Култура и туризам

Мисијата на Апостол Павле во Македонија

Rublev_Paul

Започнало да се проповеда уште во апостолско време. По прифаќањето на христијанството, апостол Павле станал првиот проповедник на новото месијанско учење при своите мисионерски патувања. Апостол Павле, за време на својата мисионерска дејност, спровел повеќе мисионерски и благовеснички патувања, во текот на коишто тој го проповедал меѓу еврејското и паганското население.

Апостол Павле во Македонија бил четирипати. При второто мисионерско патување, во 50 или 51 година ги формирал црквите во Филипи, Солун и Берија (Дела 16,9-17,14). 2). При своето третото мисионерско патување, во 57 година, посетувајќи ги вторпат истите места. Заедно со Лука ја крстосувал Македонија, проповедајќи го Евангелието низ сите македонски градови до Илирик и до источниот брег на Јадранското Море. Во тоа време, во Македонија, го напишал и го испратил Второто послание до Коринтјаните (Дела 20,1; 2. Кор. 2, 12-13; 2. Кор 7,5-9; Рим 15,19; Дела 20,2). 3) Во 58 година минал по третпат низ Македонија, враќајќи се кон Ерусалим и ги посетил градовите по обратен ред: Берија, Солун, Филипи (Дела 20,3-6). 4) И, четврти пат, кога од Македонија го напишал и испратил Првото послание до Тимотеја, во 64/65 година (1. Тим. 1,3).

Своето прво патување надвор од Азија, апостол Павле го направил во Македонија.

Тоа започнало во 51 година, а завршило во 54 година, при што во текот на тие години апостолот Павле посетил и некои грчки градови, каде што, исто така, биле основани христијански црковни општини за што сведочат и „Делата Апостолски“. . На тие негови патувања го придружувале и Лука, Тимотеј, Сила и Тихик, кои и самите, независно од светиот апостол Павле, работеле на христијанизацијата на народот на овие простори. Низ Македонија проповедал и Апостол Андреја, кој го поставил Апостол Урбан за прв епископ во Македонија. Апостол Силуан бил првиот епископ на Солун, а Епафродит во Адрија или Адријакија (погранично место со Тракија). Од учениците, Аристарх и Секунд биле по потекло од Солун, Епафродит бил од Филипи, а Гај од Добер (Дервија) кој најверојатно се наоѓал накаде меѓу Струмица и Валандово.

Во тоа време Македонија била во составот на Римската империја, така што често ги менувала своите граници и својот етнички состав. Едно од првите споменувања за патувањата на апостолите во Македонија се наоѓа во Дела на светите апостоли најверојатно напишано од страна на апостол Лука, каде се вели:

… на Павлe му се јави ноќно видение: некој Македонец застана пред него и му се молеше, велејќи: „Дојди во Македонија – помогни ни! И кога го виде видението, веднаш побаравме да отидеме понатаму во Македонија, заклучувајќи дека Бог нè повикал да им го проповедаме Евангелието. Потоа отпловивме од Троада и патувавме право кон Самотрак, а на идниот ден во Неапол,

Rublev_Paul
Апостол Павле прв го проповедал евангелието во Македонија

Градот Филипи станал првиот град во Европа, каде што било проповедано и прифатено христијанството. Кога христијанството се пренесувало од Азија во Европа, првата црква на европскиот континент била формирана „,во Филипи, кој во тој дел на Македонија е прв град, римска колонија“ (Дела 16,12). Изразот „прв“ (prwvth), како што се заклучува според старите монети, се давал како епитет на главните градови на провинции, но и на некои значајни градови, а таков значаен град бил и Филипи, бидејќи бил градот на Филип и Александар Македонски.

Уште со самото пристигнување во Филипи, апостол Павле и неговите сопатници започнале да го проповедат христијанството. Слушателите на апостолот Павле пред сè биле Македонци, а тоа може да се заклучи од Посланието на апостол Павле до Филипјаните, каде се вели дека во Филипи имало многу мал број Евреи и Грци.

Во Филипи според Новиот Завет се случило и првото крштевање и тоа на Света Лидија Македонка. Така Лидија станала првата христијанка во Македонија и во Европа која го примила христијанството од апостол Павле. Евангелието кога стигнало во Европа не го пресретнале мажите, туку жените, бидејќи тие први се појавиле пред апостолите. Апостол Павле активно ги вклучил и жените во мисионерството и во евангелизацијата во ранохристијанската црква. Според верувањата, Света Лидија била гостопримлива па ги понудила апостолите да живеат во нејзиниот дом.

По заминувањето на апостол Павле со придружниците, се претпоставува дека апостол Лука останал да живее во куќата на Лидија. Куќата станала првиот христијански храм во Европа, по примерот од куќата на Марија, мајката во Ерусалим. Се смета дека Лидија е основоположник и на црквата во Тијатир која е една од седумте цркви во Азија, за кои што зборува свети Јован во Откровението.

Освен Лидија, во Библијата се спомнуваат и Еводија и Синтихија како и мажите Епафродит и Климент.

Единаесет години по заминувањето од Филипи, пред крајот од своето прво затвореништво во Рим (63/64 год. Филип. 1,25-26; 2,24; 4,22; 1,13; 1,1; 2. Тим. 4,9-10), на христијаните од првата Црква во Европа, апостол Павле им напишал Послание и го упатил „до сите светии во Христа Исуса, што се во Филипи, со епископите и ѓаконите“ (Филип. 1,1).

Откако го оставил во Филипи апостол Лука, апостол Павле со Сила и Тимотеј заминале за Солун. Тоа се случило во пролетта во 50-тата година по патот Виа Игнација, каде според евангелието по шест дена пешачење пристигнал во Солун. Таму неговата проповед ја прифатиле малкумина од Евреите, додака пак поголем број од оние кои го прифатиле неговото учење биле главно Македонци и Грци.

Апостол Павле, Сила и Тимотеј почнале да го проповедаат евангелието во куќата на Јасон, во неговата ткајачница, во приватни домови. И покрај првичните успеси (Дела 17:4) апостол Павле и неговите сотрудници морале ноќе да побегнат и да го напушти градот, бидејќи против нив се побуниле Евреите од Солун, припишувајќи им политички намери „против заповедите на ќесарот, изјавувајќи оти има друг цар – Исус“ (Дела 17:7).

Апостол Павле во Македонија се вратил по осум години. Според Второто послание до Коринтјаните:

Кога дојдовме во Македонија, никаков мир немаше телото наше; во сè бевме во маки; однадвор напади, однатре страв.

Самите прогонства придонеле христијанската заедница од тој крај повеќе да с зближат. Солунската црква апостолот Павле му дала и тројца сотрудници: Секунд – придружник на последното патување ( Дела 20,4; 27,28; Кол. 4,10; Филип. 1,24) и „Гај и Аристарх Македонци“ (Дела 19,29). Аристарх бил со него и во затворот во Рим.

Во 51 година, апостолите Павле, Сила и Тимотеј го напуштиле Солун и заминале во Берија, која се наоѓала во третата македонска управна област каде за прв сопатник на апостол Павле станал Сосипатр Пиров (Дела 20,4). Оставајќи ги Сила и Тимотеја во Берија, свети апостол Павле одлучил да ја напушти Македонија и, по море, заминал за Атина (Дела 17,15).

Македонија и Новиот Завет

Во Новиот завет Македонија и Македонците се споменати 28 пати во 24 стихови.

Делови од Библијата каде се споменува Македонија:

  • „Тој реши да се врати во Македонија…“ (Дела 20,3).
  • „И излезе за да тргне кон Македонија…“ (Дела 20,1).
  • „А кога Сила и Тимотеј слегнаа од Македонија, Павле беше…“ (Дела 18,5).
  • „Павле науми, откако ќе ја мине Македонија…“ (Дела 19,21).
  • „Ќе дојдам при вас, откако пропатувам по Македонија, оти ќе минам преку Македонија“ (1. Кор. 16,5).
  • „И преку вас да заминам за Македонија, а од Македонија пак да дојдам при вас“ (2. Кор. 1,16).
  • „Се фалам со вас пред Македонците дека Ахаја…“ (2. Кор. 9,2).
  • „Па, ако дојдат со мене Македонци и ве најдат неприготвени..“ (2. Кор. 9,4).
  • „Гаја и Аристарха, Македонци, Павлови придружници,…“ (Дела 19,29) итн.

Извори:

„Македонска Библија“. конс. 7 јули 2012.

„СВЕТИ АПОСТОЛ ПАВЛЕ И МАКЕДОНИЈА“. конс. 7 јули 2012.

„Пролог: Света Лидија“. 4 септември 2012. конс. 7 јули 2012.

Послание до Филипјаните 4:2

Послание до Филипјаните 4:3

Дела Ап., 17 глава

Најново од: Култура и туризам

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

На 19 септември 1992 година, во селото Стајковци, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата православна црква посветена на светите браќа Кирил и Методиј.

Со поставувањето на камен-темелникот започнала изградбата на нов духовен дом за православните верници од Стајковци – храм посветен на сесловенските просветители, чие дело оставило неизбришлива трага во духовната, културната и писмената традиција на Македонија и на словенските народи. Светите Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се меѓу најзначајните личности во христијанската и […]

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил […]

Македонскиот рубин – камен што го носи името на Македонија

Македонскиот рубин не е само скапоцен камен. Тој е природно богатство создавано во длабочините на македонската земја, минералошка реткост поврзана со прилепскиот крај и скапоценост што денес го носи името на Македонија во светот. Во белите мермери во околината на Прилеп природата оставила нешто навистина необично – кристали на корунд со розова, малинова и црвеникава […]

Струшки книжевни средби – 2026“: Празник на македонскиот пишан збор и книжевноста

На 20 септември се одржаа традиционалните „Струшки книжевни средби – 2026“, меѓународна книжевна манифестација што секоја година ги собира авторите и љубителите на литературата во Струга и Вевчани. Во градот на поезијата, каде што македонскиот пишан збор има длабоки корени и богата традиција, „Струшките книжевни средби“ и годинава живееја во ритамот на литературата, создавајќи простор […]

Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица

Дваесет и први септември е датум што во македонскиот историски и културен календар е поврзан со повеќе значајни личности и настани, а воедно има и особено место во духовниот живот на македонскиот народ. На овој ден Македонската православна црква – Охридска архиепископија го одбележува Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица. Според […]

Промоција на „Раскинување на договорот“ во „Матица македонска“ – Сотирис Минас, Гркот кој ја побара вистината и ја засака Македонија

Во присуство на бројна публика, на 19 септември во книжарницата „Матица македонска“ во Скопје беше промовирана двојазичната поетска збирка „Раскинување на договорот“ на грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас – автор кој нема македонско потекло, но сам го научил македонскиот јазик и преку своето творештво отворено проговори за Македонија, македонскиот јазик, идентитетот и правото на […]

Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор

Дали на Пеленица над Драчево навистина постоел манастир со необичното име „Свети Ерусалим“? Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор. Документите го потврдуваат името „Свети Ерусалим“, додека археолошките наоди сведочат дека Пеленица била значајно христијанско место уште во доцната антика. На само неколку километри над […]

To top