот е на територијата на Општина Чашка, на околу 30 километри југозападно од Велес. Од селото до манастирот води земјен пат. Манастир изграден со помош на околните села За почетоците на манастирот има малку пишани […]

To top