Среда, 26 Ноември 2014   
Македонија во очите на странските патеписци

makedonska-nacija-logo
Македонска нација

„Македонија, што се однесува до средствата за заштита и за бунт е во сосема поинаква положба од Горна Мизија, Србија и Босна и во тој однос имаат заедничко со Тракија и Бугарија. Оваа распределба, овој особен карактер на населението и главно неповолната местоположба, во која се наоѓа Македонија во однос на Албанија, се доведува секогаш судбината на оваа област да зависи од походите кои доаѓаат од југ, од север или од запад. Тоа е и причината за неуспехот на сите бунтови на христијаните во оваа провинција, како на пример во 1822 година (Негушко востание)“ - пишува Ами Буе на почетокот на XIX век

Ами Буе (16.III.1794 - 21.XI.1881) бил француски геолог кој подоцна станал австриски поданик. Роден во Хамбург, тој на 10 години останува сирак. Првичната едукација ја стекнува во Женева и Париз, а подоцна во Единбург студира медицина која ја напушта под влијание на Роберт Џејмс чии истражувања од областа на геологијата и минералогијата го инспирираат за понатамошната кариера. По дипломирањето во 1817 година се населува во Париз, каде станува еден од основачите на Француското геолошко друштво (1830), а подоцна и негов претседател (1835).
Учествува во неколку геолошки експедиции (Шкотска, Хебридски острови, Германија, Австрија и Јужна Европа) и е еден од пионерите на геолошките проучувања. Од 1841 г. живее во Виена од каде ги продолжува истражувањата на Балканот.

Меѓу 1836 и 1839 година заедно со топографот Огист Викенел, Ами Буе презема експедиција на Балканскиот полуостров каде врши меѓудругото и етнографски истражувања. Истата година, меѓудругите ја посетува територијата на Македонија, Тракија, Бугарија и Србија при што дава описи и мапирање на низа места, планини, реки и др. Врши истражувања по долината на реката Струма и Пирин, Шар Планина, по течението на Црн Дрим, при што посетува повеќе места во Македонија.

Во 1838-1839, повторно заедно со Огист Викенел, патува во Албанија и Босна. Двајцата ја одбележуваат планината Црна Гора (на север од Скопје) и го открива изворот на реката Јужна Морава. По враќањето во Париз ја издава книгата „La Turquie d'Europe; observations sur la geographie, la géologie, l'histoire naturelle (1840), која е едно од најважните истражувања за регионот во тоа време.

Во оваа книга, очигледна е намерата на Буе да се истражи Балканскиот Полуостров за да се видат можностите за странска интервенција за ослободување на христијанското население од Османлиската окупација. Опишувајќи ги овие можности, иако неколку години потоа ги поистоветува македонскиот и бугарскиот народ (1849), тој ги исцртува границите на територијата на Македонија. Во коментарот за географијата на Македонија тој го пишува следното:

„Македонија е една област која слично како и Шпанија е создадена за партизанска борба, бидејќи е полна со планински масиви од запад кон исток, додека други се издигаат на запад и исток речиси од север до југ. Ако се има предвид конфигурацијата на крајните предели на Родопите, би можеле да не водиме сметка за нивното влијание. Сепак, големите басени на Македонија, особено оние на Скопје, на Битола, на Бистрица (река во Егејска Македонија н.з.) и на Југ, како и природата на северните и источните граници многу ја намалуваат важноста на овие природни пречки.   

Родопите, како категорично ни изјави кнез Милош, е централна позиција во Румелија и е толку силна што оној кој ја владее ги има во раце клучевите на речиси цела Тракија, на голем дел од Македонија и на југозапад од Горна Мизија. Овој масив може да служи како центар за напади, а исто и за повлекување и за складирање, без некој таму да може да се пробие. Османлиите биле многу добро запознати и не дозволувале таму да се собира христијанското население, нешто кое тоа веднаш сакало да го направи. Всушност, ако се дозволело тоа, би се охрабрило населението, како и бунтовниците и прогонетите кои сеуште не биле достапни на правдата. Тоа би допринело во Центарот на Турција да се создаде една втора Црна Гора. Турците го намалиле бројот на манастири и монаси и дури на главните патишта на местото на христијаните, населиле Албанци – муслимани  или Османлии.Такво е особено потеклото на селата со турски имња меѓу Неврокоп и Филипопол (Пловдив). 

Разлог и Неврокоп поврзани со грамадната клисура на преминот Фил, се во средината на овие планини и околу овие бездни има само низа високи теснини, до кои се доаѓа преку редица планински премини. Така да непријателот може да ги преземе само со големи жртви, додека тие кои владеат со Родопите би можеле неказнето да разурнуваат во соседната рамнина и да се повлечат на сигурно место во планината. На исток, големата долина на Арда, овозможува упад и така ја намалува нејзината сила. Но ретките напади во оваа вдлабнатина покажуваат дека месноста во повисоките делови е тешко совладлива. На запад Рила и планината Крешна (Пирин) им обезбедуваат на владетелите доминација над долините расположени како на северозапад, така и на југоисток.

Од друга страна, во високите планини на Средна Македонија, кои се продолжение на Родопите, има многу силни позиции, кои господарот на овој планински масив може многу полесно да ги освои отколку ако би тргнал од југ...   
Освојувањето на овие планински венци од север е олеснета на друг начин, за кој веќе рековме, говорејќи за Горна Мизија. Но доколку се дојде до сртовите меѓу оваа месност и Македонија, Горна Мизија може да биде нападната лесно дури и низ повисоките делови на главните долини. Сепак не треба да се заборави дека за да се стигне дотаму, треба барем еден дел од мизиската земја да биде освоена.

Шар  со теснините создава еднаква пречка за поход како од Македонија кон Горна Албанија, така и обратно. Патот од Лепенец (Качанички приод) бил секогаш користен во такви случаи.

На запад Македонија, поделена од Албанија со високи планински масиви, постојат четири главни правци за напад и одбрана: теснината помеѓу горната долина на Вардар и Црни Дрим, преминот Битола кон Охрид, оној од Горица (Корча) кон Костур и оној кон Мецово.

Најмалку тежок од овие три воени патишта е овој од Корча кон Костур. Но доколку стигне до Костур, непријателот би се нашол во ќорсокак, зошто теснината на Наречка планина (Вернон) може лесно да биде затворен. Би можело да се испита заштитата на теснината кај местото Влахоклисура, но од југ би имале по едниот или другиот брег на Бистрица позиции кои би го натерале непријателот да го плати скапо освојувањето на оваа област.

Преминот од Албанија кон Битола е премогу згодно место за навлегување на непријателот. За среќа во Македонија, надвор од рамнината на Битола има и други доста силни природни заштити по теснините кои водат од таму кон внатрешноста. Најслабата точка, се чини, е Бања (непознато место н.з.), а најсилната кај изворите на Бистрица (Халиакмон). Заштитните можности на Плетвар и на Бабуна се исто така непогодни за подолготраен отпор.

Во правецот кон Мецово низ Гравена, напаѓачите кои доаѓаат од Албанија, имаат исто предност пред противниците, кои тука можат да им создадат само мали тешкотии во длабоките стрмнини, ридови, како и подолу во планинските приоди на Велвендос и планините северно од Кожани...   

Што се однесува до теснината меѓу Гостивар (Костово) и Црн Дрим, по неа Албанците, кои владеат со врвот на планината, би можеле полесно да се спуштат, отколку ако од таму би се враќале кон Дрим. Дрим е на пониско ниво од Вардар и минува низ една тесна клисура, додека Вардар минува низ една убава долина со благ наклон. Непријателот може да навлезе по овој пат многу лесно во Македонија, како и низ многу ниската теснина меѓу Тетово и Скопје и по долината на запад од Скопје би стигнал до овој проод исто без големи тешкотии.

Оттука предноста на Албанците или други непријатели на Македонија, кои доаѓаат од запад, пред бранителите на оваа земја е јасна. Ако ги разгледаме нештата од обратен аспект, ќе видиме дека поради споменатите теснини, Албанија е земја во која тешко може да се влезе. Едно влегување на запад од Гостивар (Костово) кон Црн Дрим би довело до ризик да се влезе во стапица, како што беше случајот со генерал Вандам в Шулм. При обид да се влезе во Охрид би требало да се префрла Багора (Баба Планина), но со опасност за странично отцепување поради надолжните албански долини. Со доаѓање во проодот напред се простира тесен премин по реката Шкумба, како и горостасните брегови на Охрид, испресечени со стрмнини, а исто така и планини меѓу Горче (Корча), а имено Коница и Томор. Теснината на Зигос кон Мецово се јавува на прв поглед како предност за војските, настапувајќи од Македонија, бидејќи, заземајќи ја теснината, со едно брзо спуштање би можеле да стигнат дури отаде Мецово. Но Албанците имаат во теснините на запад доста премини, каде би можеле да го запрат непријателот и дури да го опколат и победат.

Најслабата заштитена граница на Македонија е јужната. Навистина таа се граничи со морето и со носовите на Халкидики, кои претставуваат едно обемно крајбрежје. Но, планинскиот масив меѓу Тесалија и Македонија не е доволна пречка. Правејќи осврт во историјата, ние гледаме дека во Тесалија се навлегувало без проблем од Македонија и дека имало напади и во обратна насока. Го гледаме и Солун како дебаркационен пункт за освојување на Македонија (место за инвазија на страна војска). Планината Атос и другите полуострови можат да бидат користени како тврдини и прибежиште, но тие се многу отсечени од остатокот на земјата, за да имаат големо влијание врз нејзината судбина.

Со доаѓањето во внатрешноста ние забележуваме дека најслабо природно заштитени места се областите на Бистрица и местноста меѓу низините на Солун и Серес, додека Стримон и особено Вардар формираат од север кон југ една линија која барем тука негде може да има некакво воено значење при одбивањето на странични напади и секогаш служела како пат на освојувачите кои доаѓаат во Македонија од север или од југ. Најутврдените места се во центарот, на исток и север, меѓу протоците на Вардар и Стримон и сите се планински и ретко населени, додека градовите и најголемиот дел од населението е сконцентрирано во големите рамнини на Серес, Солун, Битола, Штип и Скопје, како и во пошириката околија на Бистрица, итн.

Впрочем ниедна област во Турција не нуди толку индустрија и природни богаства, така што наместо да има само селани подготвени доброволно да го сменат ралото со пушка, има и влијателни луѓе, понекогаш граѓани, добро запознати со целокупната политика и немаат намера да влезат во необмислен заговор, од кој не гледаат поволен исход. Тие би се пројавиле кога среќната веројатност е веќе присутна. 

Затоа Македонија, што се однесува до средствата за заштита и за бунт е во сосема поинаква положба од Горна Мизија, Србија и Босна и во тој однос имаат заедничко со Тракија и Бугарија. Оваа распределба, овој особен карактер на населението и главно неповолната местоположба, во која се наоѓа Македонија во однос на Албанија, се доведува секогаш судбината на оваа област да зависи од походите кои доаѓаат од југ, од север или од запад. Тоа е и причината за неуспехот на сите бунтови на христијаните во оваа провинција, како на пример во 1822 година (Негушко востание). Како што жителите на Горна Мизија, така и тие почуствувале дека без помош од север и неутралноста на Албанците, тие би биле поразени, уште повеќе, дека требало да стравуваат од едно истоварување на војски на егејскиот брег.

Ако замислиме дека еден таков настан би можел да се оствари со помош на една странска флота, на пример онаа на Грците, и ако Албанците би биле отсечени од Портата, тогаш Македонија би го отфрлила веднаш јаремот на ист начин како и Мизија. При сличен настан, суштинска разлика би била дека овде ќе се пролее многу повеќе крв отколку во Мизија, имајќи во предвид дека во Македонија има доста голем број турски села, какви не постојат во Мизија со исклучок на арнаутските. Сепак последните се наредени на едно место и во реалноста формираат еден круг. Не е таков случајот со муслиманските села во Македонија и Тракија“.

Во текстот видливо е дека Ами Буе во четириесетите години на XIX век ги опишува географските и етнички граници на Македонија. Односно говори за Македонија која го зафаќа средишниот дел на Балканскиот Полуостров и чии граници се следните: на север е оградена со планините Шар Планина, Скопска Црна Гора, Козјак, Осогово и Рила; на југ со реката Бистрица и брегот на Егејско Море до утоката на реката Места; на запад со билата на планините Кораб, Јабланица, Грамос и Пинд; додека на исток е оградена со западните падини на планините Родопи. Територијата се совпаѓа со басенот што се простира од запад на исток, реките Бистрица, Вардар и Струма и рамнините околу Солун и Сер. Македонија има карактеристичен рељеф кој во најголем дел е составен од планини кои припаѓаат на родопската група. На површина од 67.741 km2, застапени се повеќе котлини и природни езера.

 

На прво место

News image

ДУИ стана бренд на криминалот

Ковачки: ДУИ стана бренд на криминалот, криминална структура која не му мисли добро на сопствени...

Историја

News image

Декларација на Македонскиот комитет од Канада - Торонто, 10 август 1988

ДЕКЛАРАЦИЈА НА  МАКЕДОНСКИОТ КОМИТЕТ ОД  КАНАДА ЗА ЧОВЕЧКИТЕ ПРАВА И СЛОБОДИ НА МАКЕДОНЦИТ...

Иселеници

News image

ПАРТИЈАТА „ВИНОЖИТО“ ОД ЛЕРИН И НЕЈЗИНАТА УЛОГА (18)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

News image

ЕРУСАЛИМ – МЕСТОТО НА ГРОБОТ НА ИСУС ХРИСТОС (14)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Фељтон

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.