Дијаспора

Академик Виктор Фридман – американски лингвист и бранител на македонската вистина

Славе Катин

Славе Катин

Пријатели на Македонија

Виктор Фридман е американски лингвист, славист, македонист, балканист, граматичар и социолингвист, еден од најпознатите балкански слависти во светот. Ученик на Збигњев Голомб, еден од основачите на американската македонистика, Фридман работи во рамките на функционалната структуралистичка теорија на јазикот.

Тој е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1994 година и претставува своевиден амбасадор не само на македонскиот јазик, туку и на Македонија во Северна Америка и во светот. Преку својата наставна, научна и професионална кариера со децении придонесува македонскиот јазик, литература и култура да станат попознати и признаени во светот.

Виктор Фридман е роден на 18 октомври 1949 година во Чикаго. Дипломирал руски јазик и литература на колеџот Рид во 1970 година, а во 1975 година докторирал словенски јазици и литература и општа лингвистика на Универзитетот во Чикаго. Неговата докторска дисертација била на тема „Граматичките категории на македонскиот индикатив“, за која ја добил наградата „Марк Пери Галер“ за најдобра дисертација на Факултетот за хуманистички науки.

Од 1975 до 1993 година предавал на Одделот за славистика при Универзитетот во Северна Каролина, а во 1993 година преминал на Универзитетот во Чикаго. Има објавено повеќе од 200 публикации, а „Граматичките категории на македонскиот индикатив“ била првата публикација за современиот македонски јазик од ваков вид во Соединетите Американски Држави.

Фридман со децении се занимава со јазиците на Балканот. Во 1991, 2003 и 2007 година бил награден со златна плакета од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а во 1994 година бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите. Во 1995 година бил избран за член на Матица српска, а во 2004 година за член на Академијата на науки и уметности на Косово.

За време на југословенските војни, Фридман работел како политички аналитичар на заштитните сили на ОН стационирани во поранешна Југославија во 1994 година. Бил дел и од проектот „Јужен Балкан“ при Центарот за превентивни дејства на Советот за надворешни односи во периодот од 1995 до 1997 година, советник на Меѓународната кризна група во 1997 година, а работел и за Институтот за мир на Соединетите Американски Држави во 1999 и 2000 година.

Професор Фридман бил гостин-професор или гостин на голем број универзитети, меѓу кои Корнел, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Централноевропскиот универзитет во Будимпешта, Универзитетот во Кјото, Националниот универзитет на Малезија, Универзитетот во Хелсинки, Универзитетот во Приштина и Универзитетот Латроб во Австралија.

Истражувањата на Фридман се базираат на граматичките категории, особено на глаголите, контактот меѓу јазиците и социолингвистиката на Балканот и Кавказот. Објавувал трудови и книги посветени на повеќе јазици, меѓу кои албанскиот, ароманскиот, азербејџанскиот, српскиот/хрватскиот/босанскиот, бугарскиот, грузискиот, грчкиот, македонскиот, мегленороманскиот, ромскиот, романскиот, рускиот, таџикистанскиот и турскиот јазик.

Виктор Фридман има исклучително познавање на македонскиот јазик и одлично го зборува.

Долгогодишна поврзаност со Македонија

За првпат ја посетил Македонија во 1971 година, кога започнало и неговото познанство со авторот на овој текст, Славе Катин.

Бил предавач на Институтот за социолошки, политички и правни истражувања на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и на Меѓународната летна школа „Светлата страна на Балканот“ во 1999 година.

Во 2007 година го добил и почесниот академски степен Doctor honoris causa на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во 2009 година, заедно со македонската политичка партија „Виножито“ во Грција, учествувал во промоцијата на македонско-грчкиот речник, настан кој бил проследен со бурни реакции во дел од грчката јавност.

Голем дел од неговата богата библиографија е посветен на македонскиот стандарден јазик, неговата историја и дијалекти, како и на неговото место во словенскиот и балканскиот јазичен свет.

Во центарот на научното внимание на Фридман се македонскиот и балканскиот глаголски систем, а особено специфичните балкански категории, како адмиративот или, пошироко, нон-конфирмативот („прекажаноста“), субјунктивот и други.

Оваа проблематика се појавува уште во неговата докторска монографија The Grammatical Categories of the Macedonian Indicative (Columbus, 1977). Во неговите истражувања значајно место имаат и прашањата поврзани со номиналниот систем, неопределениот член, удвојувањето на објектот и други јазични особености.

Активното учество на професор Фридман во бројни научни славистички и балканистички тела, комисии и асоцијации придонесува за афирмацијата и сè поширокото познавање на македонскиот јазик во западниот свет.

Бранител на македонскиот јазик и идентитет

Како експерт и познавач на македонската историја, јазик и култура, академик Виктор Фридман јавно укажувал дека е време политичарите во Европската Унија да се соочат со фактот дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет постојат – и тоа не само во Република Македонија, туку и во други земји, вклучувајќи ја и Грција.

Според неговите ставови, македонскиот јазик и македонскиот идентитет постојат и се признаваат во светот, а нивното оспорување е одраз на сфаќања кои му припаѓаат на минатото, а не на XXI век.

Македонскиот јазик се предава и се изучува во Северна Америка, Австралија, Азија и Европа, вклучително и во земји од Европската Унија. Фридман укажува и на значењето на издавањето на современиот македонско-грчки речник во Грција, проект поддржан со европски средства.

За него, децениите посветени на изучувањето на македонскиот јазик биле, како што самиот вели, „од мерак за јазикот“. Според Фридман, иднината на македонскиот јазик е иста како и иднината на другите јазици и сè додека постои Република Македонија, ќе постои и македонскиот јазик.

Повеќејазичноста во Македонија, според професорот Фридман, се рефлектира и врз луѓето кои живеат на ова поднебје и претставува здрава подлога за меѓуетничкиот живот. Како пример го наведува традиционалниот дух на македонската чаршија, каде што трговците ги поздравувале муштериите на нивниот мајчин јазик – македонски, албански, турски или влашки.

Познатиот светски македонист, академик Виктор Фридман, е добитник на голем број признанија и награди во Соединетите Американски Држави, Европа и Македонија. Неговата повеќедецениска научна работа претставува значаен придонес за меѓународната афирмација на македонскиот јазик, македонистиката и македонската култура.

 

Најново од: Дијаспора

Македонија и Македонците ширум светот, поврзани под едно сонце

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ги повикува Македонците ширум светот да се вклучат во „МК Конект“ – платформата на волонтери-дописници на Македонската радио-телевизија и Агенцијата за иселеништво. Платформата произлезе од меморандумот за заемна соработка меѓу двете институции, со цел посилно поврзување на македонските иселеници со татковината. ОМД со гордост ја поддржува иницијативата и го поздравува нејзиниот […]

„Заветна“ — песна за нераскинливата врска со Македонија

Постојат песни во кои љубовта кон татковината се изразува како ветување. Таква е „Заветна“, во изведба на Пепи Бафтировски, со музика на Миле Барбаровски и текст на Георги Барбаровски — песна за страдањето, истрајноста и длабоката поврзаност на човекот со македонската земја. Уште во почетните стихови се навестуваат обидите Македонија да биде премолчена, сокриена и […]

Македонската дијаспора е нераскинлив дел од татковината и партнер во градењето на нејзината иднина

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Солинген, Сојузна Република Германија, заедно со членови на Извршниот комитет, присуствуваше на Третата конференција на задграничните комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Пред присутните делегати, Мицкоски ги претстави актуелните состојби во Македонија, економските резултати, инфраструктурните инвестиции и предизвиците со кои се соочува државата во услови на глобални енергетски и економски неизвесности. […]

„Повод“ – македонски глас од Сиднеј што ја поврзува дијаспората со татковината

Фиданка Танаскова Најновиот, 79. број на списанието на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, Австралија носи богат мозаик од книжевни осврти, културни настани и иселенички сведоштва, во служба на македонскиот јазик, култура и идентитет. Списанието „Повод“, едно од најреномираните македонски иселенички гласила во светот,  што го издава Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, […]

„Т’га за југ“ — песна за секое македонско срце далеку од дома

„Т’га за југ“ од Константин Миладинов е длабоко лична исповед за копнежот по родниот крај. Во неа, далечината се чувствува како студ во душата, а споменот на татковината носи светлина и топлина. Наспроти мракот, маглите и мразовите стојат Охрид, Струга, езерото и родните предели — места во кои поетот чувствува дека припаѓа. Желбата да добие […]

„Чувари на верата и македонскиот идеал“ – во Мелбурн одбележан Денот на македонската револуционерна борба

Со панихида, положување цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев и културна програма, македонската заедница оддаде почит на националните дејци и на архиепископот Ангелариј. Под мотото „Чувари на верата и македонскиот идеал“, Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија на 24 октомври го одбележа Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври. На настанот беше одбележана […]

Крис Петровски – од Битола до Холивуд

Актерот со македонски корени ја продолжува филмската приказна на својот роден град и ги охрабрува младите да веруваат во сопствениот талент. Кога ќе се спомене Битола, првите асоцијации се Градот на конзулите, браќата Манаки, филмот, театарот и препознатливата боемска култура. Но, културното богатство на еден град не се мери само со неговото минато. Неговата вистинска […]

ВО АВСТРАЛИЈА ЖИВЕЕ УШТЕ ЕДНА МАКЕДОНИЈА

Фиданка Танаскова   Во Скопје на 14 октомври промовирана антологијата со поезија „Илинден во нашите срца“ од членовите на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј Промотор на антологијата на овој свечен чин во Националната библиотека „Св. Климент Охридски“ на македонските поети од петтиот континент беше проф. д-р Виолета Ачкоска. Прекрасна октомвриско-роднокрајно-иселеничка промотивна вечер беше […]

To top